1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата смирува: Има доволно храна, денарот е стабилен

ДТЗ
2 март 2022

Не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Проценките се дека во моментов нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, бидејќи има залиха за 35 дена

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По економските турбуленции предизвикани од руско-украинскиот спор, македонската влада го смирува граѓаните дека има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви.

„Граѓаните да бидат смирени, не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи“, велат од Владата, од каде уверуваат дека се следи состојбата на дневна основа и се преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните.

Проценките се дека во моментов нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена. „Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто“, велат од Владата.

Тие апелираат трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи, бидејќи од оваа одлука нема никој да загуби. 

Стабилен девизен курс 

Според Владата, граѓаните треба да бидат сигурни и во најавите на Централната банка која изминатите денови информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане.

„Централната банка успешно ја одржува стабилноста на девизниот курс што говори за нејзиниот капацитет кој го има на располагање за одржување на стабилноста. Оваа монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот е соодветна стратегија во линија со фундаментите на македонската економија и дека Централната банка има доволен капацитет да го одбрани курсот“, порача деновиве гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска. 

Според неа, оваа потврда за стабилноста на курсот се девизните резерви кои се клучната алатка при ваков тип на монетарната стратегија кои според последно расположливите податоци изнесуваат околку 3,4 милијарди евра што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година на гобалата финансиска криза. 

Инвазијата на Русија на Украина предизвика потреси на глобалните пазари. Пораснаа цените на примарните производи, храната и енергенсите. Западните санкции се закануваат да ја разнишаат руската економија. Но, последиците ќе се почувствуваат ширум светот од Европа до Африка во форма на повисока инфлација и недостиг на храна. Санкциите им нанесуваат штета на бројни држави кои во голема мерка се потпираат на пченица и природен гас од двете страни во војната.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми