1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија - социјалдемократите на пат кон дното

Роберт Шварц
27 август 2019

Во Романија се распадна владината коалиција составена на социјалдемократите (ПСД) и нивниот леволиберален партнер АЛДЕ. Посткомунистичките Социјалдемократи повторно тонат во безначајност, смета Роберт Шварц.

Rumänische Ministerpräsidentin Viorica Dancila  in Brüssel
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Дежаву на романски начин: повторно се распаѓа една и онака фрагилна владина коалиција кратко пред претседателските избори. Предавство, кршење на довербата, меѓусебни обвинувања, префрлање на одговорноста и најавено поставување на прашање за гласење доверба од страна на опозицијата: во Романија не е првпат да се води политика на ваков начин.

Извисените Социјалдемократи на премиерката Виорика Данчила сакаат да се задржат на власт со малцинска влада, псевдолибералната Алијанса на либералите и демократите (АЛДЕ) кова нов сојуз со пребеганите од ПСД на поранешниот премиер Виктор Понта, конзервативните национал-либерали ПНЛ во опозицијата се осоколени, а сепак не се решаваат да преземат владина одговорност.

Земјата, без оглед на економскиот раст, е економски исцрпена, политички мотивираниот пораст на платите и пензиите нема финансиско покритие, пред три години на големи ѕвона најавените проекти во здравството и во сѐ пораспаднатата инфраструктура се мртво слово на хартија, ништо не е вистински реализирано. Оној кој сега ќе ја преземе владата, има лоша почетна позиција.

Социјалдемократите презрени и кај европските Социјалисти

Сѐ уште владејачките социјалдемократи од ПСД се наоѓаат соочени со своја пропаст. По нивната јасна победа на изборите во 2016 година - според анкетите имаат загубено половина од гласовите - сменија тројца премиери и речиси 100 министри. Нивниот „лидер во сенка" Ливиу Драгнеа е зад решетки поради корупција и злоупотреба на службената положба, привремената партиска претседателка Данчила, марионета на Драгнеа, се обидува да ја спаси својата позиција и притоа го управува автомобилот – односно партијата и владата- право во ѕид.

Роберт Шварц

На меѓународен план ПСД, поради својот континуиран напад врз правната држава и судството, е на удар на критика, дури и кај својата партиска фамилија на европските Социјалисти.

Поразителен имиџ во анкетите

Но, Данчила сака да го продолжи патот без оглед на загубите. Нејзината цел е претседателската фотелја. А тоа е главна цел на новата владина криза. Шефот на АЛДЕ и претседател на Сенатот, Калин Попеску-Таричеани сметаше дека има добри шанси да биде кандидиран од страна на владиниот сојуз. Но, премиерката, досега незабележлива и поводлива исполнителка на желбите на нејзиниот голем идол Драгнеа, му ги помати сметките. Таа сака самата да го освои врвот на власта и со голема помпа ја најави својата кандидатура за претседателските избори закажани за доцна есента годинава. Дека притоа ќе се распадне нејзината влада, таа веќе претходно имаше вкалкулирана таква можност.

Повеќе:

Ливиу Драгнеа - крај на една политичка кариера во РоманијаРоманија: Победа против извртувачите на правдата

Романското претседателство со ЕУ: Безгласно и без последици

Данчила одамна се гледа себеси како мајка на нацијата, предодредена за крупни задачи. Она што притоа сосема го испушта од вид е дека нејзината популарност е на дното. Со актуелните вредности од 7,5 проценти таа нема речиси никакви шанси. Сегашниот претседател на државата Клаус Јоханис, кој одново ќе се кандидира и е поддржан од ПНЛ, според анкетите би освоил 40 проценти од гласовите.

Несомнено е дека ПСД веќе одредено време се наоѓа во слободен пад. Со овој последен дебакл, партијата со огромна брзина се движи кон политичка маргинализација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми