1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Властите немале поим за претстојниот напад“

Андреас Нол
4 јуни 2017

Политиколокот Ентони Глис во интервју за ДВ ги анализира последиците од најновиот напад во Лондон за Велика Британија.

Britannien London - Terroranschlag
Фотографија: Getty Images/D. Kitwood

ДВ: Професоре Глис, по терористичкиот напад партиите привремено ја запреа кампањата пред изборите. Може ли да се процени какви ќе бидат политичките последици од нападот на само неколку дена пред парламентарните избори?

Ентони Глис: Последиците може да бидат големи и тоа не само за партиите, туку и за нивните лидери. Шефот на лабуристите, Џереми Корбин, цело време велеше дека е против тоа осомничените терористи едноставно да се убиваат. Но, тројцата напаѓачи синоќа беа застрелани. Што ќе каже на тоа? Знаеме дека во Велика Британија има околу 23.000 осомничени џихадисти. Но, не можеме да ги контролираме затоа што Тереза Меј, како министерка за внатрешни работи, во 2010 години ги укина контролите. Двајцата лидери на големите партии се во лошо светло. Во лошо светло се и безбедносните служби. По нападот во Манчестер беше подигнат степенот на предупредување од тероризам, а потоа беше спуштен. Тоа значи дека властите воопшто немале поим за претстојниот напад.

По секој напад се мобилизираат полициски сили, доаѓаат изрази на сочувство од странски шефови на држави и влади, кои изразуваат своја солидарност. Но, во принцип, не се менува ништо. Дали политиката е немоќна?

Политиката е немоќна затоа што Велика Британија е во една многу лоша состојба. Минатата година гласавме за Брегзит, без кој и да е политичар да ни каже што Брегзит всушност значи. Сега живееме во една земја која не знае како да ја гарантира безбедноста и не знае каде државата треба да оди во наредните години. Поради тоа сме и лесна мета за напад. Ранливи сме.

Ентони ГлисФотографија: University of Buckingham

Британците се познати по тоа дека досега реагираа помирливо на терористичките напади. Дали гледате опасност сега во тој поглед нешто да се промени?

Во право сте. Британците се помирливи. Градоначалникот на Лондон, кој е муслиман, вели: Нема да дозволиме од страна на терористите да биде уништен нашиот начин на живот. Такво нешто би било победа за тероризмот. Ќе продолжиме како и досега. Но, големата дилема гласи: ако продолжиме како досега, тогаш тероризмот постојано ќе се зголемува. Мислам дека граѓаните тоа нема да сакаат да го прифатат. Сега нешто мора многу да се промени. Ако тоа не се случи, има опасност некои луѓе да ја земата работата во свои раце. Големото мнозинство на муслиманите кои не сакаат да имаат ништо со теророт е исто така во тешка ситуација. Францускиот претседател Оланд три дена по нападите во Париз нареди напад на француската воена авијација врз исламистите во Рака. Ние во Велика Британија и кога пред две недели беа нападнати нашите деца во Манчестер, не сторивме ништо. Можно е сега да станат погласни оние кои бараат нешто навистина да се стори.

Ентони Глис е професор по политички науки на Универзитетот Бакингем. Во фокусот на неговата истражувачка работа се вбројува и безбедносната политика во Велика Британија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми