ВМРО-ДПМНЕ главната изборна стратегија ќе ја темели на „одбрана на државата од федерализација“, тврдат извори од оваа партија. Политиколозите се уверени дека веќе не поминува играњето на националистичка карта.
Реклама
Табла, на која името на Општинската организација на СДСМ во општината Чаир е напишано и на албански јазик, експресно ја врати на јавна сцена националистичката реторика типична за предизборни периоди - „вовед во двојазичност на целата територија на државата“, „вовед во федерализација“, „поделба на државата“, „губење на македонскиот идентитет“...
Активисти на СДСМ, кои вчера ги завршуваа последните подготвки за отворање на локалното седиште на нивната партија во Чаир, не се оптоваруваат со ваквите тврдења. Трајче Неделковски, член на СДСМ, вели дека двојазичната табла е резултат на зголемената заинтересираност за членство од граѓани од различни заедници, особено од етничките Албанци.
„Масовно се приклучуваат етнички Албанци. Веќе имаме околу 800 членови, кои до вчера веројатно биле во ДУИ, во ДПА или биле неопределени, меѓутоа сега масовно бараат членство во СДСМ“, изјави Неделковски за ТВ „21“.
Џеват Исени, еден од новите членови на СДСМ, објасни зошто се зачленил во партијата.
„Горд сум што се зачленив во седиштето на СДСМ, кое ќе функционира на двата јазици, за да му кажеме на народот дека албанскиот јазик ќе се употребува и во СДСМ“, изјави новиот социјалдемократ Исени.
Потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, запрашан дали поставувањето на двојазичната табла на седиштетото на СДСМ во Чаир е чекор за придобивање на албанскиот електорат, изјави: „Ние во Република Македонија јазикот го користиме за да се разбереме со нашите сограѓани - Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и останатите. А она за што треба да зборуваме се нови вработувања, нови работни места...“
„Подарок“ за ВМРО-ДПМНЕ
За можноста за двојазичност и во општини каде етничките Албанци не се мнозинско население, минатиот месец бегло проговори лидерот на СДСМ, но бидејќи не даде дополнителни објаснувања, таа изјава остана паушално толкувана и дочекана со остри критики од владејачката партија. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција ја обвини опозицијата дека тоа го заговара подолго време и дека тргува со националните интереси.
„Уставот јасно вели дека на целата територија на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, а друг јазик што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто така, е службен во единиците на локална самоуправа каде што тие живеат во мнозинство или значителен број. СДСМ во очај почнува да тргува со националните и со државни интереси и прави огромна штета на Македонија“, изјави Димовски.
Според извори од владејачката партија, со изјавата на Заев врвот на ВМРО-ДПМНЕ добил „огромен подарок“, односно капитал за изборната кампања. „Партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во фокусот на вниманието поради истражувањето на индиции за криминал што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, сега се подготвува главната кампања да ја темели токму на 'спасување на Македонија од процеси за федерализација, односно за распарчување на земјата'. Намерата е во целосна сенка да останат истрагите и обвиненијата од СЈО, додека тие 'ја спасуваат државата'“, велат овие извори.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel
14 фотографии1 | 14
На тој план не се губи време. По поставување на двојазична табла на општинската организација на СДСМ во Чаир, на социјалните мрежи се објавени фотографии, од наводни - герила акции. На една од нив, се гледа дека „СДСМ во Кочани“ е напишано и на албански јазик. Засега не е познато дали се тоа фонтомонтажи или вистински табли, и кој ги поставил.
Темата била актуелизирана и на вчерашната трибина на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) во Свети Николе.
„Сегашната политичката состојба во Македонија има за цел од страна на опозицијата да предизвика дестабилизација и федерализација на Република Македонија, што не му одговара на ниеден етнос, ниту на Македонците ниту на Албанците, а со тоа да предизвика бирање на една марионетска влада која ќе може да биде управувана од надворешни структури“, истакна аналитичарот Александар Даштевски.
Веќе видена тактика
Политиколозите не се изненадени од засилувањето на ваквата реторика. Дел од нив сметаат дека овојпат таа нема да фати корен, без оглед колку агресивно ќе биде наметната, бидејќи главната општествена тема е - расчистување со криминалот. Други предупредуваат дека тоа е опасна игра во време на длабока криза.
„Играњето на картата на национализмот во нашето мултиетничко општество е добро позната и веќе видена тактика на владејачките елити, со која секоја од нив се обидува предизборно да си ги зајакне позициите кај својот електорат. Во време на длабока и сеопшта криза, крајно неодговорно е таа дополнително да се продлабочува со теми за федерализација. Едно треба да се знае. Ниту еден конфликт не се случил затоа што луѓето комуницирале и се разбрале на некој јазик, туку затоа што воопшто не се разбрале“, вели младиот политиколог, Арбен Адили.
Но, засега е неизвесно дали прашањето на високата политичка одговорност е вкалкулирано во стратегиите за изборната трка. На социјалните мрежи веќе се споделува фотографија од смс-порака со барање за наводно присуство на настан во недела, на 16-ти октомври во Скопје, за кој е обезбеден превоз и се правеле списоци во месни комитети. Неофицијално, преку невладини организации се планирало организирање голем собир „против федерализација“, односно контрамарш на граѓанскиот, кој во организација на лидерот на СДСМ и повеќе истакнати личности од општествениот живот, ќе се одржи утре, на 11-ти октомври, во Скопје.