1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Виновни се Србите и хрватската власт“

Синиша Богданиќ / Е.М. Фиданоска17 февруари 2015

Хрватска бара над 1600 граѓани, убиени во војната или однесени во логори во Србија, по што им се губи секаква трага. За семејствата на тие жртви војната се‘ уште не е завршена. На нивните прашања и денес нема одговори.

Фотографија: J.Muzic/Petrinjski listPetrinjski list

Иако наликуваат една на друга, приказните на семејствата кои повеќе од две децении ги бараат своите исчезнати се несреќни на свој начин. Случајот на Јосип Мужиц (67), кого го запознавме во „Сојузот на здруженија на семејства на затворени и исчезнати хрватски бранители“ во Загреб, е можеби уникатен во Хрватска.

Додека седнуваме на масата во неговата мала канцеларија, Јосип ни објаснува како е можно луѓето кои ги бараат своите исчезнати да разговараат за трагедијата смирено, дури и дистанцирано. „Минаа многу години. Тоа се‘ се повторува константно. Како што минуваат годините ги местиме коцките и гледаш дека... Видете, Србите ми се виновни затоа што ми го убија синот, но виновна ми е и нашата власт што тој не е пронајден. Никој не ми чукнал на врата и не рекол дека син ми загинал“, вели Јосип, исфрлајќи го во неколку реченици од себе она што го мачи во врска со исчезнувањето на син му Дражен, кој денес, кога би бил жив, би наполнил 45 години.

„Го ставиле под боровите...“

Дражен по отслужувањето на воениот рок бил регрутиран во резервниот состав на Министерството за внатрешни работи. Кон крајот на 1991 година, вели Јосип, имал „два терена“ кои не се заведени. „Последниот терен му бил на 8 септември“, ни раскажува Јосип и објаснува дека под „терен“ се сметала линијата на одбрана кај Петриња. „На десетти септември попладне имало напад над селото Храстовица. Дражен бил кај шумата каде што се наоѓаат викендичките. Еден колега, кој бил тешко ранет, го испратил по помош, затоа што веќе не можел натаму сам. Додека Дражен се спуштал да побара помош бил ранет во вратот. Дошол во Храстовица и момчињата му ја завиткале раната.“

Јосип Мужиц цели 23 години го бара својот син или неговите посмртни останкиФотографија: DW/S.Bogdanic

Потоа, според реконструкцијата на настаните, еден од колегите на Дражен со автомобил отишол по ранетиот, а Дражен исто така седнал во возилото. „Му рекле дека крвари и дека е најдобро и самиот да замине во болница. Седнал на задното седиште. На еден километар од Храстовица, кај Цепелиште, налетале на заседа. Дражен добил неколку прострелни рани во главата и вратот. Паднал над ранетиот, кој бил во кома. Автомобилот бил онеспособен, а возачот Иван Филиповиќ заминал трчајќи по помош.“

Стигнало возило на Брза помош, ранетиот бил претоварен во санитетското возило, заедно со телото на Дражен. „Ги одвезле до новата болница во Петриња. Сте биле ли некогаш таму? Го ставиле под боровите, го покриле со неговата кошула, а ранетиот го одвезле во Сисак. Тогаш дошол покојниот Обад. Имал задолжение да ги собира мртвите. Ги пренесувал на патологија во Сисак“, раскажува Јосип, додавајќи со треперлив глас дека никој не му јавил оти син му загинал.

Да знаел, вели, би заминал по неговото тело пеш. Ден потоа му соопштиле дека Дражен е ранет. И тој исчезнува. „Каде и да чукневме, ни велеа да чекаме и дека се‘ ќе се реши. Тоа го чуваа во тајност, не знам ни денес зошто.“ Токму тој премолчан дел ги зголемил неизмерно страдањата на семејството Мужиц, кое наредните три години ги минало во уверување дека Дражен е жив и дека е во заробеништво.

Влегување на хрватската војска во ПетрињаФотографија: picture-alliance/dpa

Закопан под туѓо име

„Повторувам, ја обвинувам хрватската власт, луѓето на функции, од кои голем број се веќе во пензија. Требаше веднаш да ми јават дека е мртов“, ни раскажува очајниот татко кој немал прилика да го идентификува телото на загинатиот син. „Мислам дека го закопале под туѓо име, доказите веднаш ги уништиле, е мене со години ме уверуваа дека е одведен во заробеништво. Откако мина акцијата ’Бура’, а територијата беше ослободена, се дојде до заклучок дека Дражен е одведен на патологија мртов.“ Како доказ Јосип го приложува и воениот извештај, исчукан на машина, кој го добил пред ослободувањето на Петриња. Во документот името на неговиот син е наведено со уште тројца загинати. „Се‘ е тука, само телото го нема.“

На другите тројца, чии имиња се спомнуваат во документот, им се знае местото на погребување. Со ДНК-анализа е утврдено дека никој од нив не е заменет со Дражен Мужиц. „Пред две години ја раскажав својата мака во една емисија. Ми се јави слушател и рече дека му е познат нашиот случај и мисли дека Дражен е погребан на Мирошевац, под името Билобрк. Им се обратив на надлежните, но до денесе не е преземено ништо. А тоа денес не е голем зафат. Само се отвора ковчегот и се зема делче од ткивото, кое се праќа на анализа. Тоа мора да го наложи судот.“

Фотографија: J.Muzic/Petrinjski list

Јосип поради сето тоа размислувал за поднесување тужба против државата, но како што вели, болен е и благодарен ако воопшто се разбуди наутро. „Зарем на семејството да му создавам уште судски трошоци? Имав срцев удар, три бај паса, четири стента, заменет ми е залисток на срцето, а имав и мозочен удар. Тоа е живот во постојан стрес. Само што ќе помислам дека сум го нашол, излегува... Повторно се враќаш во 1991-ва. Сопругата исто така е оперирана од карцином. Слаба е.“

Мужиц, како што самиот вели, вршел притисок врз Уредот за затвореници и исчезнати лица. Вели дека Уредот не е основан за физички на терен да ги бара исчезнатите, а за се‘ ја обвинува полицијата која не си ја зваршила работата. „Сите влади кренаа раце од тоа. Сето тоа го префрлија на Уредот, а тој има поважна работа.“

И Јосип, како и другите членови на семејствата на исчезнатите, повторува дека исчезнатите не смеат да бидат избришани. Животот тече натаму, вели, но тие мора да бидат пронајдени. Родителите на исчезнатите сега се главно стари луѓе и некој мора да ја продолжи потрагата откако нив ќе ги нема, нагласува Јосип, подавајќи ни ја публикацијата на здружението „Хрватски феникс“, во кое тој е активен. Во нејзе пишува дека агонијата на илјадници семејства е завршена со пронаоѓањето на телата на исчезнатите, но како што стојат работите, агонијата на семејството Мужиц би можела да потрае. Нејзе, како што вели Јосип, ја заборавиле сите досегашни хрватски власти.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми