1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Визен карантин - припрост баварски лек!

Драгослав Дедовиќ / превод: ЕМФ29 јули 2015

Баварската ЦСУ се‘ погласно бара укинување на безвизниот режим за балканските земји. Тоа наводно би го намалило бројот на барања за азил во Германија. Тоа е правење сметка без крчмар, оценува Драгослав Дедовиќ.

Фотографија: picture-alliance/ZB

Во политиката важат само фактите кои придонесуваат за добро расположение на сопствените избирачи. Подгревање на атмосферата на сметка на луѓето кои бегаат од тешка сиромаштија, од прогон, војна, е додуша неморално, но е делотворно. Посебно за Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која уште од времето на својот речиси митски стилизиран партиски шеф Франц-Јозеф Штраус не трпи ниту една демократски легитимирана партија која би била подесно до нејзе. Затоа понекогаш оваа тврда конзервативна партија зграбува и идеи од дното на кацата. Наследникот на Штраус, Едмунд Штојбер, своевремено рече дека неговата партија не сака расно мешано општество, користејќи израз кој потсетува на вокабуларот на нацистите. А наследникот на Штојбер на кормилото на партијата и на местото премиер на Баварија, Хорст Зехофер, уште во 2009 година изјави дека Германија не е „социјална установа за цел свет“. Сега, очигледно, на ред се и балканските земји да послужат како платно за проекција за популизмот на партијата која со децении владее во покраината Баварија, а во сестринска прегратка со демохристијаните на Ангела Меркел во моментов е на власт и во Берлин. „И јас сум за тоа повторно да се воведат визи за луѓето од Балканот“, изјави баварскиот премиер Зехофер минатиот викенд.

Тој како искусен политичар знае дека заканата мора да биде уверлива, инаку брзо ќе се распрсне во празна приказна. Веродостојноста на Зехофер се заснова на инструментот кој на ниво на ЕУ е воведен во 2013 година, на инсистирање на Германија. Секоја држава членка може да бара привремено укинување на безвизниот режим за земјите од кои нагло ќе се зголеми бројот на одбиени барања за политички азил.

Тоа значи дека идејата на Зехофер е додуша популистичка, но нејзината реализација е во рамки на политички можното. Можеби Берлин во споменатиот инструмент се‘ уште гледа ултима рацио - последно можно средство и нема волја веднаш да ја преземе логиката на Зехофер. Но, тоа може брзо да се промени ако некој ја открие оваа тема во која било од претстојните предизборни кампањи. Граѓаните на Македонија, БиХ, Србија, Албанија и Црна Гора, кои се желни за патувања во Германија, брзо би станале колатерална штета на внатрешнополитичкиот штимунг северно од Алпите.

Сепак, постојат добри причини за Берлин без помпа да ја спакува идејата на Зехофер назад, на дното на кацата, добро да ја затвори кацата и веќе никогаш да не ја погледне.

Познато е дека балканските земји се се‘ уште во постпородилни маки, а се родија од војни и диктатури. Дека постои застој во реформите. Дека невработеноста е голема, особено меѓу младите. Дека демократијата е полустабилна, а медиумите полуслободни. Наспроти заморот од проширување на Унијата кој владее на Запад и транзиционите проблеми на Балканот, приклучувањето кон ЕУ засега е единствената ненационалистичка идеја која има шанси во регионот. А, единствената трага од позитивно присуство на Унијата на Балканот која е видлива за секого со голо око е безвизниот режим за патување на Запад.

Германија не би смеела да претера во реакцијата на проблемот со растечкиот број баратели на азил од Балканот со тоа што ќе ја отруе нежната билка на евроинтеграциите. Путинисти, исламисти и други ловци на човечки души одамна крстарат по Балканот. Ако Германија и ЕУ почнат премногу да личат на проблем, а не на решение, тогаш делови од обесхрабреното население ќе се свртат против силата која казнува. Тоа тогаш би значело менување на реформскиот потенцијал и повеќе демократски дефицит во тие земји. На крајот, примената на логиката на Хорст Зехофер среднорочно би довела до катапултирање на се‘ поголем број балкански очајници во зоната на германска благосостојба.

Уште една причинина која зборува против суспензија на безвизниот режим е простата вистина дека моменталната состојба за Германија не би се поправила, туку би се влошила. Најдобар пример се луѓето од Косово, на кои, како што е познато, им е потребна виза за влез во Германија. Токму бранот бегалци од Косово неодамна ги заплисна западните земји, пред се‘ Германија. Ништо не помогна ни визниот режим, што покажува дека таа административна рестрикција е целосно неделотворна во решавањето на проблемот на неконтролирана емиграција.

Драгослав Дедовиќ, уредник на редкацијата на ДВ на српски јазикФотографија: DW/P. Henriksen

И, на крајот, повторното воведување визи во балканските земји најтешко би ги погодило најслабите групи во општеството.

Набројаните земји веќе се во недоумица како да реагираат на заканата од суспендирање на безвизниот режим. Дали да ги спречат сопствените граѓани да патуваат? Познато е дека меѓу подносителите на барања за политички азил во Германија има многу Роми. Дали треба српската или која било друга полиција да фаќа луѓе по станиците само врз основа на слободна проценка? Дали врз основа на исгледот или потеклото да се извлекуваат луѓе од автобусите? Дали тоа би било во согласност со заедницата на вредности кои ги застапува ЕУ? Човековите права не се нешто што важи за едни, а не важи за други. Дури тоа би значело слом на вкупната европска хуманистичка традиција.

Од друга страна, доколку Германија би вовела визи за сите граѓани од петте балкански земји, во сите земји јавноста виновниците би ги видела во маргинализираните групи, социјално загрозените лица, Ромите, некои други малцинства. Ним би им било гарантирано распнување на столбот на срамот. Социјалните стандарди и еднаквоста на шансите за овие групи, и онака не премногу омилени кај мнозинското население, би биле уште подалеку од остварување.

Ако му поверувате на по некој германски политичар, растечкиот број на оние кои - со право или не - во Германија бараат заштита од политички прогон, би бил доволна причина за неколку балкански држави да се протераат во европски визен карантин. Лекот, според тој популистички рецепт, е толку прост, што попрост не може да биде. На човека му доаѓа да се нафрли со зборовите: Medice, cura te ipsum - докторе, прво излечи се себеси!

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми