1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламската држава во Босна

Нилс Нојберт/З.Јордановски20 март 2015

Босна и Херцеговина постојано ја сомничат дека е значаен извор на регрути за терористичката група Исламска држава (ИД). Но, реалноста е сосем поинаква.

Фотографија: Reuters/D. Ruvic

Провокацијата редовно успева: во малото место Горња Маоча на североистокот на Босна и Херцеговина (БиХ) постојано се појавуваат знамиња на таканаречената Исламска држава (ИД). Час висат на една, час на друга куќа. Тоа се фотографира, а снимките им се праќаат на новинари. Набргу потоа единица на босанската антитерористичка агенција СИПА се упатува од главниот град Сараево кон тешко достапната Горња Маоча - но во меѓувреме најчесто ги снемува знамињата.

Властите на БиХ не уживаат некаков углед кај населението, ги бие глас дека се корумпирани и инертни. Но, во случајот со радикалните исламисти не може да им се префрли за пасивност. Тие се алармирани, откако во 2011 година тогаш 23-годишниот Мевлид Јашаревиќ, вооружан со „калашников“ сред бел ден сакаше да јуриша на американската амбасада во Сараево, и веќе презедоа многубројни акции. Во јуни минатата година беше усвоен и закон, со кој на државјаните на БиХ им се забранува да се борат во туѓи земји. Кој врбува борци за џихад или самиот патува за да се бори, може да биде казнет и до 10 години затвор.

Со случајот на Мевлид Јашаревиќ многу луѓе и во БиХ за прв пат слушнаа за селото Горња Маоча, од каде потекнува атентаторот. Уште неговата надворешна појава - густа брада и долга и широка кошула, ја издава неговата припадност кон вахабитите, една насока од сунитскиот ислам, каква што се пректикува во Саудиска Арабија. Неговите приврзаници понекогаш ги нарекуваат и салафисти, иако тие две ултраортодоксни струења се разликуваат во неколку точки. Заедничко им е дека го пропагираат „изворниот“ ислам, односно живот какао во времето на пророкот, со догматски и строги прописи.

Рација на босанската полиција против исламски екстремисти во 2014 годинаФотографија: picture alliance/AP Photo/Amel Emric

Сопствен, европски ислам

Таквото сфаќање на исламот, меѓутоа, е токму спротивност од сунитско-ханефитската насока, каква што се практикува со векови во БиХ, вели Енес Кариќ, професор на факултетот за исламска наука во Сараево. Владеењето на Османлиското царство во Босна започна во 1456 година, со тоа и процесот на исламизација на локалното население. Тој се одвивал сукцесивно преку 160 години. Можело да има и многу премини од религиозно убедување, но големи делови од населението пристапиле кон исламот оти за муслиманите даноците во Османлиското царство биле пониски, муслиманите можеле да добија високи државни функции и да имаат голем земјишен посед и друг имот. На ова, според Кариќ, се надоврзуваат уште две важни работи, кои придонесле во БиХ да настане сопствен, европски ислам. Тој се развил како урбана религиозна поука - најважните интерпретации на исламот дошле од градските медреси (исламски училишта), и навлегол и во селата. И второ, исламот во БиХ секогаш одржувал врски со другите религии во земјата: христијанската - католичка и православна, и еврејската. Сефардските Евреи, по протерувањето од Иберискиот полуостров од страна на католичките владетели во 1492 и 1513 година, нашле сигурно прибежиште во Османлиското царство.

Во БиХ нема „лајт ислам“

Босанските муслимани уште од времето на Хабзбуршката монархија (од 1878 година) па се’ до денес постојано живеат во секуларно општество, укажува професорот Кариќ. Тоа е општество уредено според западни принципи, во кое религијата навистина има свое место, но нема примат врз секојдневието.

Кариќ ја отфрла и критиката од исламска страна, дека во БиХ има некој вид „лајт ислам“. Дискусии постојано предизвикува (не-)носењето шамии на глава од страна на жените. За многу модерни жени во државата не е противречност да не носат шамии, а сепак да го практикуваат босанскиот ислам. „Кој се осмелува да ги критикува и да негира дека се добри муслиманки“, се прашува Кариќ.

Знамиња на Исламската држава во Горња МаочаФотографија: Reuters/D. Ruvic

Проблемот со борци во странство

Ширењето на група која во таквата традиција во Босна сепак пропагира ригидно сфаќање на исламот, како вахабистите во Горња Маоча, е во врска со војната од 1992 до 1995 година. Тогаш од држави со различна исламска ориентација доаѓаа борци во БиХ за да се борат во име на муслиманското население. По војната некои од тие, наводно околу две илјади борци, не ја напуштија земјата, добија босански пасоши и регрутираа млади за својата насока на исламот. Покрај тоа, саудиски фондации ја сметаа БиХ како своја сфера на влијание и со многу пари овозможуваа градење на џамии од кои се организираше ширење на вахабитскиот ислам. Од тие редови потекнуваат, според проценките, и до 160 борци од БиХ, колку во моментов наводно се борат за Исламската држава во Сирија и Ирак.

Во локалните џамии и кај муслиманското население тие екстремисти наидуваат на одбивност. Но, сиромаштијата и лошите економски перспективи во една од најсиромашните земји во Европа, како и некои политичари кои му коленичат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поттикнуваат религиозна радикализација, укажува Денис Грац, 37-годишниот претседател на социјал-либералната партија „Наша странка“. Ердоган е поборник за неоосманлиска надворешна политика и за враќање на конзервативен ислам, за кој се мислеше дека е веќе надминат во Турција. Во Германија школуваниот Грац вели дека во БиХ „секуларизмот и лаицизмот се разбирливи сами по себе и мнозинството воопшто ни не ги доведува под прашање“.

Ангажманот на Западот не смее да престане

Во една студија за американската воена академија во Вест Поинт, аналитичарот Стивен Олуиќ пишува: „Способноста на Босна за отпор против екстремистите и радикалниот ислам многу зависи од континуираниот ангажман на Западот во тој регион, но и од фактот, дека умерените Бошњаци (босанските муслимани), мора да се спротивстават на предизвикот од радикалните исламисти и нивните идеологии“. Второво е гарантирано, мнозинството од населението отфрла радикален ислам. Но, вниманието и подршката од западните општества мора и натаму да се насочени кон БиХ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми