Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и државниот министер во германското МНР, Михаел Рот очекуваат поголема солидарност од ЕУ во време на криза со коронавирусот.
Реклама
„Ќе почувствувате наскоро дека ЕУ е со вас“, порача министерот Рот преку видео-конференциска врска по „виртуелниот“ состанок со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Необичниот настан на релација Скопје- Берлин го предизвика кризата со коронавирусот која практично ги забарикадира сите европски држави во своите граници и ја натера ЕУ да се изолира од остатокот на континентот.
Токму впечатокот за недостаток на солидарност го наведе Рот да најави дека очекува поголема поддршка од ЕУ за државите од Западниот Балкан. Една од можностите, која ја најави и Димитров, е пренамена на средствата од ИПА програмата за санирање на последиците од економската криза во земјава.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи денеска порача дека амбасадорите на земјите-членки на ЕУ веќе постигнале консензус за отворање на преговорите, но и Димитров и Рот предупредуваат дека таква одлука се уште нема. Најпрво, неизвесно е како и на кој начин следната недела, 24 март, во Брисел ќе се состане Советот за општи работи на ЕУ (ГАК). Втората неизвесност е во поглед на самите заклучоци кои се уште не се конечни и се предмет на дебата на амбасадорите и денеска.
„Да бидеме внимателни. Мислам дека по искуствата од 2018 и 2019 година мораме да бидеме внимателни, и да чекаме да се заврши целосно работата пред да упатуваме честитки. Ситуацијата е изгледна, меѓутоа не е докрај завршена работата“, изјави Димитров.
Гаранции дека такво нешто ќе се случи не можеше да даде ни Рот, но потенцира дека и тој лично се залага состанокот во Брисел да се одржи преку видео-врска и секако, да се донесе позитивна одлука и за Северна Македонија и за Албанија.
„Имам впечаток дека поголемиот дел од земјите-членки се согласни. (...) Она што е важно во ова време на коронакриза е ЕУ да покаже дека може да дејствува и да донесува одлуки, особено во однос на проширувањето“.
Рот не очекува дека забелешките на земји како Бугарија во однос на новата методологија на проширувањето ќе доведат до нова блокада на одлуката.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.