1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влатко Стефановски: На патот до совршениот тон и стих важно е-добро да се забавуваме

Сузана Тодоровска-Павлоска28 март 2014

Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, еден од најпознатите македонски музичари во светот, одбележува 40 години од својата кариера. За него сцената е „свето место“.

Фотографија: DW/V. Todorovska Pavloska

Концертот вечер, 28 март во Универзална сала во Скопје ќе биде своевидна ретроспектива на неговата досегашна работа и концертна промоција на новиот неодамна објавен авторски албум „Сеир“. Влатко Стефаноски за Дојче веле зборува за својата работа, за односот кон публиката...

ДВ: Изгледа дека „Сеир“ е природно „slow food“ следување за публиката по 40 години работа?

Стефановски: Време беше за мој кантавторски албум и сите десет композиции ги работев многу бавно и внимателно, за да ги избегнам евентуалните стапици и грешки што можат да се случат кога се продуцира нова музика. Мислам дека во моментов кантавторските албуми се прилично популарни, а на светската музичка сцена многу се работи на рециклирање на стари идеи, содржини- сè некако се врти во круг, како во модата, така и во музиката. Повторно доаѓаат 50-ти, 60-ти, а сега се на ред 80-тите години. Има нешто чудно во тоа што луѓето повеќе ја сакаат старата отколку новата музика и многу е тешко човек да направи и да се наметне со нов албум. Сега за сега сум задоволен од тоа како јавноста го прими новиот албум.

ДВ: Изјавивте дека „Сеир“ е еден вид „зен“ момент- дали е момент на лично авторско и духовно заокружување и еден (по)смирен поглед врз изминатите години?

Стефановски: Да, но не со албумот. Можеби се наоѓам во период од мојот живот кога мојата генерација полека ја спушта топката, а мене како рокер тоа не ми следува и морам да терам додека можам. Веројатно се собрало големо искуство во изминатите години- низ што сè сум поминал, колку луѓе сум запознал, на кои проекти сè сум работел. Тоа сега ми дава една позиција да можам и да не морам да се туркам во првите редови и порелаксирано да гледам на животот.

ДВ: Сега се фокусирате и зумирате“(„Фокусирам и зумирам“ од албумот „Сеир“- заб. на авт)...

Стефановски: Се обидувам постојано да го фокусирам своето внимание на луѓето што ме опкружуваат, но и на работата...

Пред 30-тата година, младите луѓе повеќе се возат на хормони отколку на размислување за животот- повеќе работат импулсивно отколку промислено. Таа духовна црта секогаш била важна во музиката и уметноста. Сум ги правел тие „психоаналитички“ албуми порано- “Cowboys &Indians”, дури и голем дел од албумите на Леб и сол- „Као какао“, „Путујемо“. Ама сега тоа не ме интересира. Голема приказна е да ја пропуштиш идејата низ себе, а таа не доаѓа така лесно. Добрата музика треба да дојде до тебе, да ѝ овозможиш да ти се појави и некако да ѝ дадеш живот. Ова го прочитав кај Џон Меклафлин кој вели- јас само се обидувам музиката да помине низ мене. Се обидувам идеите да живеат без мене...

Фотографија: DW

ДВ: Овие 40 години на домашната сцена, на Балканот и далеку од овие простори, гледавте како музиката и емоцијата ги поврзуваат луѓето, ги уриваат границите и предрасудите. Рано е за повлекување црта во кариерата но, ако се свртите назад?

Стефановски: Тој процес на размена со публиката е мистичен- нема правила ни законитости. Еве, гледавме „Икс фактор“ и видовме еден панаѓур на суети, фабрикување на таленти. Како што се произведуваат фармерки и патики, така се произведуваат и музички ѕвезди Јас повеќе сакам да верувам во автентични таленти. Затоа, нема рецепт за патот до срцата на публиката - секој мора сам да го бара. За да допреш до нечие срце, прво треба да си го допреш сопственото, а тоа малку боли. За да бидете автентичен и квалитетен автор, мора да тргнете од сопствените емоции. Тоа авторско копање по себе верувајте дека е сложен процес.Не велам дека човек треба да се занимава само со некои длабоки емоции - музиката може да биде и само забава!

ДВ: Македонската култура на црвените теписи? Се фаворизира ли популистички концепт и се заборава на суштинските вредности? Се случуваестрада во културата“?

Стефановски: Да, ни се случува естрада во културата. Ние сме мала средина, сите сакаат пет минути слава. Тоа е разбирливо. Само прашањето е дали откако ќе прошетате по црвениот тепих ќе гледате филм за Оскар или некој неуспешен експеримент и дали ќе знаете каде е вратата за излез? Факт е дека тонеме во кич и лажен гламур. Панаѓур на суети и (не) остварени амбиции...

ДВ: Велите дека Ваша мисија е да ја афирмирате културата на македонскиот простор. „Секогаш морам да вагам- што е лошо и е за критика и што е добро-да се промовира. Но, критичност нема, а интелектуалците не „брануваат“?

Стефановски: Не знам што треба да прават интелектуалците?! Да излезат со транспаренти, на барикади- не знам. Тие треба да си ја бркаат својата работа. Не знам зошто постојано прстот се вперува кон нив? И не е баш дека не се пројавуваат со своите ставови - од позицијата и од опозицијата. Се изнаслушавме сè и сешто.

ДВ: Ретко јавно излегувате со политички став. Избегнувате вакви теми?

Стефановски: Ги избегнувам затоа што мислам дека доволно кажувам во моите песни. Нема потреба да ги дообјаснувам или моите песни и ставови да ги потпирам на некакви патерици. Сте слушнале ли некогаш Боб Дилан да ви каже за своите политички ставови? Скоро никогаш. Многу би бил среќен моите песни да зборуваат за сè. Пред 11 години мојот албумот се викаше „Кула од карти“- има интересни предвидувања и ставови. А пред да пукне Југославија ги имав „Путујемо“ или „Као какао“- 1987. година со рефренот „сè е матно, као какао“...

ДВ: Еден посветен музичар веројатно целиот свој живот ќе го потроши во барање на својот „совршен тон“. Ова повеќе како животна метафора. Се‘уште го барате?

Стефановски: Тој тон што ќе ми значи мене и на публиката ќе го барам сè додека сум жив. Јас ги барам совршените решенија во моите песни и совршените фрази во моите сола, но и совршениот тон на мојата гитара. Го барам и совршениот збор во моите стихови ама такво нешто многу тешко се постигнува. Ние луѓето- сите сме со „вградена грешка“ и не сме совршени. Ама затоа, возбудлив и интересен е патот кон совршенството. Да одиме напред и да го бараме. Но, дали ќе го најдеме не е важно. Важно е дека по пат- добро се забавуваме.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми