Владата ги отворa границите- каде може да се патува?
БГ
16 јуни 2020
По точно три месеци, од утре се отвораат границите и македонските граѓани можат да влегуваат и излегуваат од државата, но остануваат задолжителната изолација или карантин при влезот. Можностите за патување се ограничени.
Реклама
Отворање на границите од утре, среда 17 јуни, но со примена на активните мерки за заштита, одлучи денеска владата. Тоа значи дека при влез во Северна Македонија мора да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, а потоа да се минат и 14 дена во домашна самоизолација. Влезот во земјата без тест за сите граѓани или странци значи државен карантин од 14 дена, а потоа и домашна изолација.
Странските државјани кои сакаат да транзитираат низ земјата кон трета држава, од утре тоа ќе можат да го прават од сите гранични премини. Останува ограничувањето од најмногу 5 часа во рамките кои треба да се реализира транзитот.
Владата ги затвори границите на 17 март годинава со цел да го спречи ширењето на коронавирусот во земјата. Точно три месеци подоцна, македонските граѓани немаат многу опции за патување. Поширокиот простор на Шенген зоната засега останува затворен, а Европската комисија најави дека ќе ги отвори границите за граѓаните на државите од Западниот Балкан од 1 јули годинава. Оттука, туристичките патувања за македонските граѓани во моментов се ограничени на Албанија и Србија. Тоа се единствените две држави во кои, во моментов, нема рестрикции за влез на македонски државјани. Може да се влезе и во Бугарија, но таму по влезот мора да се минат две недели во карантин.
Коронавирус: Туристички атракции без посетители
Поради коронавирусот морничава тишина владее на многу туристички знаменитости, особено во Италија, но и во други земји. Погледнете како изгледаат овие места сега без вообичаените турканици..
Туристичките атракции во Италија се особено погодени од кризата со коронавирусот. Целата земја е во карантин. Продавниците се затворени, туристите ја напуштија земјата. Плоштадот Свети Петар во Рим е затворен, музеите и знаменитостите веќе не се отворени за јавноста.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zuma/G. Galazka
Тивкиот Милано
На северот на Италија, само големи групи гулаби се осмелуваат да излезат на улиците. Катедралата во Милано се извишува осамена и напуштена кон небото. Во Италија има полициски час на национално ниво. На луѓето им е дозволено да ги напуштат своите домови само кога одат на работа или кога одат да купат неопходни намирници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/L. Bruno
Празни места во Мадрид
По Италија, Шпанија е втората европска земја која е најпогодена од кризата со коронавирусот. Досега нема прогласено полициски час. Плоштадот Махор, обично пулсирачкиот центар на Мадрид е празен. Огромниот плоштад обично го посетуваат стотици илјади туристи секоја година. Во околината има повеќе од 3.000 ресторани, барови, кафулиња и таверни.
Жителите на Австрија, исто така, не можат веќе слободно да се движат. Од вторникот (18. март 2020) сите пабови и ресторани, покрај останатото, се затворени. Обележјето на Виена - катедралата Свети Стефан- е затворена за посетители, црковните служби се одвиваат без верници и се емитуваат на радио. И вообичаено многу посетениот плоштад пред катедралата е празен.
Карловиот мост во Прага вообичаено е преполн. Обележјето на градот сега е тивко. Чешката Република прогласи вонредна состојба поради кризата со коронавирусот и воведе широка забрана за влез и излез од земјата. Сите прекугранични транспортни врски со возови и со автобуси, исто така, се запрени. Слободата на движење на жителите е строго ограничена.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/D. Josek
Франција во вонредна состојба
Претседателот на Франција рече дека земјата е во војна против коронавирусот. А министерот за внатрешни работи ги нарече „воени сојузници“ сите оние кои сега остануваат дома. Онаму каде што обично се разминуваат илјадници луѓе - Ајфеловата кула или Лувр во Париз - деновиве ретко може да се види некој.
Фотографија: picture-alliance/abaca/E. Blondet
Берлинските знамениости затворени
Берлин е сѐ попразен, иако сè уште не е прогласен полициски час. Знаменитостите како Рајхстагот се затворени. Театрите и музеите, исто така. Туризмот е ставен на пауза во Германија. Хотелите и останатото сместување сега можат да се користат само за „неопходни и исклучиво нетуристички цели“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Туризмот во режим на спиење
Дури и јавните знаменитости се празни. На улиците има само неколку туристи, како кај Бранденбуршката порта. Но, дури и ако сега има целосно чист поглед на обележјето на Берлин, посетата и не е баш забавна.