1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влада: Не се доживуваат пријателски постапките од Бугарија

ЕМФ
28 октомври 2021

Македонската влада денеска во соопштение ѝ порача на Бугарија да се откаже од постапки и изјави кои не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани.

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Имаме разбирање за внатрешната политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но сметаме дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кои е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, се вели во соопштението на македонската влада и се оценува дека „таквите тонови не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани“.

Во соопштението се потенцира дека „немешањето во внатрешните работи е принципиелен став“ и дека таков став се очекува и од соседите.

„Со Договорот од 1 август 2017 година, Северна Македонија и Бугарија потпишаа дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои не носат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ. Наместо тоа, Договорот обврзува да се одржува европски дијалог и да се почитува и применува целосно, вклучувајќи го и темелниот принцип за немешање во внатрешните работи на двете земји.“

Повеќе: Оставка и обвинувања во македонската историска комисија

Владата тврди дека останува посветеноста „на дијалог со Софија и барање на заемно прифатливо решение за прашањата што се отворија“.

„Решенијата не се во минатото, тие се во иднината, а иднината бара дијалог, не монолог за внатрешна употреба. Кога станува збор за земја членка на ЕУ и за земја со потврдено признание дека ги исполнила сите услови за почеток на преговори за членство, дијалогот е единствено решение за билатералните прашања и за изнаоѓање меѓусебно разбирање. Република Северна Македонија е подготвена за тој дијалог. Време е Бугарија да ја покаже истата подготвеност“, се вели во соопштението на македонската влада.

Бугарскиот претседател Радев и македонскиот премиер Заев на средба во Брисел (14.06.2021)Фотографија: Government North Macedonia

Радев: Прво правата на Бугарите во РСМ, па преговори со ЕУ

Соопштението доаѓа еден ден по средбата на бугарскиот претседател Румен Радев во Софија со претставници на здруженија на Бугарите во Северна Македонија, на која тој рече дека „додека не биде решено прашањето на правата на Бугарите, што е европска вредност, Република Северна Македонија не може да започне преговори со ЕУ“.

Радев, како што пренесоа бугарските медиуми, најавил нова политика кон Скопје, со која Софија го префрла фокусот од историјата на правата на Бугарите во Северна Македонија. 

„Ова е еден од категоричните услови Бугарија ги постави“, вели Радев, додавајќи дека вистината за репресиите на УДБА мора да се знаат и мора да се знае генезата на процесот на дебугаризација. „Бугарија не води политика против РСМ, ние сме најпријателските земји. Зошто РСМ веќе 4 години не ги менува текстовите во учебниците, зошто се поттикнува омразата кон Бугарија? Од македонските државници не добивам рационален одговор на овие прашања“, прашува Радев, додавајќи дека желбата на Бугарија е интегрирање на државите во ЕУ, а не на проблемите. 

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, пак, на средбата со претставниците на организациите на Бугарите од Северна Македонија, нагласил дека „за РСМ да има наша поддршка, треба во Уставот на Македонија да се внесе бугарското малцинство“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми