1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Викенд на мртовци“ во Македонија

1 декември 2020

Или зошто еден „ведар национален нихилизам“ најмногу ќе придонесе кон решавање на македонското прашање. Пишува Ерол Ризаов

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Драмата во односите со Бугарија прерасна во црна комедија налик на култната театарска престава „Викенд на мртовци“. Ни вирусот Ковид- 19 не може да убие толку луѓе за два дена во цел западен Балкан колку што може Христијан Мицкоски со огнен говор во митингашки вознес да им ја „одере“ кожата на граѓаните на Македонија.

Мицкоски пред три дена осветлен од телевизиски рефлектори како национален херој и умислен спасител го откри обидот за убиство на Македонија. Со високо крената рака и приопшти на нацијата: „имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија. Се преговара за иднината на нашиот идентитет. Да не дозволиме, и од утре, секој нареден ден, внимателно да ја браниме Македонија и да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата. Тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот".

Би било многу трогателно и застрашувачки ако тоа го каже некој друг, а не Мицкоски на чии лаги и прогнози за катастрофи навикнавме.

Викендот помина, Македонија не се распарчи, верата и нацијата не се продадени, на никој не му е одрана кожата. Но, тоа не менува ништо, ако не минатиот викенд, тогаш, за идниот е презакажан погребот на Македонија  во Софија, а на Зоран Заев во централата на СДСМ, каде ќе биде замрзнат откако ќе биде изваден од фрижидер и одмрзнат Бранко Црвенковски. Така да ќе имаме два погреба, еден во Софија на Македонија, а еден во Скопје на Заев. Црвенковски, како митот за Волт Дизни, кој 11 години беше во хибернација на минус 100 степени, сега ќе оживее. Вакво нешто, не може да му текне да режира ни на легендарниот Коле Ангеловски, со извинување што во овој контекст го спомнувам, во ново продолжение на „Викенд на мртовци“. 

-претходни колумни: Да си ги признаеме нашите грешки

За голема среќа, или несреќа, за кого како, стаса демантот од Брисел. Последната вест е нема ништо од преговорите со ЕУ.  Оваа година нема да се одржи меѓувладината конференција. Е, сега можеме да земеме душа, нема преговори, нема предавство и распродажба на идентитетот и историјата. Кожата ни е спасена. Да не беа Мицкоски и Црвенковски отидоа во неврат и државата и идентитетот и историјата.

Недостасува само Никола Груевски

Така е тоа во Македонија, ако има преговори со ЕУ извршено е предавство, ако нема тогаш ништо, остануваме свои на своето. Но, владата и во двата случаи треба да падне и на предавниците да им се суди оти не се исполнети ветувањата дека годинава ќе почнат преговорите со ЕУ. За тоа има многу несоборливи докази. Прво тоа е интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарска агенција. Кажал нешто што кај нас не смее ни да се помисли, а не да се каже. Неколку реченици од телевизиско интервју прераснаа во документ за потпишана капитулација, сосема доволни да се читаат како опело и неопходност од замрзнување на членство во СДСМ и одмрзнување на одамна замрзнатите активности на двајца поранешни претседатели на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, на кои како на Ришеље им се потребни два збора од еден текст за да однесат човек на бесилка. Тоа е сосема нормално во ек на хистерија. Ако за едниот е разбирливо имајќи го предвид неговиот учинок да ги попречи евроатланските интеграции на Македонија, за другиот ич не е, пак имајќи ги предвид неговите заложби за членство во НАТО и ЕУ. Чудно, недостасува само Никола Груевски да се огласи од Будимпешта за неговите големи заслуги околу античкиот идентитет на Македонците и славното минато и одлучноста кога храбро ги попречи членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, најголемите стратегиски интереси на Македонија, но затоа ни го спаси идентитетот и историското минато. Но, затоа е тука неговиот намесник Христијан Мицкоски кој има генијално решение како да се решат проблемите со нашите пробламатични соседи. Мицкоски вели дека ако тој учествуваше во преговорите со Бугарија ќе почнел од први август 1947 година, Бугарите да ги платат репарациите на Македонија за злоделата за време на окупацијата од 1941 – 1944 година на Кралството Југославија и на Вардарска Бановина, се разбира поништувајќи го договорот од Блед меѓу Јосип Броз и Ѓорги Димитров. Какво воодушевување дури тоа би предизвикало во цела Европа. Бугарија во тој случај би била принудена да клекне на колена и да моли за простување. 

-претходни колумни: Конкурс за влада на национален спас

За Преспанскиот договор, Мицкоски со Грција веќе има подготвено нов подобар договор кој веднаш ќе го активира штом дојде на премиерската функција по вторпат како шпицен кандидат. Тоа се тие изливи како малиот Мицко ќе ги реши националните и историски прашања кои преку сто години различно се напластувале во главите на генерации и генерации во Бугарија, Грција и во Македонија.

Крунски докази за предавството

Интересно е што како докази за предавство не се фактите дека владата не излегла од рамките на овластувањата што ги има со усвоените договори во парламентот со Бугарија и со Грција за добрососедство, туку крунски доказ дека се распарчува Македонија е поддршката на Америка и на сите членки на ЕУ, освен Бугарија. Гласноговорниците на ВМРО ДПМНЕ проповедаат дека штом Америка и Западна Европа не поддржуваат и многу јасно соопштуваат дека билатералните проблеми меѓу државите не можат да бидат пречка за отпочнување на преговорите со ЕУ, тоа е многу опасна и сомнителна работа. Тоа е заговор на големите светски сили против кутра Македонија бидејќи не го поништуваат ветото на Бугарија. Јас пак наивен и одамна докажан предавник и странски платеник мислам сосема обратно. Штом Америка и Западна Европа и даваат подршка на Македонија и покрај сите препреки и одолговлекувања Македонија ќе ги почне преговорите и ќе стане членка на ЕУ како што стана членка на НАТО. Геополиотичката стратегија на големите западни сили и праведната страна на историјата тоа го налага. И така ќе биде, мачно и тешко ќе се спроведуваат реформите во наредните години за изградба на современо европско општество. Ако тоа не се случи дури тогаш ќе станат реални проценките дека може да дојде до поделба на државата, или како што вели Мицкоски до распарчување. Ама не затоа што има, туку затоа што нема договор. Ништо Македонија не остварила лесно низ целата своја историја. 

-претходни колумни: Последиците од бугарското вето

Инспирацијата за еден „ведар нихилизам' во овој текст ми ја даде познатиот белгиски историчар Рејмонд Детрез кој во интервјуто за Доче Веле, кое топло го препорачувам на нашите замрзнати и одмрзнати спасители, во кое тој вели: „Изградбата на македонската нација во ништо не се разликува од другите, вклучително и бугарската. Аргументот дека македонскиот јазик е „вештачки“ е бесмислен. Им советувам на Македонците да ја гледаат „Етажна сопственост“, а на Бугарите да гледаат „Преспав“, да си пијат заедно жолта и сливенска перла, да си ја гледаат работата и да не се занимаваат повеќе со национални симболи и потсмеви, да го заборават минатото кое ниту ги храни, ниту ги грее. Еден ведар национален нихилизам најмногу ќе придонесе кон решавање на македонското прашање.“

Ех, господине Рејмонд лесно ви е вас ова да го кажете да го препуштиме минатото на науката, научниците да си ја чукаат главата со македонските и балкански замрсени состојби. Како што велат Гермаците со мацедонише цуштенде. Вие сте белгиски историчар кој го проучува Балканот без пристрасности и емоции. Ние сме Балканци кои не можеме да ја научиме Европа и кога сме во истото семејство. Страдаме од малку знаење и многу емоции.

Голема е горчината што нашите пријатели ни ставија блокада

26:25

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми