1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинските мотиви на Трамп во Сирија

Матијас фон Хајн
13 април 2018

Во позадината на американските закани дека ќе ја нападнат Сирија, само навидум се работи за одмазда за употребата на отровен гас. Вистинските мотиви на Доналд Трамп се неговите други проблеми, смета Матијас фон Хајн

Irak-Krieg: Abfeuern von Marschflugkörper
Фотографија: picture-alliance/dpa

Војната е продолжение на политиката со други средства- така тоа го формулираше германскиот стратег Карл фон Клаузевиц. Тој притоа веројатно мислел на надворешната политика- но за американскиот претседател тоа е изгледа продолжение на внатрешната политика со други средства. 
Колку е Доналд Трамп повеќе под притисок на домашен план, и колку е поблиску истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер- толку Трамп понепостојано и поопасно делува на надворешен план. 
И натаму без стратегија за Сирија 
Кога се работи за најавените ракетни напади најмалку се мисли на сириското население. Кога би се водело сметка за него, тогаш најпрво би морала да се изработи клучна стратегија за иднината на Сирија. Такво нешто во Вашингтон не може да се забележи. Бидејќи, само една недела откако најави повлекување на американските трупи од Сирија, Трамп сега најавува жестоки напади врз таа земја, притоа му се заканува на нејзиниот сојузник Русија, а Асад го дехуманизира нарекувајќи го „животно“. Што и да се мисли за претседателите на Русија и Сирија, без нив- а посебно не против нив- во актуелната констелација крајот на војната, страдањата и смртта- не се можни. Ескалацијата и најавата преку Твитер покажува колку е се ниско паднато и колку е Трамп далеку од традицијата на меѓународна дипломатија. 
„Врховниот командант преку Твитер реагираше на руските предупредувања: доколку руските цели бидат нападнати, нема да бидат соборени само ракети, туку ќе бидат гаѓани и платформите од кои се испалени. Но таа закана не дојде од Кремљ, туку од рускиот амбасадор во Либан, што значи од некој кој не е на нивото на Трамп. Русија сигурно не е за директен судир со САД. А и делува дека веќе се заборави дека Русите и Американците заеднички се бореа против сѐ уште целосно непобедената ткн. Исламска држава. 
Така Трамп со своите жестоки зборови долева масло на огнот кој во Сирија се уште пламти. Сепак, одредени американски сенатори критички го поставуваат прашање за смислата на нападите врз цели во Сирија, без разлика какви и да се. Но од понеделникот Белата Куќа доби уште еден јастреб од посебна класа- новиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Тој веќе неколку години заговара војна против Иран, а инвазијата врз Ирак и денес ја смета за исправна, без оглед на несогледливите последици. 
Кој би можел да му противречи на Трамп? 
И новиот министер за надворешни работи, и поранешен директор на ЦИА, Мајк Помпео е на глас како радикал. Доколку воопшто има некаков приговор на методите на Трамп, тогаш тој би можел да дојде од министерот за одбрана Џејмс Матис. Тој знае што е војна. Пред околу два месеци изјави дека не видел никакви релевантни докази дека Асад пред една година извел напади со бојни отрови. Оттогаш имаше многу време да ги провери обвинувањата. А сега се заканува судир со големата сила Русија, а и регионалниот моќник Иран поради, ни помалку ни повеќе- поради снимка на Јутјуб. 
Неверојатно е што на меѓународната сцена само генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш заговара воздржаност. Европските сојузници и НАТО партнери се воздржуваат од критики или- како Франција и Велика Британија- најавуваат дека ќе се придружат кон евентуалната воена интервенција. Притоа Европа, поради својата географска положба, многу брзо ќе ги почуствува последиците од војната во Сирија. И тоа не само во вид на нов бегалски бран. 
 

Матијас фон Хајн
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми