Владата одлучи: Учебната година ќе почне на 1 октомври
БГ
26 август 2020
Мандатарот Зоран Заев денеска најави, а владата на седница попладнево ја усвои одлуката за почеток на учебната година на 1 октомври. Начинот на изведување на наставата ќе биде дефиниран на првата седница на новата влада.
Реклама
Новата учебна година дефинитивно ќе започне еден месец подоцна, на 1 октомври, поради пандемијата на коронавирусот. Мандатарот Зоран Заев на денешната прес-конференција, по доставувањето на предлогот за новата влада во Собранието, најави такво решение, кое техничката влада предводена од Оливер Спасовски во меѓувреме го усвоила.
„Тенденцијата на подготовките поради здравствените протоколи ја носат работата тоа да биде на 1 октомври. На првата владина седница ќе биде донесена одлука, а ќе следуваат и законски измени“, изјави Заев.
Законските измени се потребни за да се смени датумот на почетокот на новата школска година, но ќе следуваат и серија мерки кои ќе треба да им ја олеснат наставата на учениците, без оглед дали таа ќе се изведува со физичко присуство или онлајн.
Мерките кои се веќе подготвени ќе бидат претставени од новата министерка за образование Мила Царовска по првата седница на новата влада следната недела.
Според владини извори, доколку епидемиолошката состојба тоа го дозволи, може да се очекува повеќе основни и средни училишта низ земјата и над трето одделение да ги отворат портите за присуство на ученици, под посебни протоколи.
Корона: Училишна настава со пречки
Во многу земји повторно расте бројот на новозаразени со коронавирус. Тоа во светски рамки ги става и училиштата пред големи предизвици. Како различни земји се справуваат со проблемот?
Фотографија: Getty Images/L. DeCicca
Тајланд: Настава зад пластична преграда
Околу 250 ученици од училиштето „Ват Клонг Тој“ во Банкок мораат за време на часовите да седат зад пластични прегради. Покрај тоа мора да носат и заштитна маска. Пред секоја училница се наоѓа мијалник и сапун, апарати за мерење температура се поставени на училишниот влез. Строгите мерки покажуваат резултати: од средината на јули во училиштето нема нови инфекции.
Фотографија: Getty Images/L. DeCicca
Германија: Почеток на учебната година со заштитни маски
Учениците во Основното училиште „Петри“ во Дортмунд се пример за начинот на кој со пандемијата се справува најбројната германска сојузна покраина-Северна Рајна Вестфалија. Во сите училишта важи обврска за носење маска. За разлика од останатите 15 покраини, тука маска мора да се носи и за време на часовите. Какви ќе бидат последиците, не може да се процени, учебната година започна на 12. август.
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender
Палестина: Училиштата конечно отворени
И во ова училиште во Хеброн во Западниот Брег, околу 30 километри јужно од Ерусалим, повторно почна настава. Исто така со обврска за маски, а во некои случаи и гумени ракавици. Радоста на наставничката поради почетокот на учењето е забележлива, без оглед на маската. Училиштата во Западниот Брег беа затворени од март. Хеброн се сметаше за епицентар на заразата со коронавирус.
Фотографија: Getty Images/AFP/H. Bader
Индија: Настава преку разглас
Посебна понуда во ова училиште во селото Дандвал во западната индиска држава Махараштра: на учениците кои немаат пристап кон интернет, им се нуди еден вид дополнителна настава за да го надокнадат пропуштеното. Учениците часовите ги одржуваат на отворено, наставниците им се обраќаат преку разглас, со претходни снимки. Оваа индиска држава беше посебно силно погодена од заразата со коронавирус.
Фотографија: Reuters/P. Waydande
Конго: Без измерена температура, нема училиште
Надлежните во престижниот кварт Лингвала во главниот град на државата, Киншаса, сериозно ги сфаќаат мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирус. На секој ученик кој ќе стапне во училишниот двор на училиштето „Отец Ким“, прво му се мери телесната температура. Постои обврска за носење маска.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Mpiana
САД: Рекорден број регистрирани со коронавирус
И во САД мерењето телесна температура спаѓа во секојдневниот ритуал на учениците како една од мерките за сузбивање на коронавирусот. Земјата е тешко погодена од корона-кризата, има најголем број починати како последица на Ковид-19.
Фотографија: picture-alliance/Newscom/P. C. James
Бразил: Прегратка за намалување на маките
Маура Силва е наставничка во училиште во западниот дел од Рио де Жанеиро, кон кое гравитираат најголемите сламови на милионската метропола. За барем малку да ја намали болката на своите штитеници, таа развила еден вид „престилка за прегрнување“. Овде е во домашна посета на еден свој ученик и му помага да навлече пластични ракавици пред да може да го прегрне.