1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Владините службеници и расправиите на Фејсбук

Кристина Озимец
21 август 2017

Времето на лични ставови со кои јавно се напаѓа одредена политичка опција или се бранат некои политички ставови завршува во моментот кога новите службеници ќе стапнат во одредена институција,велат комуникациски експерти

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Фејсбук поетот Дарко Лешоски го „полуде“ Фејсбук. Неговото назначување за претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата (СВП) предизвика бура од реакции на „за“ и „против“, како и жестоки дебати, дури и тешки расправии на социјалната мрежа. Едните ја бранат одлуката, други пак сметаат дека кадровското решение е скандалозно. Лешоски остана да работи во владиниот сектор за комуникации, а си даде оставка од СВП, но дебатите уште траат. Она што е интересно е што во нив како страсни дебатери може да се забележат и вработени државни службеници во новата влада. Но тие не се активни само на оваа тема. Се коментира дневна политика, Договорот со Бугарија, противниците на политичката сцена, се бранат и промовираат активностите на владата. Претходно расправии предизвика и вработувањето на уште едно лице од ТВ екраните во Министерството за финансии – Јована Аврамовска од хумористичната серија „Фчерашни“. Бранимир Јовановиќ, кој е советник во ова министерство, ја бранеше одлуката со јавно дебатирање меѓу неговите Фејсбук пријатели. Често тој знае и преку неговиот профил да објасни или промовира некоја нова мерка на министерството. Но дали ова е етички и дозволливо? За тоа дали смета дека е правилно често преку оваа мрежа да коментира дневно политички настани како државен службеник, тој вели дека дефинитивно има разлика помеѓу коментирањето сега и коментирањето претходно.

„Токму затоа сега коментирам многу помалку од претходно. Но, не сметам дека треба да се воздржуваме од коментари. Со моќта доаѓа и одговорност, а одговорноста ни налага да коментираме на релевантни теми. Друга важна работа тука е што ние сме своевидни 'слуги' на граѓаните, поради што треба постојано да ја информираме јавноста за нашата работа и да одговараме на прашањата кои ни ги поставуваат“, вели Јовановиќ за Дојче веле. По нашите прашања зошто сѐ уште не навел на неговиот Фејсбук профил дека е вработен во државна институција, за граѓаните да имаат увид, тој вели дека се коригирал и го додал работното место на личниот профил во име на транспарентноста.

Фотографија: Privat

Дел од нововработените во владата се поранешни активисти и често присутни личности во јавниот дискурс, па тие на социјалната мрежа сѐ уште се однесуваат како и пред да бидат ангажирани, често го изразуваат нивниот политички став, а некои тоа го прават и во текот на работното време. Се наметнува дилемата - колку ова е правилно, особено ако се знае дека од владина позиција и позиција на моќ може да влијаат на јавното мислење на различен начин од претходно. Дали е професионално и етички нововработените активно да дебатираат на дневно политички прашања на социјалните мрежи? Каде е границата меѓу слободата на лично мислење и можноста да се влијае врз јавното мислење во прилог на владините политики преку Фејсбук?

Петрит Сараќини, посебен советник во Министерството за култура, кој исто така деновиве е особено активен на социјалните мрежи, за случајот „Лешоски“, вели дека владините службеници се исто така граѓани на Македонија и во тој контекст треба да ги уживаат сите граѓански права, вклучувајќи го и правото на слобода на изразување.

„Унифицирани правила на однесувањето на државните служеници, никаде во светот нема, има различни пракси за тоа каде и како треба да се однесуваат во зависност од земјите и праксата во тие земји. Клучното во целата таа работа е да се знае јасно кога службеникот коментира како личност, а кога комунцира службено. Вообичаено би требало државните службеници во работното време да имаат предвид дека тоа време им го плаќаат граѓаните и тоа време треба да го користат, доколку комуницираат со јавноста, да комуницираат во својство на државен службеник и така ќе бидат перцеперани. Секако и надвор од нивното работно време јавноста ги перцепира како државни службеници и затоа треба да внимаваат на начинот на кој комуницираат со јавноста. Затоа што сепак и вон работното време го претставуваат имиџот на институцијата.

Во оваа дебата што се случува деновиве, изнесувам и лични ставови, вообичаено вон работното време и се трудам во таа јавна комуникација да бидам пристоен да не користам навреди, клевети и да го задржам она ниво на комуникација на кое сум навикнат да го имам. Работата на оние кои работат во државна служба е тие да си го задржат нивото на комуникација“, вели Сараќини за Дојче веле.

Недозволиво е јавно коментирање на дневна политика

Во моментот кога некое лице влегува во Влада или било која друга државна институција, а притоа згора на се работи и во Одделот за комуникации и односи со јавноста, неговата улога во јавниот простор се менува - тоа лице станува слуга на граѓаните и така треба да се однесува, оти под графата граѓани спаѓаме сите ние и тие што гласале за оваа влада, и тие што не излегле на гласање или гласале против, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

Таа вели дека лицата кои работат во владините служби не треба да коментираат дневно политички настани, непримерно е да заземаат политичка страна или да проповедаат партиски политики, оти тоа не е лојалност кон службата и граѓаните, туку е лојалност кон партијата.

Фотографија: Reuters/R. Duvignau

„Не е етички седнати на столче во владина институција, и на сметка на државниот буџет, да се дебатира на социјалните медиуми за ставови на одредени поединци, тие да се напаѓаат за изразено мислење (па и нека е погрешно), или, да се брани одредена партиско-политичка политика која не е преточена во владино решение кое треба да се искомуницира со јавноста. Претпоставувам дека ова се прави стихијно, без одобрение на надредениот и без генерална стратегија за комуницирање со јавноста која ќе ги определи вредностите и начелата на комуникацијата и информирањето на сите граѓани.  Дополнителен проблем е тоа што за пошироката јавноста  ваквите настапи се од позиција на моќ, оти така се восприемаат вработените во јавна и државна администрација. Тие предизвикуваат ефект на замрзнување на секоја понатамошна критика или јавно изразен став на некој што мисли поинаку од владината политика. Овој ефект не се гледа веднаш, туку тој е кумулативен и има разорувачко дејство врз демократијата на секое општество, а посебно на македонското кое се уште не е излечено од последниците на пропагандата на минатата власт“, додава Трајковска.

Според неа, за да нема различно толкување на правата и обврските на јавните чиновници, потребно е да се актуелизира прашањето на Етичкиот кодекс на јавната и државната администрација и да се утврдат вредностите, стандардите на однесување, правата и нивните одговорности. Со ова и јавноста би можела сама да утврди дали некој административец ја злоупотребил својата позиција и непрофесионално се однесувал, стигматизирал одредена група луѓе која ја критикувала власта или ги бранел партиските ставови на тие што го вработиле, заборавајќи дека зема плата за да работи за сите граѓани и дека не смее да ги дели граѓаните по ниту една основа.

„Посебно внимателни треба да бидат вработените во Владата или било која друга јавна институција кои се задолжени за односи со јавноста. Тие мора да сфатат дека времето на лични ставови со кои се напаѓа одредена политичка опција е завршено со моменот кога стапнуваат во институцијата. Од тој момент, па дури и на нивните лични профили тие треба да се однесуваат еднакво спрема сите граѓани, без оглед што интимно мислат за одредени политички случувања. Тие се лицето на владината институција. Тука завршува приказната. Сите тие муабети за лично мислење или слобода на говор за жал, зборуваат за несвесноста за функцијата што ја вршат, оти тие лица не треба само да информираат, туку треба и да го интегрираат општеството и со нивната работа да покажат дека државниот систем е еднаков кон сите, без оглед на различните ставови, групи, етникуми.  Веројатно се уште не се свесни дека сега, всушност тие се системот“, додава Трајковска.

Влада: Не можеме да правиме цензура

Влатко Васиљ и Ивана Јордановска, кои работат во Секторот на владата за комуникации и се често активни на Фејсбук, коментирајќи дневно-политички настани, не одговорија на нашите прашања за начинот на комуникација на државните службеници со јавноста и нѐ упатија до Марјан Забрчанец, кој е советник на премиерот за Односи со јавност, како и координатор на Секторот за комуникации во Владата.

Забрчанец за Дојче веле вели дека етиката во јавната комуникација може да се подобрува преку кодекси на однесување и политики за користење на дигиталните медиуми, кои треба да бидат во насока на промоција на аргументираност и толеранција, сузбивање на говорот на омраза и промоција на слободата на изразувањето.

Фотографија: picture-alliance/dpa/H.J. Wiedl

„Слободата на изразување е неприкосновено уставно право на секој граѓанин на Република Македонија. Владата е силен промотор на слободата на изразување, особено ако се има во предвид децениското задушување на ова основно човеково право. Јавното мислење се креира од различни типови јавни комуникации и случувања, а врз него влијаат разни чинители како семејствата, соседствата, образовните институции, религиозните заедници, политичките партии, граѓаните, компаниите, медиумите. Единствен начин за некој граѓанин да не влијае врз јавното мислење е да му се воведе цензура и да му се ограничи слободата на изразување, но тоа не е добро, не е демократски и се коси со Уставот на Република Македонија.

Комуникациите на приватните профили на социјалните мрежи на вработените во Владата на Република Македонија не ги претставуваат владините позиции, ниту пак сите вработени во Владата имаат обврски и задачи да комуницираат директно со широката јавност во име на институцијата. За тие цели постои официјално лице, портпарол на Владата како и официјални лица задолжени за односи со јавност во министерствата. Електронската пошта, официјалниот твитер профил и официјалниот телеграм профил на портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, се јавно објавени и се користат исклучиво во службени цели. Приватните фејсбук профили на вработените лица во Владата не се канали за професионална службена комуникација“, вели Забрчанец.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми