1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистината треба да биде во прв ред

5 август 2019

За претставниците на ВМРО-ДПМНЕ да бидат спречени да положат цвеќе на гробот на Карев, потребно е да бидат присутни,а некој да ги оневозможи во тоа. Тие не беа таму кога се полагаше цвеќе. Коментар на Катерина Блажевска.

Nord-mazedonien - Denkmal in Krusevo
Фотографија: DW/C. Weinkopf

Три дена ги следам реакциите и обвинувањата на опозицијата за чествувањето на Илинден во Крушево и добивам впечаток дека зборуваме за две различни места и за два различни настани. Кога пристигнав во Крушево со мои колеги утрото во 8 часот, прва дестинација ни беше Гумење, односно споменикот Македониум, каде делегациите требаше да положат цвеќе на гробот на Никола Карев. Таму веќе беа пристигнати голем број делегации на парламентарни и вонпарламентарни партии, и уредно чекаа да започне церемонијата. Меѓу нив не беа присутни единствено претставници на ВМРО-ДПМНЕ. Новинарите, камерманите и фоторепортерите први беа упатени да влезат во Македониум, за да можат да ја постават опремата и да се позиционираат за следење на настанот. Сите партиски делегации што беа присутни, потоа пложија цвеќе во мирна и достоинствена атмосфера. Немаше никој вратен или спречен. Не се случи никаков скандал. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги видов ни по завршувањето на церемонија. За да бидат спречени да положат цвеќе, потребни се два услова: прво, да бидат присутни, и второ, некој да ги оневозможи во тоа. Тие едноставно не беа таму.

Не сакам да верувам дека се самоспречиле (задоцниле), за да имаат причина да произведат „скандал“ и да се претставуваат како жртви, бидејќи тоа ниту и прилега на најголемата опозициска партија, ниту е начин да се „одбележи“ празникот. Ако новинарите, на пример, задоцнеа на церемонијата, дали по истиот урнек ќе обвинуваа дека биле спречени да ја проследат? Не. Затоа постои сатница и проткол кои треба да се почитуваат.

Повеќе на темата:

-Илинден 2019: Власта за помирување, опозицијата за избори

-Илинден - нов тест за македонцките работи

Втората проблематична теза е дека „не биле удостоени со соодветен пречек и дека се нарушила традицијата, а тоа било опозицијата да биде во првиот ред на прославувањето на Илинден". Ниту еден претставник од која било партија не седеше во првиот ред. Ако ВМРО-ДПМНЕ или која било најголема опозицска партија во иднина треба да биде ексклузивно сместена во првиот ред, наспроти сите други партии (и владејачки, и опозициски), нека се разговара и за таков принцип, иако тој би можел да предизвика друг несакан ефект. Имајќи предвид дека на чествувањето на Мечкин Камен секоја година доаѓаат многу гости, ваквото толкување на ВМРО-ДПМНЕ за „соодветен пречек во првиот ред" би имплицирало дека секој што ќе седи од вториот ред па натаму „не е третиран соодветно".

Колку за илустрација, оперскиот пејач Влатко Груевски кој маестрално ја испеа државна химна и им предизвика солзи во очите на присутните со моќната интерпретација, седеше во последниот ред од столчињата поставени се до работ на крушевската корија. Мислите ли дека бил несоодветно третиран или дека така се чувствувал? Прашајте го. Ги собра сите честитки. Ечеше Мечкин Камен од неговиот глас.

А, ако нешто навистина е традиција (покрај наводниот прв ред за опозицијата), тоа е настапот на „Танец“. Знаете ли во кој ред седеа играорците, за да здивнат пред настапот со убавите, но тешки носии? Во ниеден. И тие, и нивните колеги од КУД „Емин Дураку“, ги облекуваа носиите во шатор десетина метри зад поставените столчиња, стоеја, се разигруваа, чекаа да им дојде терминот за настап. Никој не побара повластен третман.

Да го засениш празникот со дебата за столче, и тоа на местото каде војводите во кои се колнеш не загинале штотуку излезени од луксузни автомобили, во костуми, вратоврски и демагогија, е како ништо да не си научил за суштината на таа борба. Туку најмногу за формата - за столчето во кое треба мирно да се сместиш откако некој друг низ страдање ти го овозможил тоа. И зошто таков третман би следел само за една партиска делегација? Нели најважни се граѓаните? Тогаш, на ливадата би требало да има на располагање толку столчиња колку што има граѓани и сите да седат во прв ред. Но граѓаните не беа таму заради столче, туку заради празникот, неговото значење и пораките за иднината. Ним, и не им е важно кој каде седи додека трае чествувањето.

Она што го очекуваат е во прв ред секогаш да биде вистината. И секоја партија мора тоа да го разбере, ако сака да се наметне како вистинољубива и правдољубива. Некои ја пропуштија таа шанса. За жал, дури и на Илинден. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми