1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Витлеем - затвор на отворено

Тим Асман | АРД
26 декември 2019

Витлеем е град каде, според Библијата, е роден Исус. Затоа таму околу Божик има илјадници верници. Но, тие не го гледаат вистинското лице на градот од кој високите ѕидови и еврејските населби го протеруваат населението.

Palästina, Mauer in Betlehem
Фотографија: A. Al-Bazz

Стоиме пред ѕид висок осум метри со кули за надгледување. „Ова практично е границата. Тука, позади, веќе се првите куќи," објаснува мировниот активист Дрор Еткес кој со години ја следи изградбата на спорните еврејски населби на палестинските територии.

„Планот е овде да се изгради нова еврејска населба со над 2500 куќи. Тоа е голема населба и кога ќе биде готова, Витлеем практично од сите страни ќе биде опкружен со ѕидови“, додава Еткес.

Недостасува животен простор

Сухаил Калилех го потврдува ова. Тој за невладината организација Ариј ја следи изградбата на населбите околу Витлеем. „Кога ќе ги изброиме сите овие планови за изградба на населби и приодни сообраќајници, бројот на еврејски доселеници во регионот околу Витлеем во следните десетина години ќе се удвои“, вели Калиелех.

Веќе сега во ова подрачје живеат над 100.000 Израелци. Од три страни населбите полека му се приближуваат на Витлеем и околните села. Од четвртата страна се наоѓа ѕидот. Таквото стеснување на животниот простор го оневозможува развојот на економијата во овој дел на палестинските автономни територии.

„Многу граѓани го напуштаат Витлеем, веќе нема градежно земјиште. Она малку што е останато стана прескапо, цените се драстично зголемени во последниве години. Овде веќе нема простор за живот“, вели Калилех.

Илјадници верници доаѓаат во Витлеем за прославата на Божик, но тие не го гледаат вистинското лице на градотФотографија: AFP/M. al Shaer

Населението во втор план

Особено се погодени младите семејство, кои поради тоа што веќе не можат да си дозволат да живеат овде го напуштаат гратчето кое е длабоко врежано во историјата на западната цивилизација. Но, перспективите ни во останатиот дел од палестинските територии не се оптимистички. Не си заминуваат само муслиманите.

„Мојата заедница е сѐ помала и сѐ постара“, вели протестантскиот свештеник Мунтер Исак. „Си заминуваат пред сѐ млади луѓе и тоа поради квалитетот на живот. Ова е еден голем затвор. Многу мои пријатели се откажаа и си заминаа. Но, воопшто не им забележувам за таквата одлука“, вели Исак.

На овој свештеник од Витлеем му пречи и однесувањето на бројните верници кои доаѓаат во градот, во кој, според преданието, е роден Исус Христос. „Верниците не се заинтересирани за судбината на граѓаните во овој град. Ние за многумина сме невидливи. Тие сакаат да го видат местото и камењата, но не и луѓето“, вели Исак. Луѓето не се занимаваат со судбината на Палестинците овде, се жали овој свештеник. „Ним им е седно како е да се живее под окупација“, заклучува тој. Сепак, свештеникот не сака да си го напушти родниот град кој, вели, не може да го замисли без христијани. Но веќе одамна го напуштила надежта дека нешто може да се промени на политички план.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми