1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Викиликс ги разоткрива хакерските орудија на ЦИА

СН/ агенции
8 март 2017

Ден по најголемото објавување на тајни документи на ЦИА, се покажуваат размерите на разоткриените хакерски алатки. ЦИА систематски ги искористувала безбедносните дупки во смартфоните, компјутерите и електронските уреди

USA Lobby der CIA Hauptquartier in Langley, Virginia
Фотографија: Reuters/L. Downing

Интернет платформата Викиликс вчера соопшти дека започнува со објавување на делови од своето „најголемо откритие досега“ со огромно количество документи кои американската тајна служба ЦИА ги означила како строго доверливи. Во соопштението беше наведено дека ќе се откриваат детали за тоа како ЦИА создала и спроведувала глобална хакерска програма.

Истотака, агенцијата злоупотребувала бројни популарни производи од најголемите технолошки компании како што се „Ајфон“ од компанијата „Епл“ и уредите со оперативен систем „андроид“ од компанијата „Гугл“, оперативниот систем „Виндоус“ од „Мајкрософт“ и телевизорите на „Самсунг“ и ги претворала во „свои орудија“ и „скриени уреди за прислушкување“.

Викиликс тврди дека до тие информации дошле од мрежата која ја користи Центарот за сајбер разузнување на ЦИА во Вирџинија.

Изворот, како што се наведува во соопштението на Викиликс“ навел оти причината за откривањето на овие податоци е иницирање јавна дебата за безбедност, креирање, употреба и демократска контрола на сајбер-оружјата.

Документите кои се објавени се од периодот од 2013. до 2016. година. Тие се наречени „Vault 7“, а првиот дел од документацијата која е објавена е „Year Zero“ (Нулта година) и таа содржи над 8.000 документи. „Year Zero“ открива на кој начин ЦИА ги шпионира луѓето ширум светот со помош на уреди кои секојдневно ги употребуваат.

Фотографија: wikileaks.org

Еден од примерите е тоа дека ЦИА и британската разузнувачка служба МИ5 заедно направиле малвер кој ги инфицира „телевизорите на Самсунг“ и ги претвора во прислушни уреди.

Натаму се наведува како ЦИА собрала голем број податоци за слабостите на разни софтвери кои ги прават гигантите како што се „Епл“, „Мајкрософт“, „Гугл“ и останатите компании, но тие компании не ги информирала за слабостите туку ги експлоатирала за шпионажа.

Потврдено е оти ЦИА пронашла начин да ги заобиколи енкрипциските кодови на апликациите како што се „ВатсАп“ и „Телеграм“.

Во еден од објавените документи е наведено дека и американскиот конзулат во Франкфурт е сокриена хакерска база која ја користи ЦИА. Додека американската влада не сакаше да ја потврди автентичноста на документите објавени од Викликс, експерти ги оценуваат податоците како важни и веродостојни. 

Како што е соопштено од Викиликс, бројот на документи ја надминува бројката која од Националната служба за безбедност (НСА) ја објави поранешниот вработен Едвард Сноуден.

Викиликс наведува оти од 2001. година ЦИА „добила политичка и буџетска надмоќ“ во однос на НСА. „Свиркачите“ од платформата велат дека ЦИА има своја флота хакери и оти на некој начин создала сопствена НСА. Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж живее во амбасадата на Еквадор во Лондон повеќе од 4 години, бидејќи стравува дека ќе биде екстрадиран во САД, каде е обвинет за објавување на доверливи дописи од американската дипломатија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми