Владините политики-опасност за пензискиот фонд?
4 мај 2015„По барање на голем број работници од пропаднати фирми, кои поради стечај, или од други причини подолго време не постојат, односно, не работат, Владата најде решение како да го откупат стажот и тоа наскоро ќе биде преточено во закон“ – имаше изјавено уште на 18 – април годинава претседателот на Владата Никола Груевски. Набргу по оваа најава, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов се огласи и со следниве дополнувања: „Очекуваме да се опфатат 20 илјади луѓе, кои би можеле да го искористат ова право: претежно оние повозрасни граѓани, кои во најголем број случаи ја изгубија работата во 90-тите години од минатиот век кога многу компании се затворија.“ Дојче веле го праша Министерството за труд и социјална политика: до каде е подготовката на овие законски измени и што предвидуваат тие? Во писмениот одговор се наведува: „Постојат работници за кои делумно, или воопшто не е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, а правниот субјект не постои и не може да се наплати придонесот. Овие работници, и покрај извршената работа, немаат стаж на осигурување и не можат да остварат право на пензија. Некои би оствариле пензија со мал износ, или би добивале најниска пензија што се исплатува. За да се надмине оваа состојба, се предлага законска можност работниците да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за оној период за кој правниот субјект не извршил плаќање. Се предлага плаќањето на придонесот да биде на основа пониска од онаа што работодавачот бил обврзан да ја плати во минатото. Оваа мерка има социјален карактер и нема да предизвика дополнителни фискални импликации. Оваа недела законот ќе се најде во владина процедура.“
Но, од друга страна, во својата писмена изјава за ДВ Фондот за пензиско осигурување го наведува и следново од својата најновата анализа: „Не се работи за класичен докуп на стаж. Се проценува дека 2184 осигуреници би го искористиле правото да платат самостојно придонес, затоа што нивните претпријатија се ликвидирани. Како критериуми за тоа кои осигуреници би го искористиле ова право фондот ги зеде староста од 60 до 75 години и стаж на осигурување од најмалку 10 години, но не повеќе од 15 години пензиски стаж. Бидејќи, претежно ова право би го искористиле осигурениците што се доближуваат до границата на остварување на право на старосна пензија, или веќе ја минале границата од 62 години жена и 64 години старост маж, а немаат 15 години пензиски стаж. Вториот критериум е да имаат најмалку 10 години пензиски стаж од причини што придонесот на годишно ниво изнесува 34.440 денари по еден осигуреник, односно околу 561 евро, и тешко дека некој ќе се одлучи да плати придонес за 10 или повеќе години пензиски стаж.“
Очекувањата се дека околу 20 илјади граѓани од споменатата категорија ќе можат да си докупат стаж, но, сега Фондот за пензиско осигурување излегува во јавноста со проценета бројка за десетпати помала. Го прашавме Фондот: дали постои проценка колку пари ќе се слеат во неговата каса по основа на докупот на стажот од овие граѓани? Во одговорот се нагласува: „Ако сите овие 2184 осигуреници ги искористат поволностите на законот, во Фондот би се слеале 344 милиони и 744 илјади денари, односно, околу 5 милиони и 615 илјади евра, за просек од 4 години и 7 месеци стаж по осигуреник, колку што недостасува до 15 години пензиски стаж, како услов за старосна пензија.“
Јадранка Мршиќ, експерт за пензиско осигурување од Американ колеџот од Скопје укажува на социјалниот аспект на оваа владина мерка: „Мерката за да се овозможи откуп на пензиски стаж заради остварување пензија, генерално, претставува позитивно решение за проблемите на невработените лица, кои претходно работеле во друштва што се ликвидирани и кои не плаќале за нив пензиски придонес. Поради високата возраст и изразената стапка на невработеност, овие лица не можеле да се вработат ниту да го исполнат минималниот број години стаж за пензионирање. Тие се без приходи од работен однос, а немаат ни право на пензија. Одговорно би било да се најде решение за нивниот проблем.“
Меѓутоа, експертите веќе предупредија и дека „оваа владина мерка ќе претставува дополнително оптоварување на пензискиот фонд, кој и сега едвај го поднесува товарот на редовните исплати на пензии“. Во овој контекст Сашо Арсов, експерт за јавни финансии и финансиски менаџмент од државниот Економски факултет во Скопје, истакнува: „Претпоставувам дека се работи за лица на возраст од 60 и повеќе години, кои реално нема да можат да остварат право на пензија. Ако не сакаме да ги оставиме без приходи, тоа мора да се реши некако.. Во таа смисла, ќе има позитивни ефекти за оваа категорија граѓани, а во целина и за општеството, затоа што ќе има помал број социјално незгрижени лица. Но, за а овие лица во иднина ќе треба да се најдат пари за редовни пензии. Тие нема да го оптоварат пензискиот фонд. туку директно буџетот на РМ. Буџетот покрива голем дел од пензиите, бидејќи фондот е веќе целосно исцрпен. Секое зголемување на масата на пензии оди на товар на државниот буџет.“
Пред дваесеттина години во Македонија постоеше соодносот тројца вработени наспрема еден пензионер, а сега 1,8 осигуреници наспрема 1 пензионер. Експертите укажуваат на се потешката одржливост на пензискиот фонд, имајќи ги предвид и постојаните зголемувања на „финансиските инекции“ од буџетот на државата во тој фонд, изразено во стотици милиони евра годишно. Во ваков контекст, се наметнува прашањето: дали може во определена мера примената на владината мерка за откуп на пензискиот стаж да претставува дополнителна закана за ликвидноста на Фондот за пензиско осигурување?
Професорот Арсов е категоричен: „Всушност, пензискиот фонд, е веќе технички неликвиден и неликвидноста ќе се зголемува во иднина. Значи, ваквата мерка е финансиски неповолна, иако е социјално пожелна. Постои ред во јавните финансии, но, тој кај нас не се почитува воопшто. Оваа власт досега неколку пати ги зголемуваше пензиите, воведе бесплатен превоз за пензионери и слично, без да има проекција како тоа ќе се одрази на буџетот и на пензискиот фонд. Докупот на стаж на стаж значи дека ќе има и одреден еднократен прилив во буџетот. Во иднина, зголемени приливи единствено би се оствариле со зголемување на даноците и придонесите, но постојано се фалиме дека ги минимизиравме зафаќањата од бизнисот. Најдобриот извор е растечката економија. Таа би требало природно да создава вредност, од која би се покривале државните потреби. Односот вработени - пензионери е нарушен до таа мера што економијата нема да може уште долго време да го покрива фондот за пензии.“
Професорката Мршиќ дополнува: „Вкупните трошоци за пензии се движат во последните години околу 10 проценти од бруто домашниот производ на Македонија и тоа не претставува високо учество. Но, загрижува растечката потреба за финансирање на исплатата на пензии од буџетот; дури 41 проценти од потребниот износ за исплата на пензии се финансирал со буџетски средства во 2013 година. Зголемување на бројот на корисници на пензии ќе го заостри овој недостаток на ликвидност во Фондот.“
Од Фондот за пензиско осигурување се огласуваат со противстав: „Без основа е секој коментар на експертската јавност дека ова би претставувало дополнителен товар на Фондот. Повеќето од овие осигуреници, ако обврзниците навремено ги имаа платено придонесите за нив, сега веќе ќе имаа остварено право на старосна пензија. Но, затоа што не биле платени придонесите, тие работници немаат остварено право на пензија, што значи дека Фондот заштедил поради неисплаќањето на пензии за изминатиот период. За оваа категорија граѓани исплатата на пензии ќе отпочне по уплатата на придонесите и по исполнување на условот од 62 години маж и 64 години жена. Плаќањето на придонесите од страна на овие осигуреници ќе се врши на 50 отсто од просечната плата објавена во јануари во тековната година, односно по 2870 денари месечно, а не по стапка која важела, на пример, во 2000 или 2002 година.“
Сунчица Димитријовска, професорка од државниот Институт за социјална политика во Скопје, напоменува: „Мора системски да се разгледуваат намалувањето на процентот на средства, кои се уплатуваат за државниот пензиски фонд, од една страна, поради реформите и формирањето приватен пензиски систем, а од друга страна, и зголемувањето на бројот на пензионери и потребата за обезбедување сигурни буџетски средства за расходите за пензии. Потребно е тие средства добро да се планираат и постојано да се обезбедуваат, за да се осигури исплатата на пензиите.“
Единствено порастот на економијата и реалното зголемување на бројот на нови работни места можат да претставуваат вистинска основа за долгорочна финансиска одржливост на пензискиот систем. Во меѓувреме, или со буџетот ќе се се продолжи да се пополнуваат „дупките“ во фондовската каса, или ќе дојде до ситуација неодбежно да се зголеми стапката на придонесите за пензиско осигурување што се пресметува од платите на вработените.“