Вкусни шницли без месо?!
24 октомври 2011
Во тек се подготовките за отворање на уште еден ваков ресторан наречен “Копс”, што се наоѓа во центарот на градот. Овде ќе се нудат јадења како ризото, гулаш со кнедли или фриказе, специјалитети од бело месо во сос. Месото е, се разбира, од чисто растително потекло. Главниот готвач Бјерн Мошински веќе 16 години е веганец. Неговиот концепт за ресторанот гласи: добро зготвена веганска германска кујна.
“Јас пораснав, така да се каже, во кујна. Многу добро го познавам кулинарството. До 14 годишна возраст јадев претежно месо, познат ми е вкусот на печенa скара, познати ми се другите различни вкусови и тоа остава длабоки сеќавања во нас. Затоа, луѓето-веганци кога ќе дојдат кај нас во ресторанот ги бараат токму овие јаки, природни јадења, односно вкусови што им се познати уште од детството. А, ние се разбира тоа можеме да им го понудиме на нашите гости”, објаснува сопственикот Бјерн.
Во Берлин во моментов живеат околу 9.000 веганци. Тие сите одат да купуваат во веганскиот супермаркет “Веганц” што се отвори пред четири месеци. Тој е воедно и првиот маркет во Европа што нуди комплетен асортиман на веганска храна.
Еколошки асортиман и фер трговија
Идејата за отворање на ваков супермаркет беше на Јан Бредак. Поранешниот директор за продажба во еден германски автомобилски концерн повеќе од две години е веганец.
“Ние сакаме муштеријата штом ќе влезе во маркетот да биде сигурен дека овде може да купе се’ од А до Ш. Освен тоа, да биде сигурен дека производите што ќе ги купи не се од животинско потекло. Друго нешто што исто така е важно, е дека производите се од биолошко производство и од контролирана, т.н. фер трговија.“
Различни тестенини од сопствено производство, колбаси и кашкавал од соја, растително млеко и веќе приготвени јадења - во супермаркетот „Веганц“ може да се најде се’. Во маркетот со продаженпростор од 250 квадратни метри може да се купи дури и козметика и храна за кучиња. Понудата не е насочена само кон веганците, туку кон сите луѓе, кои сакаат да живеат здраво или пак, едноставно се љубопитни и сакаат да испробаат нешто ново. Маркетот секојдневно го посетуваат околу 500 муштерии.
Веганците имаат еколошки дух и карактер
„Берлин е познат по големата меѓународна публика. За разлика од другите градови во Германија, во Берлин има значително повеќе туристи кои доаѓаат од земји каде темата веганство има сосема поинакво значење. Во нашиот супермаркет многу често доаѓаат луѓе кои имаат еколошки дух и карактер и кои уште од самиот почеток имаат поинаква свест, луѓе кои придонеле за создавањето на био-сцената“, објаснува 39 годишниот сопственик Јан Бредак.
Веганскиот начин на исхрана беше долго време критикуван. Оној, кој денес сака да се храни здраво и избалансирано на вегански начин, мора да има големо и опширно познавање за прехранбените производи, вели научникот за исхрана Карен Франц. Во цела Германија има околу 600.000 веганци. Тоа е осум пати повеќе, отколку пред три години.
„Сметам дека веганската исхрана произлезе од една релативно маргинална група. Порано веганците си ги замислувавме со сандали и големи бради, но денес веганството стана модерно. Тоа е поврзано пред се’ со фактот што производите се интересни и за помладата популација, а со маркетингот и сакаме токму нив да ги привлечеме“, објаснува Карен Франц.
Предрасуди за веганската храна
Во ресторанот „Копс“ за вечера се сервираат супи од тиква и од цвекло. Сопственикот Бјерн Мошински сака да привлече што е можно повеќе гости во неговиот ресторан.
„Сакам да ги освојам луѓето што велат: веганската храна не е за мене и не знам што јадат веганците. Или, пак, велат веганската храна воопшто не е вкусна. Токму овие луѓе сакам да ги убедам дека тоа се предрасуди што не се точни. А, јас тоа можам овде без никакви проблеми да го докажам.“
На свеченото отворање на ресторанот дојдоа околу стотина гости. Многумина од нив големи љубители на месо.
„Многу добро беше зачинето и беше вкусно.“, вели една млад човек.
„Вкусно ми беше, би го јадела уште еднаш.“, вели една девојка.
Мислам дека кога тогаш пак би сакал да пробам некоја шницла, но мислам дека и веганското јадење е многу добро приготвено“, вели еден постар човек.
Готвачот Бјерн Мошински со неговите вегански кулинарски способности сака да им докаже и на критичарите дека веганската кујна и понатаму ќе се развива.
„Сметам дека т.н. ’кулинарско новинарство’ е многу интересно и дека е многу важен развој во општеството. Луѓето се обидуваат да најдат некој сопствен правец во кујната, сопствен начин на живот и филозофија. Сметам дека тоа е многу добро и важно. Освен тоа, Бјерн приготвува прекрасни јадења. Така на пример, не верував дека може да се направи пенлив чоколаден пудинг без јајца“, објаснува Мануела Блисе, критичар за ресторани.
Веганска храна што е многу вкусна!? Во Берлин веќе одамна едното не го исклучува другото.
Автор: Ања Фрејхоф-Кинг / Светлана Брик
Редактор: Симе Недевски