Владика Пимен: Социјалните мрежи не се бауч
27 октомври 2013Владиката Пимен, кој вчера присуствуваше на одбележувањето на 40-годишнината од основањето на МПЦО „Св.Кирил и Методиј“ во Гетеборг, за МИА изјави дека смета оти одлуката за забрана за свештениците, монасите и владиците на МПЦ да ги користат социјалните мрежи, актуелизирана деновиве по иницијатива на владиката Петар, не е особено продуктивна кога станува збор да се има сенс за духот на современиот миг на живеење.
„Сакаме да имаме подобар контакт со верниците, особено со младите, да ги слушнеме нивните размислувања. Зошто тогаш да се исклучиме од Фејсбук“, вели владиката Пимен.
Претходно, Синодот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија донесе одлука за забрана за користење на социјалната мрежа Фејсбук меѓу свештенството, монаштвото и владиците, како што објави весникот „Нова Македонија“.
Весникот наведе дека решението во писмена форма било доставено до великодостојниците, а на него бил наведен и рок до кога треба да се исклучат од социјалната мрежа.
„Црковни извори, пак, истакнуваат дека ограничувањето треба да важи особено за оние што изминативе месеци искажувале лични ставови на Фејсбук и коментирале за политичките состојби во државата“, пишува весникот.
Предлагач на одлуката бил владиката Петар, што, како што наведува весникот, создало недоразбирања и превирања меѓу повозрасните, кои воопшто не го користат интернетот во комуникацијата со верниците, и меѓу помладите владици, кои секојдневно, особено преку мобилните телефони, се присутни на социјалните мрежи.
Портпаролот на МПЦ, Тимотеј за некои македонски медиуми изјави дека се работи за препорака која ќе се спроведува согласно договорот во секоја епархија поединечно.