1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема спогодба со аболицираните во Стразбур

ДТЗ /ДВ
15 декември 2020

Владиниот агент до петок треба да го извести судот дека нема спогодба за апликациите на ексфункционерите Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и други

Frankreich | Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte in Straßburg
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Fischer

Македонската влада нема да се спогодува со поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои се и Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, кои беа опфатени со аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов, а се обвинети во предметите на СЈО. Тие се повикуваат на одлука во Стразбур за сличен случај кога било одлучено дека доделена аболиција не може да биде поништена. Нивните апликации против државата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) се во почетна фаза. Владата има рок до 18 декември да испрати одговор до Стразбур околу евентуална спогодба, но таквата можност нема да биде искористена.

-повеќе на темата: Уставниот суд го затвори прашањето за аболициите на Иванов, на потег е Стразбур

На владиниот агент му биле дадени упатства во предвидениот рок да го извести меѓународниот суд дека Владата нема да ја користи можноста за спогодување, информираше денеска министерот за правда, Бојан Маричиќ. 

Помилувањата на Иванов беа дадени спротивни на домашното правоФотографија: P. Stojanovski

„Помилувањата на Иванов беа дадени спротивни на домашното право и беа избор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот истите да ги оцени упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост“, рече Маричиќ. 

Девет апликации

Станува збор за девет апликации до Стразбур поднесени од ексминистерот Миле Јанакиевски, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и Киро Тодоровски, шеф на кабинет на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Државата ја тужат и експремиерот во бегство, Никола Груевски, ексминистерката Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешните градоначалници на Гази Баба и Битола, Тони Трајковски и Владимир Талевски и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

-повеќе на темата: Иванов го востоличи разминувањето на правото и правдата

Тие се одлучија да поднесат апликации во Стразбур, откако претходно ги оспоруваа предметите за кои се судат и пред македонските судови повикувајќи се на тврдењето дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

Спорна аболиција

Се’ започна во 2016 година кога тогашниот претседател Ѓорге Иванов аболицираше 56 лица за кои се водеше истрага. Таквата одлука тој ја бранеше со образложение дека сакал да го заштити државниот интерес и да придонесе во решавање на политичката криза. Со општата аболиција беа опфатени голем број функционери и политичари.

По силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата.Фотографија: picture alliance/abaca/AA

На списокот за аболиција се најдоа имињата на тогашните први луѓе во ВМРО – ДПМНЕ. Членот 11-а беше вметнат во Законот за помилување затоа што Иванов немаше друга основа за повлекување на помилувањата. Откако пратениците ја аминуваа таквата законска можност, тој по неполни два месеца ја поништи одлуката за аболиција. По силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата.

-повеќе на темата: Иванов целосно ја повлече аболицијата

Уставниот суд неодамна го затвори прашањето за поништените аболиции на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и го отвори патот за процесуирање на судските постапки кои против повеќемина функционери ги започна СJO. Со 5 гласа „за“ и 3 „против“, судиите одлучија дека повлекувањето на аболицијата е законско и уставно, што подразбира дека не постои пречка да им се суди на 56 функционери обвинети во предметите на СЈО. Одлуката е донесена една година по отворањето на предметот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми