1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборен лавиринт

Катерина Блажевска4 јуни 2014

Дополнителни избори при пропорционален изборен модел се апсурд: се дава можност исти лица да гласаат два пати и нивните гласови да бидат повеќекратно претставени во парламентот, предупредува опозицијата.

Фотографија: MAKFAX

Политичката сцена во Македонија повторно се разбранува. „Тријат раце“ новоформираните и помалите партии кои нe припаѓаат на коалицискиот блок на СДСМ, во надеж дека на дополнителни парламентарни избори ќе добијат шанса за влез во парламентот. Таквата надеж им ја даде лично премиерот Никола Груевски, кој вчера во интервју за МИА најави дека веднаш по констатирањето на оставките на 33 пратеници од СДСМ, Собранието ќе распише дополнителни избори за пополнување на нивните места.

„Се заплеткаа со оставките и сега не знаат како да се отплеткаат. Ние ќе треба да ги отплеткуваме. Со поднесените оставки Собранието нема да има друг избор, освен на следната седница да ги верификува и да распише нови избори за ослободените места во парламентот. Таа седница не може да е подоцна од 18 или 19 јуни, кога треба да е изборот на новата влада. Дотогаш имаат можност да ги повлечат, освен ако во меѓувреме претседателот на парламентот не свика седница за други прашања и да ја постави и оваа точка на дневен ред“, изјави Груевски.

По скратена постапка?

Изјавата на премиерот навестува дека тоа ќе се реализира по скратена постапка, со што ќе се прескокне предвидената процедура партеничките места да им се нудат на следните кандидати на листите на СДСМ. Според експерти за изборно законодавство, ваквата опција е е можна само ако ДИК ги активира нотарски заверените изјави на сите опозициски кандидати, со кои веднаш по изборите тие се изјаснија дека не ги прифаќаат мандатите. Според други толкувања, тие може да се активираат само ако кандидатот молчи и во предвидениот рок не одговори дали го прифаќа мандатот. Но, бидејќи нотарските изјави претходно не беа признаени како легална можност за откажување од мандатите на 34-те пратеници на опозицијата, тоа би значело дека скратената постапка што ја најавува премиерот, не ќе може да се реализира. Ако се почитуваат роковите од три дена за известување на следниот кандидат од листата на СДСМ и рок од 8 дена за одговор, „анкетирањето“ на сите од листатата на СДСМ и НДП, може да трае и три месеци, што значи дека дополнителни избори најрано би се одржале наесен. Дотогаш парламентот може непречено да функционира и со сегашниот број на пратеници.

Нови избори?Фотографија: MIA

Можноста за скратена постапка ја компликува фактот што Државната изборна комисија (ДИК) претходно веќе се изјасни дека ќе ја спроведе предвидената процедура. И покрај тоа што СДСМ И НДП се изјаснија дека и другите кандидати од нивните пратенички листи нема да прифатат да бидат пратеници, ДИК најави дека ќе им понуди на следните кандидати од листите да ја прифатат функцијата. Досега тоа го стори Роза Топузовска Кареска од ЛДП, која е единствениот пратеник од опозициската коалиција на СДСМ, што го прифати мандатот.

Според аналитичарите, иако не е исклучено парламентот да се пополни и со други пратеници од опозициската листа, поверојатно е дека власта ќе најде „правно алиби“ за дополнителни избори што побрзо, со цел, пред есенскиот самит на НАТО, Македонија да покаже дека има легално и легитимно избрана опозиција во парламентот, односно дека земјата има институционална стабилност и функционалност.

Нема исцрпена листа

Опозицијата предупредува дека не постои законска можност за организирање дополнителни парламентарни избори, особено не во услови кога изборите се спроведуваат според пропорционален изборен модел. Тој став го објаснува Рената Дескоска-Тренеска, професорка на Правниот факултет на УКИМ и пратеничка на СДСМ која се откажа од добиениот мандат.

Опозицијата предупредува дека не постои законска можност за организирање дополнителни парламентарни избориФотографија: Petr Stojanovski

„Доставените оставки од опозицијата треба да бидат констатирани на првата седница на Собранието, исто како што се постапи со оставката на Руфи Османи од НДП. Потоа Собранието треба да ја извести ДИК дека 33 места во Собранието се испразнети и таа треба да ги понуди местата на следните кандидати од листите на СДСМ. Штом тие не ги прифатат мандатите, истите им се нудат на следните, се‘ до крајот на листата. Кога ќе се дојде до крајот на листата, Изборниот законик предвидува дека се почнува од почеток на листата. И постапката за нудење на мандатите се повторува. Во Изборниот законик има одредба дека кога листата е исцрпена се распишуваат дополнителни избори. Очигледно дека во Изборниот законик се прави разлика помеѓу поимот 'исцрпена листа' и поимот 'доаѓање до крајот на листата', односно овие два поими не ги третира како синоними. Што значи исцрпена листа? Тоа значи дека немате веќе кандидати на листата, односно немате лица на кои може да им се понуди мандатот. Но, се додека на листата имате живи, деловно способни лица, кои не се осудени на казна затвор од најмалку 6 месеци, се‘ дотогаш има кандидати на кои може да им се нуди мандатот и таа листа не се смета за исцрпена. Дополнителни избори при пропорционален изборен модел е апсурдна ситуација во која се дава можност исти лица да гласаат два пати и нивните гласови да бидат повеќекратно претставени во парламентот“, вели Тренеска.

На неуставноста на потенцијалната можност „едно лице - два гласа“ укажува и Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието и лидер на опозициската НСДП.

„Уставот не предвидува ваква околност, бидејќи има решенија само за мнозински изборен модел. Ние во два мандата имавме мнозински изборен модел, потоа комбиниран, а сега имаме пропорционален. Во такви услови, не може за еден мандат на Собранието граѓаните да имаат два пати право на глас. Тоа има логика само во мнозински изборен систем. Граѓаните веќе гласаа и се определија за одредена партија. Моделот е пропорционален: ‘Имам еден глас, не можам два пати да излегувам на избори‘“, укажува Петковски.

Според него, ако власта се реши за дополнителни избори, тоа ќе биде правно проблематична ситуација, со која уште еднаш ќе потврди како ги третира законите и принципите за фер избори, но и фактот зошто опозицијата се решила да го делегитимира таквото владеење.

Виртуелна опозиција

Аналогно на резултатите од априлските избори, ако се организираат дополнителни избори, според аналитичарите, сосема е извесно дека дел од мандатите повторно ќе ги добијат партиите кои се веќе дел од парламентарниот состав: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и ГРОМ. Неизвесно е колкав капацитет ќе покажат новоформираните партии, за да привлечат дел од гласачкото тело на СДСМ, а не ја исклучуваат дури и можноста незадоволни социјалдемократи да основаат нова партија. За да се обезбеди впечатокот дека е обезбедена „опозиција“, постои и можност и владејачките партии да „мотивираат“ дел од своето членство да гласа за други, помали партии. Отворени се сите опции. Тренеска не влегува во анализи за какви било изборни резултати. Акцентот го става на чинот на креирањето на „виртуелна опозиција“.

Фотографија: MIA

„Дополнителни избори во Македонија е опција која би била само продолжение на насилството на власта, кое таа го практикуваше во текот на изборниот процес и со насилната верификација на мандатите спротивно на досегашната практика во Собранието. Преку ваков чекор всушност власта само уште еднаш ќе го покаже своето лице - 'лицето на Доријан Греј' и ќе го потенцира апсурдот на состојбата во која ВМРО-ДПМНЕ ја доведе Република Македонија. Во земјава имавме нелегални и нелегитмни избори. Две институции се со оспорен легитимитет - Собранието и Претседателот на Република Македонија, а дополнителните избори само ќе се вклопат во 'фолклорот' на политичката ситиуација, креирајќи виртуелна опозиција по мерка на власта. Со нив ВМРО-ДПМНЕ само ќе фингира решение за кризата, но нема вистински да ја реши, бидејќи градењето 'потемкинови села' е нејзина партиска специјалност“, оценува Тренеска.

На дополнителни парламентарни избори право да учествуваат имаат сите партии кои до ДИК ќе достават пратенички листи. Подготовката на изборите и кампањата за празните места траат околу 50 дена. Според изборните резултати од парламентарните избори кои се одржаа на 27 април, на евентуалните дополнителни избори партиите во изборна единица (ИЕ) 1 ќе треба да состават листа со 7 кандидати, во ИЕ 2 - со 5 кандидати, во ИЕ 3 – со 7, исто толку во ИЕ 4, со шест во ИЕ 5 и со двајца кандидати во ИЕ 6.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми