Унгарскиот врвен популист, Виктор Орбан, целосно ja отфрла секоја форма на миграција и одбива да го почитува правото на ЕУ. Тоа на унгарскиот премиер не смее да му помине, порачува Бернд Ригерт.
Реклама
Со своето интервју за германскиот таблоид „Билд“, унгарскиот премиер Виктор Орбан по којзнае кој пат ѝ објави војна на ЕУ. Орбан инсистира на тоа дека тој не мора да се придржува кон пресудата на Европскиот суд на правдата, која тој ја нарекува „срамна“. Тоа е погрешно. Се разбира, Унгарија, Полска, и секако Германија, како и сите други земји членки на ЕУ мора да ги почитуваат пресудите.
Лажни вести на еден популист
Во спротивно ќе биде поткопана правната основа, темелот на Европската унија. Унија во која не се придржуваат сите кон владеењето на правото не е Унија. А тоа го знае и Виктор Орбан. Погрешна е неговата аргументација дека пресудата која ја принудува неговата земја да прима редистрибуирани бегалци од Грција и од Италија е ирелевантна. Прераспределбата на бегалците потврдена од Европскиот суд на правдата беше ограничена на две години и навистина истече во минатиот септември. И покрај тоа, таа треба да биде имплементирана. Барем така гласи пресудата. Тоа го знае и Виктор Орбан. Па сепак, тој за весникот „Билд“ го тврди спротивното. Лажни вести од еден популист.
Генералното одбивање да се прифатат бегалци од муслиманска вера во Унгарија, бидејќи сите тие се „напаѓачи“, е целосна бесмислица. Станува збор за бегалци од сириска граѓанска војна или баратели на азил чие барање за заштита е веќе утврдено во Грција и Италија. Само такви лица беа вклучени во програмата за редистрибуција на ниво на ЕУ. Во меѓувреме, станува збор за само уште неколку стотици луѓе. И тоа, исто така, би требало да му биде познато на Виктор Орбан. Но, со неговите популистички слогани, тој, за жал, може да поентира кај населението во Унгарија, кое се чини дека паушално ги отфрла муслиманите.
Унгарскиот премиер притоа свесно во исто лонче ги става бегалците, барателите на азил и илегалните мигранти и паушално го одбива приемот на кои било од овие луѓе. И ова исто така е чист популизам и нема никаква врска со реалноста. Европската Унија во никој случај не ја принудува Унгарија да прифаќа мигранти кои немаат шанса за добивање на азил. И Европскиот суд на правдата не го прави тоа. Пресудата исклучиво се однесува на луѓето чиј статус на заштита веќе е загарантиран.
Бараната дускисија е веќе во тек
Сега мора одново да се дискутира, бара унгарскиот искровоколчувач на факти. И во право е. Во ЕУ веќе две години се разговара за реформа на постапката на примање и распределување на барателите на азил и на бегалците во ЕУ. Меѓутоа, досега, Унгарија, Полска, Чешка и Словачка блокираа каков било договор бидејќи одбиваат секаква солидарна распределба на бегалци според квоти, дури и во исклучителни ситуации.
Солидарноста за Виктор Орбан значи да го прави прави само она што тој го смета за корисно. Тоа не може да остане така. Бидејќи финансирањето од Брисел му се допаѓа на Орбан. За оваа форма на солидарност во ЕУ, државите нето-уплатувачи во буџетот на Унијата - најголема меѓу нив е Германија - дефинитивно мора да размислат. И за тоа, новата година нуди добра можност. На крајот од краиштата, треба да се дискутира не само за миграциската политика, туку и за идната финансиска рамка на ЕУ и конечно на лето да биде донесена одлука.
Луѓето на Балканската рута
Стотици илјади луѓе пред една година патуваа кон север преку Балканската рута. Подоцна бројот на бегалците значително се намали, но сѐ уште преку Балканот минуваат илјадници луѓе. Марија Илчева сретна дел од нив.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Родено во бегство
„Во Грција сме од пред шест месеци. Нашето бебе е родено во Турција“, раскажуваат Ахмад и Винус. Тие доаѓаат од село во близина на Латакиа. Во руските бомбашки напади загубиле сѐ.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Десет години бегалец
Абдуламир има 49 години. Последните 10 години овој Ирачанец живее во бегство. Во февруари 2016 дошол во Грција. „Непосредно пред грчкиот брег се појави брод на турската крајбрежна стража. Тој предизвика големи бранови. Смртно се преплашивме.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Кон Германија, „како и останатите“
„Во Бугарија стигнав вчера - преку Турција. Одам за Германија, како и останатите“, вели со широка насмевка 18-годишниот Фарман од Пакистан. „Германија е многу убава. Таму сакам да работам како готвач. Можам многу добро да готвам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Кон Германија - по секоја цена“
„Србите по трет пат ме вратија назад во Бугарија. Но, ќе се обидам повторно. Одам за Германија, по секоја цена“, вели 28-годишниот Пакистанец Васим (со бела маичка). „Многу други успеаја, ќе успеам и јас.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Две семејства од Кина
Во бугарскиот бегалски камп Пастрогор доминираат млади луѓе од Авганистан и Пакистан. Таму живеат само две семејства. Тие се Монголци од Кина. И тие сакаат во Германија. Доаѓаат од Шилин Гол во автономната територија Внатрешна Монголија во НР Кина. „Постојано сме изложени на репресии поради тоа што сме Монголци.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Во Германија за да биде таксист
Патот од Пакистан до Германија го чини 6 илјади американски долари. Али (лево) е две недели во бугарскиот камп Пастрогор. Сега чека повик од шверцерот. „Морам да заминам за Германија. Мора да ја поддржувам финансиски мојата фамилија во Пакистан. Можам да возам такси.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Христијанин меѓу муслимани
„Јас сум христијанин и постојано сум навредуван од муслиманите во овој бегалски камп“, вели 22-годишниот анестезиолог од Иран. „Можам да си претставам да живеам во Бугарија. Само морам задолжително да се тргнам од луѓето со поинаква вера. Тие ми додеваат.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Вратете ме назад“
„Please, Mister, please, deport. Pakistan“, го моли овој човек (десно) раководителот на сместувалиштето за бегалци во Пастрогор. Неговото дете тешко се разболело и тој бара да го вратат кај него. „Патувањето за Европа беше грешка“, вели тој. Не е единствениот што мисли така. Назад сакаат и некои бегалци од Авганистан.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Тепан од полицајци
Хорам од Пакистан неколку дена е во бегалскиот камп во српскиот град Суботица. Тој веќе се обидел да ја мине границата со Унгарија. „Таму бев брутално истепан од унгарски полицајци. Зошто? Не разбирам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Посредно преку Италија
Омар Хидад е во бегство 11 месеци. 23-годишниот Пакистанец во меѓувреме е во Србија. Од Суботица сака да продолжи за Италија. „Таму добиваме азил многу бргу. Потоа ќе можеме да патуваме каде што сакаме“, се надева Хидад.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Надеж за враќање
„Две недели сум во Келебија и се надевам дека наскоро ќе смеам да поднесам барање за азил во Унгарија“, вели ова момче од Сирија на српско-унгарската граница. „Кога војната во Сирија ќе заврши, ќе се вратам назад. Сирија е моја татковина. Моето срце ѝ припаѓа нејзе.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Меркел нѐ покани“
„Што направи госпоѓа Меркел?“, прашува ова момче од Авганистан. Тој една недела е во транзитната зона на српско-унгарската граница. „Таа нѐ покани и сега? Сега ги затвори границите. Зошто?“