Вината од Источна Европа - конкуренција за оние од Запад
25 април 2011
На престижниот саем за вино во Верона „Винитали“ се претставија дваесетина винарии од стариот континент. Тука ги откривме белите и црни вина од земјите со мала винарска традиција, но на кои можат да им позавидат и најпознатите производители.
Италијанските, француските и шпанските вина често се нарекуваат и „стари светски вина“. Сепак, исклучителниот пијалок на боговите не се произведува само во регионите на Кјанта, Бордо или на Риоха. Римскиот цар Домицијан, во првиот век на нашата ера, сакал да го ограничи винарството, со воведување на закон, кој дозволувал садење на квалитетна лоза само на лозјата на Апенинскиот полуостров. Тоа се променило два века подоцна, кога на власт дошол еден Унгарец, вели Габор Кардош од една унгарска винарија: „Тој бил син на винар од Панонија и кога станал римски цар, наредил лозјата да се обноват. Проб е познат во Франција и го нарекуваат ’татко’ на повеќе од десет сорти винова лоза. Но, тие не знаат дека тој бил син на винар од нашите краеви. Така што и Унгарија има исклучително долга традиција.“
Унгарско уживање
Вештината на Персија, Ерменија и Грузија, каде се направени првите вина, се мешаат со латинскиот свет, каде се доведени до совршенство. Виното во Унгарија е многу повеќе од пиење алкохол, вели Кардош: „За Унгарците виното е светина. Значи, немаме технички пристап кон виното. Затоа не сме толку добри, кога станува збор за маркетингот во винарската индустрија.“
Унгарските вина не доминираат на полиците во продавниците, иако добиле многу награди во Италија. Кардош вели дека на љубителите на виното за жал не им се достапни необичните унгарски вина – како што е Кекњели. Тоа е направено од ретка сорта винова лоза, засадена на вулканско земјиште. Виното има топол, сладок вкус и многу покомплексна структура од белите вина со овошна арома, кои масовно се произведуваат. „Киселоста ни` е многу важна. Во Унгарија киселоста е најважниот дел од составот на виното“, објаснува Кардош. Елегантен младич во сив костум не` дочекува и се претставува: „Емануеле Реолон. Доаѓам од новата винарија ’Петро Васуло’. Оддалечена е 30 километри од Темишвар, Романија.“
Словенија изненадува со своите вкусни вина
На реверот му е закачен брош со знамето на Италија. Тој е Италијанец, но одлучил да ја напушти татковината, каде што винарите се особено ценети. Своите корени ги пушта во нова земја. Признава дека е тешко, исто како и самата одлука, која неговото семејство и пријателите едвај ја прифатиле. „Прво што реков кога дојдов во Романија беше: „О, Боже мој. Романија не стана главен произведувач на вино, што се однесува до квалитетот. Но, сигурен сум дека можеме да помогнеме вината да бидат многу подобри.“
Со романските лозја има многу проблеми. Многу се уништени, кога комунистите дошле на власт. Романката Аријана Негру од винаријата „Петро Васуло“ со гордост раскажува што се´ нејзината држава сака да направи: „По темниот период за винарството, романските вина бараат друг пат. Има се` повеќе винари, кои им посветуваат големо внимание на деталите.“
И луѓето од уште една држава со традиција во винарството не се воздржуваат од фалење. На еден штанд стои пораката „Ја сакам Словенија“. И навистина, таму се пие повеќе вино, отколку останати алкохолни пијалоци. Разликата во сортите е голема, благодарение на медитеранската, континенталната и алпската клима.
Киселото вино помага за подобро варе на храната
Петер Боршиќ од винаријата „Винакрас“ го покажува црвеното вино „Терано“ – типично за вино произведено во западниот дел на земјата, која граничи со Италија. Таму на црвена земја се одгледува винова лоза богата со железо: „До првата светска војна ’Ил терано’ се продаваше во аптеки како лек за анемични особи. Дури и денес лекарите им го препорачуваат на пациентите со лоша крвна слика да пијат една чаша терано дневно. Јас ги слушам лекарите...“
Боршиќ вели дека киселоста помага многу подобро при варењето на храната. Такви се сите вина од Тоскана. Им препорачуваме на љубителите на виното да ја посетат Словенија: „Ако дојдете во некое село, каде постојат три винарии, тогаш задолжително вечерајте и преноќете во селото. Атмосферата е речиси слична како во Тоскана, но овде можете да прескокнете многу граници. Па, на здравје“, вели Боршиќ.
Автор: Ненси Гринлис / Бисера Огњановска-Митров
Редактор: Горан Чутаноски