1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Виролозите прогнозираат скорешен крај на пандемијата

22 јануари 2022

Во следните недели ќе сведочиме на масовно заразување со Омикрон и заедно со имунитетот од вакцинацијата тоа ќе доведе до скорешен крај на пандемијата. Годинава ќе се вратиме во нормалниот живот, предвидуваат виролози.

Кристијан Дростен Виролог
Германскиот виролог Кристијан ДростенФотографија: picture-alliance/dpa/C. Gateau

Водечкиот германски виролог Кристијан Дростен смета дека уште во текот на 2022 година ќе можеме да му се вратиме на нормалниот живот. Во интервју за „Тагесшпигел“ експертот вели дека „со помош на вакцините досега е минат поголем дел од тој пат“. 

Неизбежно е сите да се заразат со коронавирус  

Имено, благодарение на имунизацијата инфекциите со новата варијанта на коронавирусот Омикрон минуваат далеку полесно, смета Дростен. Вирологот ги споредува со „патувачки воз на кој се качуваме во движење“. Добрата вест во случајот, вели Дростен, е дека во моментов тој воз се движи со за нас удобна бавна брзина, иако никој не може да ја исклучи веројатноста подоцна тој одново да забрза. 
Според вирологот, варијантата Омикрон претставува шанса, но само доколку е исполнета една претпоставка- благодарение на вакцинациите општеството веќе да има широк имунитет на коронавирусот. 
„Порано или подоцна сите ќе се заразат со Ковид-19- тоа е неизбежно. Нема како целото население да добие бустер дози за неколку месеци“, вели Дростен.
Сепак, тој смета дека имунитетот кај населението се развива во правилна насока.
„Но и во иднина, вакцинацијата ќе игра решавачка улога, затоа што за невакцинираните вирусот е особено опасен“. 
На прашањето дали некогаш повторно ќе можеме да живееме како пред пандемијата, научникот е оптимист.
„Да, апсолутно. Во тоа сум целосно убеден“. Тој предвидува и нов пробив во битката со коронавирусот. Според него, наскоро ќе има спреј кој ќе содржи ослабени вируси или слична комбинација, кој со прскање во носот ќе создава имунитет. Сепак, следната зима може повторно да има голем број инфекции вели тој: 
„Веројатно ќе мораме повторно да носиме маски во затворени простории, бидејќи заштитата ќе се намали и ризичните групи ќе треба поинтензивно да се заштитат“. 

Годинава животот може да се врати во нормала, прогнозираат германски виролозиФотографија: Ying Tang/NurPhoto/picture alliance

Скорешен крај на пандемијата?  

Епидемиологот Клаус Штор, долгогодишен експерт на СЗО, исто така предвидува скорешен крај на пандемијата. 

Германскиот виролог Клаус ШторФотографија: teutopress/imago images

Според него, во следните недели ќе настапи масовно глобално заразување со Омикрон, кое не може да се спречи. Тоа, според Штор, ќе создаде природен имунитет кој „ќе го надгради имунитетот од вакцините“. Двата имунитети заедно ќе доведат до трајна имунолошка заштита, така што четвртата, петтата, шестата и понатамошните засилувачки дози ќе станат непотребни. Дури наесен, според експертот, ќе треба да се преиспита дали на лицата постари од 60 години треба да им се понуди нова бустер вакцинација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми