Владата се подготвува за „најлошото“, заострен полициски час
БГ
6 април 2020
Владата воведува проширен полициски час во битката против коронавирусот. Премиерот Спасовски порачува дека доаѓаат најголеми предизвици. Бројот на заразени достигна 570. Три нови жртви во последните 24 часа.
Реклама
Од среда ќе важи засилен полициски час за сите групи граѓани, и дополнителни ограничувања за лицата над 67 години и оние до 18 годишна возраст. Полицискиот час на национално ниво ќе започнува во 16 часот и ќе трае до 5 часот наутро. Лицата над 67-годишна возраст ќе смеат да ги напуштаат своите домови само во работни денови од 10 до 12 напладне. Младите под 18 години, тоа ќе смеат да го прават од 13 до 15 часот. За викендите, почнувајќи од петоците во 16 часот до понеделниците во 5 часот, ќе важи целосна забрана за движење.
На овој начин владата сака да му застане на патот на, како што рече техничкиот премиер Оливер Спасовски, најголемиот предизвик кој допрва доаѓа.
„Критичната фаза мора да ја намалиме со најмали можни штети. Оваа битка ќе трае. Од секој од нас зависи колку долго и со колкав интензитет ќе војуваме со коронавирусот. Ние го немаме поминато најлошото“, порача денеска Спасовски.
Владата очекува наредните 2-3 недели да бидат најтешки затоа што се очекува да се достигне пикот на епидемијата со 2.000 до 2.500 заразени од коронавирусот. Спасовски им порача на сите верници дека претстојните верски празници како Велигден и Рамазан ќе мора да ги поминат во своите домови.
Исклучок од полицискиот час ќе добијат полицијата, армијата, здравствените работници, маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, како и аптеките кои ќе работат непречено. Спасовски рече дека полицискиот час може и натаму да се заострува доколку граѓаните не се однесуваат одговорно.
Три нови жртви на вирусот
Во изминатите 24 часа три лица починале како последица на заболувањето од Ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека се работи за пациент од Кочани на 40 годишна возраст, и двајца пациенти од Тетово, на возраст од 65 и 69 години. Двајца од тројцата починати немале претходни заболувања. Во истиот период се регистрирани 15 заразени лица од кои најголемиот дел се од Куманово. Седум лица се излекувале од вирусот. Вкупниот број на заразени од коронавирус изнесува 570 лица. Меѓу нив се и 18 деца на возраст до 9 години, но сите се со лесна клиничка слика и без потреба од долга хоспитализација. Седумдесет лица се сместени на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 10 се во потешка состојба, а 8 се приклучени на респиратори.
Од Азија кон Европа: Походот на заштитните маски против коронавирус
Прво важеа за неефикасни и збунувачки, но се‘ повеќе земји во меѓувреме воведуваат правило за носење заштитни маски против ширењето на коронавирусот. За победоносниот поход на маските, започнат во Азија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi
Ракавици, мобилен телефон, заштитна маска
Дали и во Германија ќе се воведе обврска за носење заштитна маска? По консеквентната употреба во Азија, институтот Роберт Кох препорача нејзино носење и во Германија. Јена е првиот град кој ја водведе оваа мерка, од 6 април во супермаркетите и јавниот сообраќај таму таа е задолжителна. Како заштита се прифаќа и шал или марамче на устата.
Фотографија: Imago Images/Sven Simon/F. Hoermann
Подарок за пожарникарите
Со оглед на големиот недостиг на заштитни маски, луѓето и институциите се снаоѓаат и сами. На Јутјуб и на Твитер под хаштагот „maskeauf“ многумина демонстрираат колку е едноставно да се изработи маска. Меѓу нив е и професионалната шивачка од Државниот театар Котбус, Керстин Бохов. Маските кои ги изработува оваа костимографка се наменети за пожарникарската служба и за Црвениот крст во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul
Плетени маски
Уметничката Манша Фридрих плете маски за заштита од коронавирус. Нејзините маски се украсени со мотиви на насмеани лица, животни, сонце. Внатрешната страна на маските може да се менува. Уметничката од Хановер не дозволува корона-кризата да ѝ го расипе расположението.
Чешка и Словачка се отидени чекор понапред, таму уште на средината на март е воведена обврска за носење заштитни маски. Оној кој влегува во супермаркет или градски превоз, мора да носи маска. Словачката претседателка Зузана Чапутова и премиерот Игор Матович предничат со добар пример. И Австрија во меѓувреме воведе обврска за носење маски во супермаркет.
Фотографија: Reuters/M. Svitok
Будење на пролетта во Кина
Во Кина заштитните маски одамна се задолжителни за граѓаните. Оваа двојка, без оглед на кризата со коронавирус и ригидните контроли, не сака да се откаже од романтика. Двајцата занесено танцуваат на пролетното сонце и сигурно забораваат на сите останати околу себе.
Фотографија: AFP
Израел не дозволува исклучоци
И во Израел во сила се драстични ограничувања на движењето, кои ги воведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а се контролирани од полицијата и од војската. Кон нив мора да се придржуваат и ортодоксните Евреи. Во квартот Меа Шерим во Ерусалим, еден вооружен полицаец му наложува на својот ултраортодоксен сограѓанин да се прибере дома.
Фотографија: picture-lliance/dpa/I. Yefimovich
Уметност во Појасот Газа
Во густо населениот Појас Газа, уметниците се обидуваат да ги мотивираат граѓаните. Во квартот Шујаија, тие украсуваат заштитни маски со различни мотиви. Владата во Појасот Газа воведе ограничување за движењето на населението и забрана за одржување на сите манифестации. И т.н. „Марш на враќањето“, кој секоја година преку масовни протести се одржува на границата кон Израел, годинава е откажан.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Wire/A. Hasaballah
Колумбиски „силници“
Во Колумбија на маските доминираат драстични и впечатливи мотиви. Вилиците на маските на двајцата полицајци се чини се инспирирани од колосот Хулк. Хулк е главната фигура во стрипот на Стен Ли и Џек Кирби, објавен во 1962 година. Приказната за неверојатниот Хулк е адаптирана во бројни филмови и серии.
Фотографија: AFP/L. Robayo
Макрон ќе се справува со недостигот од маски
Францускиот претседател посети фабрика за производство на заштитна облека и маски во Сент-Бартоломи д‘Анжу. Стотици лекари ја критикуваат владата што не набави доволни количини заштитна облека во време на епидемијата на коронавирус, но многумина од нив сепак работат, дури и без заштита. Емануел Макрон планира потребата од заштитна опрема да ја покрие со домашно производство до крајот на годинава.