1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Осудена Гислејн Максвел, соработничката на педофилот Епстајн

ЖА / агенции
30 декември 2021

Долгогодишната пријателка на покојниот сексуален злосторник Џефри Епстајн, Гислејн Максвел е осудена за сексуална трговија со малолетнички, ѝ се заканува долгогодишна затворска казна.

USA | Prozess Ghislaine Maxwell NEU
Фотографија: Jane Rosenberg/REUTERS

Дванаесетмината поротници од надлежниот сојузен суд во Њујорк ја сметаат 60-годишната Британка Гислејн Максвел за виновна во шест од седум точки на обвинението, меѓу другото за трговија со малолетнички заради нивна злоупотреба. Обвинението се однесува на четири денес возрасни жени и опфаќа период од 1994 до 2004 година. Висината на казната ќе биде одредена подоцна. На Максвел ѝ се закануваат многу години зад решетки, можеби до крајот на нејзиниот живот. 

Во судскиот процес, кој започна во ноември, обвинителството ја товари Гислејн Максвел дека со години систематски регрутирала малолетнички за озлогласениот американски мултимилионер Џефри Епстајн, кој потоа сексуално ги злоупотребувал. Максвел играла централна улога како соучесник на Епстајн во создавањето круг за сексуална злоупотреба на девојчиња.

Максвел ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека е невина. Таа е ќерка на легендарниот британски издавач Роберт Максвел (1923-1991) и во Њујорк пристигнала на почетокот на 1990-те години, а Епстајн го запознала на една од многуте забави на познати личности, во одреден период му била и девојка.

Џефри Епстајн не дочека излегување пред суд. За време на подготовката на судската постапка за неговите сексуални злодела, 66-годшникот во август 2019 година беше пронајден мртов во неговата затворска келија во Њујорк, обдукцијата констатираше самоубиство.

Богатиот инвестор, кој се дружеше со познати личности од политиката и општеството, како поранешните американски претседатели Бил Клинтон и Доналд Трамп и основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, со години сексуално злоставувал млади девојки и жени и ги поттикнувал на проституција. Во сексуалниот скандал е вмешан и британскиот принц Ендрју, син на кралицата Елизабета Втора, тој е долгогодишен пријател на Максвел. Против Ендрју постојат оптоварувачки изјави на сведоци, а неговите адвокати се борат против нив со сите средства. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми