1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Dienstwagenaffaire Deutschland

30 јули 2009

Германската јавност ја потресе наводната афера со користењето на службеното возило на една министерка од помалиот коалиционен партнер, Социјалдемократската партија. Станува збор за министерката за здравство Ула Шмит.

Малку непријатна ситуација: министерката Ула ШмитФотографија: AP

Министерката за здравство Ула Шмит не би била прв германски политичар кој поради ваква или слична афера морал да замине од функцијата. Поранешниот министер за одбрана и, патем, нејзин сопартиец, Рудолф Шарпинг, на пример, го користеше службениот авион за куси излети до Мајорка. И политичарката на Христијанско-демократската унија, Рита Зисмут користела службени возила и авиони за не-комплетно службени патувања. Но, таа не мораше да се откаже од политичките функции.

Министерката Шмит доаѓа на средба во Берлин со службеното возилоФотографија: picture-alliance/ dpa

Во конкретната афера, најголема штета ќе беше цената на блиндираната лимузина, што министерката нарачала да дојде во Шпанија каде таа била на одмор, а ја очекувале и два службени термина. Лимузината чини околу 100.000 евра, но, во меѓувреме, таа е пронајдена. Следна материјална штета се 10.000 евра, колку што чини нарачката на автомобилот да дојде и да се врати од Шпанија и тоа за не толку важни службени термини на министерката.

Медиуми - душегрижници

Но, има ли смисла да се крене толку голема прашина за толку малку пари? Коментаторите на германските весници деновиве се натпреваруваат во заштитата на народните интереси и ја нагласуваат улогата, на пример, што треба да ја имаат домашните политичари. Повеќемина нагласија дека аферата ја нарушила довербата во Ула Шмит, иако министерката според законот има право дури и сосема приватно да го користи службениот автомобил и тоа да си го плати. Очигледно е дека јавното мнение со поостри критериуми гледа во грешките на политичарите, отколку во оние на просечниот граѓанин, кому ретко кој ќе му забележи ако дозволи домашната помошничка да му работи на црно.

Се’ уште насмеани: министерката Шмит и кандидатот за иден канцелар од СПД, Штајнмајер, во април годинаваФотографија: AP

Има ли „златна подлога“ во аферата?

Но, зад огромното бранување на јавноста околу целата афера се кријат, се разбира, и други причини. Прво, во Германија е во подготовка предизборната трка за парламентарните избори наесен. И токму неделава, Социјалдемократската партија најавува официјален старт на кампањата. Сега, во јавноста многу повеќе ќе се зборува за скандалот на сопартијката, отколку за изборната програма на социјалдемократите. И второ: не смееме да заборавиме дека летната пауза секогаш буди еден вид зголемена глад по информации. Ако нема ништо суштинско, тогаш ваква афера со наводна злоупотреба на парите на даночните обврзници секогаш добро им доаѓа - како на граѓаните, така и на медиумите!

Автор на коментарот: Дафне Гратвол

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми