Владата на Сирија ќе учествува на конференцијата во Женева
26 мај 2013![](https://static.dw.com/image/16837170_800.webp)
Владата во Дамаск има намера да учествува на планираната меѓународна конференција за Сирија. Министерот за надворшни работи Валид Муалем денеска при претходно ненајавена посета на ирачкиот главен град Багдад изјави дека планираната конференција во Женева била „добра можност за политичко решение“ за граѓанската војна во неговата земја. На конференцијата, која ја иницираа Русија и САД треба да бидат разгледени решенија за излез од конфликтот.
Првата средба во Женева во јуни 2012 година заврши со општа согласност да се формира преодна влада и да се спроведе долгорочен прекин на огнот. Заклучоците меѓутоа никогаш не беа спроведени, бидејќи постоеше неединство околу политичката улога на Асад во преодната влада и двете страни се противеа да го положат оружјето. Опозицијата како и досега опстојува на оставка на властодржецот.
Во Истанбул во моментов се собра Националната коалиција, главниот сојуз на сириската опозиција, за да го одреди својот став на престојната конференција. Тридневниот собир кој требаше да заврши вчера, продолжен е за еден ден. Барањето на некои држави како Саудиска Арабија, бројот на членовите на сојузот да се зголеми за да се намали влијанието на Муслиманското братство, досега, спроед учесници на собирот, ја блокираше можноста за постигнување согласност.