Висока мода од партали!
5 април 2012Од стари тренерки и здодевни спортски јакни произлегува невообичаена мода. Вилфред Плецингер – неговото име до сега е главно познато во Скандинавија. А, сега 48 годишниот Вилфред живее и работи во Берлин.
„Бидејќи произведувам спортска облека или улична облека, најголемиот дел од неа е шарен и го привлекува вниманието. Во тоа сакам да посредувам со моите алишта“, вели дизајнерот на рециклирана облека Вилфрид Плецингер.
Повеќе од десет години модниот дизајнер работеше во Шведска, а меѓу другото и за модната марка H&M. Пред три години во Стокхолм тој основа своја сопствена марка, но Берлин во моментов за него е најинспиративната модна метропола во Европа. Тука Германецот во 90-тите години се школуваше за моден дизајнер и дизајнираше клубска облека за фановите на техно музиката.
Преработената облека чини и до 300 евра
А, тука денес тој наоѓа се’ што му треба за неговата работа – стара спортска облека и оригинални парчиња од 70-тите, 80-тите и 90-тите за помалку од пет евра по парче.
„Навистина е спонтано – материјалите, боите, дали ќе најдам нешто топ. Ако нешто ми се допаѓа, тогаш ми паѓа на памет што од тоа би можел да направам“, вели Плетцингер.
Апсајклингот, или претворањето на стари и отпадни материјали во нови производи со подобар квалитет, Вилфред Плецингер го откри во средината на 90-тите во Берлин. Во тоа време тој сакаше да привлече внимание со нови идеи и го преобрази „бапскиот“ мидер во крем боја во коктел-фустан. Денес тој е убеден апсајклер и не само поради еколошки причини.
„На пример, ги имам овие велосипедски хеланки, кои веќе се користени. А, од нив би можело да се направат сосема кул ракави“, вели Плецингер.
Материјалите и трошоците за производство на софистицираниот апсајклинг мораат да се исплатат. Тој својата облека рачно ја изработува. Секое парче е уникат и чини помеѓу 60 и 300 евра.
Облека која паѓа во очи
Во берлинското уметничко училиште Вилфред Плецингер организира работилници под мотото: „Преработи ја твојата облека!“
„Ова беше чанта. Јас ја пресеков рачката и потоа ставив нешто плетено“, вели Клара, учесничка на курсот.
Курсевите по уметност и дизајн Вилфред Плецингер ги води веќе од пред речиси 20 години. Исто така, тој и во Шведска работеше како учител.
„Јас интуитивно добро се снаоѓам со младите. Јас пред се’ многу научив за време на престојот во Шведска – многу добро ја развив мојата педагогија. И, едноставно знам во меѓувреме, како мора да се посредува, како да им се доближам на младите луѓе. Тоа ми прави задоволство и мислам дека ми лежи“, вели Плецингер.
Во неговото студио во центарот на Берлин Плетцингер ја продава својата мода со уникатни кроеви и форми. За неговите колеции се прашуваше пред се’ во Шведска, но во меѓувреме неговите муштерии почнаа да доаѓаат од цела Европа.
„Мора да се биде поекстровертен и индивидуалист, бидејќи мојата облека паѓа во очи. Исто така, тие знаат кои се и држат до себе. Тие се чувстуваат прилично млади и по малку секси“, забележува апсајклинг дизајнерот Вилфред Плецингер.
Шарено, фенси и еколошки свесно – мода за индивидуалисти.