1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата е падната. Власта виси.

11 февруари 2021

Македонија не може да има две „длабоки држави” – старата наследена и новата во процес на формирање. Следете го смирено процесот на проветрување и паничните егзибиции на засегнатите домашни првенци. Пишува Арсим Зеколи.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку би суделе по често повторуваниот шаренашки слоган дека „демократија е кога владата се плаши од народот, диктатура е кога народот се плаши од сопствената влада”, можеме да заклучиме дека во Македонија почна да се раѓа сонцето на слободата. И демократијата. Поради што домашниот естаблишмент е длабоко престрашен, додека пак граѓаните љубопитно следат од страна, благодарение на педантната НАТО-декласификација на каколот од житото, компромитираното од  доверливото, неодговорното од одговорното. Во рок од неколку недели, чиновите од Алијансата во Брисел јасно и коректно демонстрираат што значи селекција лишена од партиски, етнички, религиски, клановски, „нашедетевски”, круг-елитини, картелски бои. Сумирана во познатата „ни по баба, ни по стриковци”, туку по стандарди кои не прашуваат за пардон. НАТО навистина не е демократски сојуз, но токму затоа, темелниот пристап на селекција според индивидуална одговорност, отчетност и доверливост не е ништо помалку од долго очекуванатилустрација за начинот на кој сериозни институции се справуваат со предизвици. Накусо, непријатните ишарети од Алијансата се непријатни за естаблишментот, но се – верувајте! – ништо помалку од свежо ветре во засмрдениот естаблишмент. Впрочем, и Прибе доаѓа од земја членка на НАТО.

Добра и лоша вест

Процесот на сертификација на домашниот воено-политички-безбедносен корпус заслужува сеопшта поддршка, бидејќи таквиот пристап не е диктиран од мотивите про и контра, туку од стандардите и принципите кои важеле за сите пред нас, и после нас. Затоа, погрешни се интерпретациите во кои акцентот се става врз „одбивањето” на индивидуата, со што се дефокусира вниманието од вистинската цел  на усовршување, адаптација, надградба и консолидација на нашата сеопшта безбедност. Тоа е добрата вест за нас.

Лошата вест за естаблишментот е дека длабочината на безбедносната цензура во воено-безбедносниот апарат, следена од широчината на безбедносна цензура во политичко-административниот сегмент е со таков обем, што е неминовен заклучокот дека оваа Влада, под водство на Зоран Заев, е веќе падната. Тоа е единствениот логичен заклучок базиран врз соодносот помеѓу државничката одговорност кон граѓаните и политикантско ескивирање на отчетноста. Владата под водство на Зоран Заев е компромитирана по секоја основа на стандардите и духот на демократската отчетност, ефективно падната и оставена да се крие зад смоквиниот лист на „изборни резултати, мнозинство во парламент, сака не народ”. Празна математика на очај и кукавичко избегнување на соочување со базичниот камен темелник на секоја демократски избрана влада: сносење одговорност за неисполнување на преземените обврски и лажење на сопствените граѓани.

Апологетите на секое потфрлување на политиките и поведенијата на Владата предводена од Зоран Заев допрва треба да најдат приближно убедлив спин за скандалот со сертификатите. Уште на самиот почеток на непријатните вести од Брисел, укажав дека одбивањето на давање сертификат не е само по себе некаков страшен скандал, причина за драматизација. Но, инсистирањето на едни те исти имиња, и покрај веќе дадените назнаки за нивно неприфаќање, е скандал далеку поголем и позагрижувачки од самото одбивање. Таквото инсистирање во најблага мерка укажува на целосно непознавање на начинот на кој функционира Алијансата; во позагрижувачка мерка индицира персонален непотизам на домашните селектори; и во најзастрашувачки аспект импутира сомнеж дека самите домашни селектори се само спроведувачи на туѓи интереси и без право на автономен глас и став во носење одлуки.

„Смајли-стајлинг“

Таквите сомнежи, во чекор со сепак невообичаено големиот број на одбивања, не се намалуваат со веќе баналниот смајли-стајлинг на одмавнување со рака од страна на министерката за одбрана. Напротив, нејзиното одбивање да поднесе неотповиклива оставка не е демонстрација на увереност, туку на јасно искажано арогантно и дрско игнорирање на базичните постулати на вршење јавна функција. Да бидеш одбиен од НАТО може да биде личен проблем и неодговорност. Но, да останеш заклучена и закована за фотелја и покрај безмалку катадневни одбивања и шлаканици од надлежните во Брисел – не е ништо повеќе од соодветно заслужено, глобално демонстрирано самопонижување на личност соочена со мизерен крах на сопствената кариера. 

Шеф на држава во која се случуваат таква редица скандали и притоа се смета за Врховен командант, досега би требало да излезе со став и да го повика мандатарот на Владата да размисли дали се' уште ја ужива поддршката на граѓаните и довербата на сојузниците. Тоа е сепак невозможно да се очекува од номинален Претседател кој кротко одмолчува кога неговиот потчинет Премиер го краси со епитети на „неискусно политичарче”. Уште помалку од Претседател кој се смета себеси за „одличен познавач на НАТО-системите” во пост-фестум фаза на добивање корпи. Но, зошто тоа познавање на Пендаровски не беше искористено на самиот почеток на испраќање кандидатури на и онака веќе сомнителни ликови? Обидите на Пендаровски за дистанцирање од резилот во кој самиот има учествувано, паничните гракања „јас имам сертификат, јас имам сертификат” и жалните кукања за сопствената немоќ карши владата, се достојни на блед лик без сопствен глас. Кој мораше да се качи на Водно за да разбере дека авторитетниот „базамент“ на бивање татко на нацијата и Врховен командант не е впишана во уставните флоскули и врамени постери, туку во карактерната оска на моралност, достоинство и одговорност. Стравот, несигурноста, опортунизмот во одбивање да побара оставка од Премиерот, само ја подвлекува таа фаличност во време кога неговата земја минува низ длабока меѓународна компромитација. И мала странична забелешка до Пендаровски: има ли намера да ја искористи неговата функција за да го разјасни случајот Сопот и повика вистинските убијци на трите НАТО војници да се соочат со законски санкции? И да го оправда добиениот „сертификат” за третостепена доверливост во категоризацијата на НАТО-сертификати.

Други колумни од авторот:

Меѓуетничките односи во пост-соживотот

Академикот, Магистерот и табуто за проголтаните проценти

Владеење на правото за владеење

Несфатлива, неразбирлива и енигматична е кроткоста на министерот за надворешни работи во понижувањето покорно да ја прифати кандидатурата за прв дипломат во САД на еден длабоко компромитиран, вулгарен, мизогеничен, простоумен, насилен и сомнителен лик. Со што самиотмМинистер си го приреди сопствениот прв, голем скандал и сенка на сомнеж врз сопствениот кредибилитет и авторитет. Неговиот кататоничен молк во оваа ситуација е првиот индикатор дека и покрај несомнената лепеза на успешни посети, во основа не е ништо повеќе од послушник на неговиот лидер. Деградирајќи го сопствениот авторитет на пет-шест скалила подолу од авторитетното влијание на Алберт Муслиу врз ДУИ во полза на канидатот, како што јавноста можеше да наслушне не толку одамна. Таквата поставеност на Бујар Османи во однос на автономијата и карактерната автономност во вршење на сопствената работа, отвора и други прашања. Како што е зависноста од блискоста со Али Ахмети, кој иако без функција, тешко дека би добил сертификат од НАТО. Оценка базирана врз вистинската приказна за неговите маки во добивање виза за еднократна посета на САД. Да не зборуваме за виза-категориите издавани на други претставници од ДУИ. И нивната не баш преголема воодушевеност од неговата денешна посета и средби во седиштето на НАТО. Но, тоа е тоа, парафразирана албанска поговорка на адреса на Османи – што ќе ти сервира сопствената слепа желба за кариера, ни најнепријателски настроените опозиции не можат да ти го смислат.

Остана ли некој кој заслужува доверба?

Владата под водство на Зоран Заев е падната. Но поради веќе очигледната подземна папочна поврзаност на лидерот на опозицијата со Премиерот, евидентно е дека крај власта и естаблишментот виси на конец. Поместувањата во носење одлуки за доверливост и меѓунардна соработка прво ја разнишуваат Владата, следено од потреси во самата опозиција и на крај низ севупниот политички, економски, медиумски естаблишмент. Оттаму, колку и да се големи радувањата на Мицкоски, Села, Гаши за НАТО дебаклите на владата на Заев, нема сомнеж дека и во нивните души и опкружувања жестоко гори загриженоста за сопствените идео-политички диференцијации на кои допрва ќе бидат изложени, пред или по освојување на власта. А причини и ликови за таква загриженост имаат не помалку од сегашните владини функционери. Доколку не и повеќе. За Мицкоски лично, таа идеополитичка диференцијата е во сенка на неговите мизансценски маневри во периодот на доцната пролет и раното лето минатата година. За Зијадин Села, се однесува на неговиот отклон од етноалбанската оска на Алијансата и губење на стандардот на предвидливост во етничко претставништво, по мерка на дуетот Заев – Мицкоски.

На крај следи вашето сосема логично прашање: па остана ли некој кој вреди и заслужува доверба? Прашањето се осема на место, но со мал превид. Сеопфатноста на пречистувањето на естаблишментот од корупција и компромитација е правопропорционален одраз и огледало на тоталитарната мрежа на поврзани подземни и странски интереси, неспоиви со новата реалност на бивање земја-членка на НАТО. Популистички кажано, Македонија (како и секоја земја членка на Алијансата) не може да има две „длабоки држави” – старата наследена и новата во процес на формирање. Процесот на прочистување на каколот не се одвива во вакуум, туку е паралелно, трпеливо следено со процес на селекција и поддршка за нови сили. Кои ќе бидат поддржани во процесот на трансфузија на системскиот нервен систем и отчепување на затнатите крвотоци од остатоците на тромбозата од стариот систем. Затоа, без тревога и драматика, следете го смирено процесот на проветрување и паничните егзибиции на засегнатите домашни првенци. Верувајте, секое нивно зло е за наше добро.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми