1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влез низ споредна врата

Франк Зирен/превод:БГ26 ноември 2015

Неделава се одржува четвртата рунда од приближувањето меѓу Кина и земјите од Источна Европа. Состанокот треба да ја замисли Западна Европа, затоа што ја погодува директно неа, смета Франк Зирен.

Фотографија: Getty Images/AFP/A. Stankovic

Кина и 16 европски земји во 2012 година востановија економска платформа, потег што ја налути ЕУ затоа што Пекинг не ја консултирал за проектот. Кинеската влада инсистира дека сака соработка со суверени држави и тоа нема никаква врска со Брисел. А и суверените држави сакаат да соработуваат со Кина.
Соработката што ја разви Кина со овие земји едноставно е наречена 16+1. Земјите веќе три години креираат заеднички проекти, склучуваат договори и профитираат едни од други.

Инвестирање со скриени мотиви

Кинеското инвестирање во источна Европа не е без скриени мотиви. Годинашниов, инаку четврти по ред самит, за првпат се одржува во Кина. Кинескиот премиер Ли Кечианг ги покани своите европски партнери во Сужу во близина на Шангај. Но, за првпат Кина се концентрира исклучиво на земјите од источна Европа.
Групата 16+1 не е дебатен клуб. Од првиот состанок во Варшава неколку проекти беа успешно реализирани, главно во инфраструктурата и енергетскиот сектор.
Кина и’ даде на Романија една милијарда долари за изградба на нова термоцентрала на јаглен. Пред две недели бил постигнат договор Кина да гради два нови блока во нуклеарната централа Цернадова во Романија.
Кина финансира изградба и на топлана во Србија. Минатата година таму беше завршен првиот мост во Европа изграден со кинески пари. На почетокот на годинава Пекинг потпиша договор и за модернизација на железничката пруга од Белград до Будимпешта во должина од 370 километри. Во Македонија се градат две нови делници автопат за сума од 580 милиони евра, финансирани од кинеска банка.

Но тука не станува збор само за изградба на подобра мрежа во Источна Европа, туку и меѓу Кина и Источна Европа. Од пред два месеца има директен лет меѓу Прага и Пекинг, додека во 2013 година беше отворена првата директна железничка линија меѓу Полска и Кина. Еден контејнер сега пристигнува за само 15 дена од Ченгду до Лоѓ во Полска.
Сѐ се тоа проекти за кои Брисел немаше ни време, ниту пари - пропуст кој Пекинг го користи. Во 2010. година трговската соработка меѓу Пекинг и земјите од централна и источна Европа изнесуваше 43,9 милијарди долари. Минатата година порасна за 17 милијарди на севкупно 61 милијарда долари.

Франк ЗиренФотографија: Frank Sieren

Престижниот нов „Пат на свилата“

Овие проекти се вклопуваат добро и во еден од најважните кинески надворешно-политички проекти, новиот Пат на свилата, кој треба да ги поврзе Кина и Европа, како славните трговски патишта од минатото. Пекинг планира да инвестира 40 милијарди долари во првата фаза и за оваа намена ја лансира Азиската банка за инвестиции во инфраструктура со капитал од 100 милијарди долари. Германија е исто така основач на банката.
Формулата е едноставна: колку е подобра инфраструктурата на 16. земји, толку поуспешен ќе биде новиот Пат на свилата. Минатата година, кинескиот премиер Ли Кечианг најави дека Кина сака да го поддржи регионот со најмалку 10 милијарди долари. Источноевропските земји сега веќе се натпреваруваат за наклоноста на Пекинг.

Градење мостови кон Западна Европа

Преку својот ангажман во Источна Европа, Кина секако се обидува да продре на Западот, и тоа, така да се каже, преку споредна врата. Брисел е виновен што толку долго ја запостави Источна Европа. Таа се сврте кон Азија откако сфати дека не котира високо на агендата на Брисел. Кога кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји минатиот месец го посети регионот, не само Полска, туку и Чешка и Бугарија покажаа голем интерес за позначајна улога во проектот нов Пат на свилата. Ванг рече дека Кина не е заинтересирана да го одржува партнерството само со старите континентални сили Британија, Франција и Германија, туку со сите влади во Европа. Тоа е на иста линија и со слоганот на годинашниот самит во Кина на групата 16+1: „Нов почеток, нови полиња, нова визија“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми