Влада до крајот на неделава
8 август 2006Од ВМРО ДПМНЕ е соопштено дека можни вице-премиери би биле македонскиот Американец, Глигор Ташковиќ, кој сега е ангажиран на балканскиот нафтоводен проект АМБО и не е исклучено од Вашингтон и Светската банка да биде вратен Зоран Ставрески, еден од младите економисти од екипата на Никола Груевски, кога тој беше министер за финансии. Вчера попладне се ефектуира договорот меѓу Никола Груевски и Мендух Тачи за учество на ДПА во идната македонска влада. Тачи кусо коментираше:
“Оваа влада ќе треба да функционира како целина. Имаме многу заеднички допирни точки, многу заеднички интереси и мислам дека така ќе функционираме. “
Тачи соопшти дека во петок мандатарот ќе ја обелодени владата. И покрај вчера започнатите протести на ДУИ, кои продолжуваат и денеска низ цела западна Македонија, партијата ќе мора да се соочи со опозицискиот статус во македонскиот парламент. Се помали се шансите од таборот на Али Ахмети да се извлече ПДП и нејзините тројца пратеници и на тој начин да се распадне предизборната коалиција ДУИ-ПДП.Кенан Муслиу, еден од поранешните министри од ПДП, кој вчера се најде на скопските блокади, заедно со партиските симпатизери на ДУИ, рече:
“Убедени сме и така треба да биде – дека оваа коалииција треба да биде дел од власта. Некои шпекулираат дека право на мандатарот е да формира влада. Ако е тоа така, тогаш зошто Груевски не формира влада само со македонските партии? Тоа значи дека Македонија има свои специфики.“
Засега никој не ги официјализира трите клучни министерски места - за надворешни работи, за одбрана и за полиција, за што мандатарот Груевски треба да го чуе и мислењето на претседателот Црвенковски, кој има ингеренции во надворешната и безбедносната политика на Македонија.