1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вилатa „Водно“ како куќата на Моне

1 декември 2017

Упатени во разговорите во вилата „Водно“ тврдат дека не се прави никаков „пазар“ туку се разговара за односот на пратениците кон претстојните приоритети- пакетот реформски закони за откочување на евро-атлантските процеси

Mazedonian Präsident Gjorge Ivanov PK
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Синоќа во Кабинетот на претседателот на Република Македонија „Вила Водно“ се одржа уште една средба, на која за разлика од претходната на која присуствуваа само премиерот Зоран Заев и Никола Груевски, овојпат биле присутни и претседателот на Собранието, Талат Џафери и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Од Кабинетот на Иванов соопштија дека средбата се реализира како резултат на претходно започнатите разговори.
„На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија и се разговараше за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, која што предизвикува загриженост кај граѓаните. Соговорниците се согласија дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија. За прашањата кои предизвикаа интерес на оваа средба, разговорите ќе продолжат и во иднина“, соопшти Кабинетот на Иванов.

Фотографија: Petr Stojanovski

Нема пазарење

Ваквото соопштение предизвика многу коментари на социјалните мрежи во стилот - дали Груевски се пазари, односно бара слобода за осомничените за насилствата од 27-ми април во замена за поддршка на реформските закони во парламентот?

„Пак ќе се преговара зад затворени врати и далеку од очите на јавноста?“ праша Џабир Дерала од граѓанската организација „Цивил“.

„Не е јасно зошто би се среќавале овие високи државно-партиски функционери, ако во земјата конечно профункционирал, колку толку, правниот систем. Граѓаните очекуваат повеќе информации, а секако и повеќе и подинамично враќање на владеењето на правото во земјата“, потенцира Дерала.

Извори упатени во разговорите во вилата „Водно“ за Дојче веле тврдат дека не се правел никаков „пазар“ туку се разговарало за односот на пратениците кон претстојните приоритети на државата - пакетот реформски закони кои директно водат кон откочување на евро-атлантските процеси, (за дел од нив е потребно двотретинско мнозинство), што значи дека опозицијата ќе мора да се вклучи во нивна поддршка. Според овие извори, тежиштето било ставено на  аргументот дека правдата мора да функционира, а сите политички субјекти да се фокусираат на приоритетите на земјата, бидејќи обврските не трпат одлагање, блокади, опструкции...

Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Конструктивна или деструктивна опозиција

Дали таа порака ќе биде пренесена и прифатена од сите пратенички групи, особено од опозицијата, ќе се види денеска на пленарната седница на Собранието, кога  пратениците треба да гласаат „за“ или „против“ симнување на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски.  Односот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, дали тие ќе се солидаризираат по прашањето на имунитетот на нивните колеги или ќе ги опструираат и реформските пакети на подолг рок, ќе се смета за „линијата“ што ќе навести кои политички субјекти ги ризикуваат перспективите на земјата, нешто што му било предочено на Груевски.

Кои пратеници помагаа во упадот во Собранието

03:00

This browser does not support the video element.

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања вчера со пет гласа „за“ го прифати барањето за одобрување притвор на шесте пратеници, осомничени за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во врска со насилствата од 27-ми април, кривично дело за кое минималната казна е десет години затвор. Денеска е последниот ден од законскиот рок во кој парламентот мора да се изјасни за ова прашање.

Во јавноста се создава забуна дали за шесте пратеници Судот веќе определил притвор, па чека симнување на нивниот имунитет. Од Судот велат дека не е така. „За лицата кои се опфатени во предлогот, а во моментот извршуваат функција Пратеник во Собрание на РМ, судијата на претходна постапка ќе пристапи кон одлучување по предлогот на обвинителството откако ќе биде одлучено по барањето на судот испратено до Претседателот на Собранието на РМ“, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1 - Скопје.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се недостапни да одговорат дали ќе присуствуваат на седницата.  Во изминатите денови партискиот лидер не само што не доби масовна „народна“ поддршка на повикот за протести, туку и неговите најблиски партиски соработници не доаѓаа на протестите. Вчера Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ по одржаното собрание јавно побара оставка од Никола Груевски, распуштање на Централниот и Извршниот комитет и закажување вонреден Конгрес за спас на партијата.

Никола Груевски - само мал одѕив на неговиот повик за протести Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Од куќен во затворски притвор

И додека на Груевски му се ниша лидерската позиција преку која учествува во политички дијалог на средби кај шефот на државата, на судски терен стигнаа нови решенија. Имено,  Судот прифатил дел од жалбите на Обвинителството и за оние за кои претходно бил определен куќен, сега е одобрен затворски притвор.  Од осомничените 36 лица, досега беа приведени 24. Вчера еден од осомничените сам се пријавил, па полицијата трага по уште 9 лица. Како што дознаваме, меѓу оние кои сѐ уште се недостапни за полицијата се Александар Василевски - Нинџа и Никола Митревски - Кољо.

Во меѓувреме, поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, започнал штрајк со глад во истражниот затвор. Според неговиот адвокат, тоа било „реакција на неправдата што му била нанесена со определување на мерката притвор и сомничење за кривичното дело 'терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста'“. Тој најави дека денеска ќе побара вонреден лекарски преглед со кој ќе се утврди здравствена состојба на Чавков, која ја опиша како нарушена, и очекува мерката притвор во затворски услови да биде земенета со куќен притвор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми