Габер: Македонско-грчкиот дијалог треба да биде патоказ
25 декември 2020Работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, подолг период е под критики од бугарски политичари и историчари за неефикасност, опструкции, бавност во работата и со очекувања за што побрзи резултати. Во сенка на тој процес засега се одвива работата на македонско-грчкиот Заеднички интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања (ЗИКЕ). За тоа како се одвива работата во овој Комитет, во каква атмосфера и со какви предизвици се соочува, разговаравме со македонскиот копретседавач на ЗИКЕ, Виктор Габер.
ДВ: Работата на Комитетот со кој копретседавате, е прилично тивка, во споредба со работата на македонско-бугарската Комисија. ЗИКЕ редовно, но прилично воздржано информира за одржаните состаноци, па јавноста нема многу информации до каде е со работата овој Комитет оформен со Договорот од Преспа, особено, откако грчкиот состав доби нови членови.
Виктор Габер: Па еве, во втората половина на годинава почнавме подинамично да работиме на реализација на поставените цели од член 8 став 5 од Договорот од 2018 година. Заради изборите во двете земји и пандемијата, една година немавме директни состаноци со грчката страна, но овој период го искористивме за анализа на постојните и нови историски и образовни содржини и искуства на другите земји во третманот на оваа материја. Оваа година имавме два онлајн состаноци – во октомври, и во декември. Видовме дека и новиот состав на грчкиот дел на ЗИКЕ исто така опстојно се подготвувал за годинашниве средби, што верувам дека севкупно ќе придонесе за постигнување пообјективизирано проучување и предавање на историските содржини во двата образовни системи. Досега двете страни ги изнесовме своите искуства во проучувањето и предавањето на историјата.
ДВ: Дали има значајни разлики во третманот на конкретни историски настани и личности кои оставиле траги во тие настани? Постојат ли разлики во образовните системи?
Основата на нашиот актуелен образовен систем е онаа од заедничкото опстојување во време на федерацијата, што по 1991 година беше надоградена со елементи вградени под влијание на еден „разбуден“ национален наратив. При третманот на историјата како наука и едукативен предмет како да се вршеше објективизирање на фактографијата, која беше критикувана дека била селективна и „бриши-пиши“ историја, но и со скромно вградување на моделите присутни во проучувањата на историчарите од западниот свет. Едноставно, нашите историчари се повеќе совладуваа странски јазици и осознатото оттаму го споредуваа со наученото од повоената генерација историчари. Себеси и новите генерации ги збогатуваа со пошироки сознанија – што било, зoшто било, во кои услови било нешто што се случило во минатите времиња.
Повеќе:
-Заев во Атина: Стари пријатели и нови пријателства
-Се состана македонско-грчкиот комитет за учебниците
-Неславен јубилеј: 15 години од кандидатскиот статус за ЕУ
Работејќи на оваа материја, можам слободно да наведам дека ние забележуваме дека и кај нашите соседи е присутен овој тренд на продлабочено, но воедно и сомничаво проучување на националната историја која актуелно се предава, а јасно и недвосмислено преиспитувана од страна на научници по потекло од овие земји кои работат во светските научни центри. Меѓутоа, влијанието и придонесот на сите нив сè уште се доста лимитирани во конципирањето на државните програми по историја и во пишувањето на учебниците кои актуелно се користат во образовниот систем на балканските земји. Затоа можеби е и таква жестока одбраната на стекнатите позциции на локални историски наративи, етаблирани како наука и образование од времето на зацврстувањето на нациите кај овие народи.
ДВ: Ако постои таква задршка, зарем не станува збор за една голема дискрепанца, со оглед дека говориме за земји кои се во ЕУ и земји кои тежнеат кон евроинтеграција?
Тоа е евидентно и заради недоградениот интегративен систем во самата Европска унија. Образованието сè уште е оставено во „третиот столб“ на ЕУ – како суверено право на секоја земја членка, а со тоа и на оние кои се подготвуваат да станат членки. Па се прашувам, како се замислува градење на нови генерации кои во иднина треба заедно да дејствуваат, а меѓусебно да не се разбираат и да ги повторуваат историските приказни кои довеле до конфликти меѓу нивните претходни генерации и до невидени трагедии. Не, никој не може да ми/ни ја напише историјата, да ми/ни го смени потеклото како што го имам/имаме осознаено. Но науката, мултиперпективноста во продлабоченото толкување при третманот на појавите и во случајов на историските настани, секако ќе доведе до објективизиран, солиден опстој и на националните и на колективните наративи. Се надевам дека сите видовме што создадоа едностараните, егоистички и ексклузивистички наративи...
КБ: Дали сте на добар пат за таков објективизиран пристап? Има ли солидни основи да стигнете до целта- историјата да не претставува конфликтна супстанца во едукацијата на актуелните и следните генерации во Северна Македонија и Грција?
Реално, ние пред нас имаме една нормативна алтернатива, а тоа е Договорот од Преспа и во него стипулираната обврска за унапредувања, но и таа е со задршка во употребениот израз „доколку најдат за потребно“. Ние работиме таа обврска нас да не нè „гуши“ во постигнување на крајната цел: до Високиот совет за соработка на двете влади да поднесеме препораки за усогласено третирање на теми од историјата и археологијата во програмите и во учебниците, на начин што кај новите генерации нема да предизвикуваат меѓусебен анимозитет, туку ќе придонесат за разбирање на „другиот“ и искрена соработка со него. А сметам дека е воспоставено солидно ниво на дијалог, кој од средба во средба добива се постручно третирање на историјата како наука и образовен систем, а не само бирократско исполнување на некои точки и потточки, за формално задоволување на постоењето на самиот ЗИКЕ. Таквиот пристап ни го олеснуваат и утврдените принципи и цели на УНЕСКО и Советот на Европа за изучување на историјата, а наведени и во Договорот од Преспа.
ДВ: Може ли да се рече дека создавате уникатна пракса на овој план, барем на Балканот?
Не, мислам дека членовите на ЗИКЕ немаат таква намера, туку се водиме од духот на Договорот од Преспа. Воедно пред себе ги имаме и искуствата од процесот на надминување на ексклузивните национални наративи меѓу Германија и Полска, и Германија и Франција. Тоа бил и долг процес на општествени промени, кој таму веќе резултира со печатење и на заеднички учебници по историја. Во балканскиве услови на промени на политички системи тоа сè уште е и болен процес, меѓутоа споменатите европски искуства и нивните „жртви“ за подобра заедничка иднина ни даваат надеж и сили за релативно побрзи резултати. Македонско-грчкиот дијалог за овие теми не треба да биде уникатен, туку треба да биде патоказ и да отвори простор за слични такви процеси меѓу другите балкански земји, секако прилагодени на нивните објективни услови. Па нели сите земји на Балканот и нивните народи сакаат да градат европска иднина?
ДВ: Но, сепак постојат ограничености кои треба да се надминат?
Па постоеле и постојат, и затоа е формиран ЗИКЕ – тие да се надминат. Се работи за два различни образовни система, два историски наративи за настани кои ги тангирале двата народа, нивните национални визии етаблирани од интелектуалните и политичките елити пред, и во времето на Студената војна. Основна цел ни е тие наративи, третманот на минатото да се доведе до поднослива и беневолентна форма во образованието на новите генерации. Тоа е долг и за остварување на плебисцитарните определби на народите за усвојување на заеднички вредности, кои макар и формално, колковијално, па и пежоративно да ги нарекуваме европски вредности.
ДВ: Дали има отпори во овој приод, во средини што не сакаат да прифатат такво прилагодување?
Повеќе би рекол дека во некои средини се работи за инерција и сомничавост дека изнесувањето и на други сознанија, независно колку се аргументирани, ќе го наруши не само нивниот комодитет и ексклузивност во тертманот на историските настани и личности, туку дека тоа драстично ќе може да влијае и на „погрешно“ едуцирање на новите генерации. Промените и отворањето кон нови простори, на пример, на до вчера нетретирани „бели петна“ во историјата, секогаш создаваат отпор на етаблираните субјекти во сите области на животот, сакале ние или не! Еве, современата историска наука се помасовно користи антрополошки, социо-економски, културно-психолошки методи во истражувањето на минатите настани. Мултиперспективноста веќе е составен дел на тие истражувања и со сето тоа се побиваат и многу политикантски флоскули, од ексклузивни национални вистини – до тврдења за применана „историски инженеринг“.
ДВ: Во овој контекст, како ја оценувате најавата за реформи во основното образование: само како наша автентична потреба или еден дел и во корелација со историските прашања за кои разговараме со соседите?
Јас не сум член на таа комисија од дузина членови кои го скицирале нацртот за нова образовна реформа, но кога би бил - секако би се водел од веќе горе споменатите принципи кои значат редефинирање на проучувањето на историјата во коерелација со останатите науки. Па и лично, дома имаме искуство со нашата ќерка која во Италија заврши четири одделенија основно образование по слични методски постапки што сега кај нас, барем според тоа што јавно се соопштува, се предлагаат. Како родители ние со задоволство го следевме нејзиниот развој, иницијативноста, мотивацијата за сè понови сознанија преку перманентни прашања, барање одговори, консултација на поширока литература. Тоа што најавениот нацрт на реформа во образованието се совпадна со разговорите со соседите во кои се третираат и историски прашања, не сметам дека може да е причина и последица. На крајот на денот, животот има потреба од промени, ако е статичен за никого не носи развој. Одговорните општествени фактори треба да се свесни дека перманентно мораат да го реформираат општеството, областите за кои се надлежни. На нив е реформите да ги изведат на начин и во време кога тие би дале најповолни резултати.