1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ бара власта да плати „данок“ за предомислувањата

4 ноември 2019

Обештетување на граѓаните кои платиле повисоки даноци по воведувањето на прогресивниот данок и укинување на мерката „Мој ДДВ“, се првите барања на опозицијата по предомислувањето на власта

Symbolbild Steuereinnahmen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Müller

СДСМ мора да ги обештети граѓаните кои платиле повисоки даноци од воведувањето на прогресивниот данок, побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ по најавата на Владата дека за три години се одложува примената на прогресивниот данок - до први јануари 2023 година. На три години се замрзнуваат и останатите мерки од пакетот за прогресивно оданочување. Со 10 наместо со 15%, ќе се оданочува доходот од права од индустриска сопственост, закупнини, капитал, капитални добивки, осигурување. За 3 години се одложува и оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите на депозитите. 

Славески: Да се укине и „Мој ДДВ“

Ваквото предомислување по десет месеци од воведувањето на прогресивниот данок, ја засили критиката на опозицијата дека власта е во идеолошка конфузија и дека по ваквото „салто мортале“ СДСМ им должи на граѓаните. 

„За да нема негативни ефекти во буџетот предлагаме веднаш да се укине мерката ‘Мој ДДВ' со која и така се враќаат пари кај побогатите граѓани, оние кои што имаат повеќе да трошат. Затоа што со непромисленото зголемување на даноците најмалку се удри по богатите граѓани како што сега се гледа, туку цехот го платија посиромашните граѓани“, рече Трајко Славески, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии.

Тој потенцираше дека во моментов не може да се квантифицираат негативните ефекти од досегашната примена на прогресивното оданочување, но е направена штета на повеќе полиња.

Опозицијата обвинува дека власта е во идеолошка конфузија Фотографија: Colourbox

„И самите сега признаваат дека се зголемила даночната евазија, постои бегство на капиталот од Македонија во соседните земји, дека нема никакви ефекти ниту во прибирањето на даноци, а не е  постигната целта за намалување на нееднаквоста (...) Голем број на млади професионалци, особено од ИТ секторот, лекари и други професии ја имаат напуштено Република Македонија. Зголемувањето на даноците негативно се одрази на привлекувањето на директни странски инвестиции (...) Зголемената даночна стапка за закупнините за речиси двапати ги зголеми кириите за студентите, младите брачни парови и за малите бизниси. Враќањето на рамниот данок преку суспендирање на носечката мерка од програмата на СДСМ укажува на нивната безидејност, неспособност за оценка на последните на мерките што ги предлагаат, како и неспособност воопшто за водење на економијата", рече Славески.

Тој оцени дека со непромислената мерка се одземени пари од голем број граѓани, наместо вистински да се вратат парите кај граѓаните, како што тврдела власта.

Заев: Целта е сите плати да растат

И покрај одлагањето на прогресивниот данок, од СДСМ сметаат дека другите досегашни мерки водат кон целта - парите да завршуваат кај граѓаните.

„Додека ги решававме децениските проблеми, паралелно работевме и дома, и докажавме дека имало пари во државата. Го спроведуваме концептот парите кај граѓаните, затоа што граѓанинот за нас е центар на внимание а не споменикот, врбата...", порача премиерот и претседателот на СДСМ, Зоран Заев на граѓанската трибина „На прав пат“ во Струмица. 

Заев: Единствената лента на ВМРО-ДПМНЕ која експресно работеше, беше таа што од џебовите на граѓаните одеше до нивните џебовиФотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas

Во тој корупс го наведе зголемувањето на минималната плата од 9.000 денари на 14.500 за две години.

„Определивме 2,4 милијарди денари за да ги поддржиме покачувањата на платите, преку плаќање на придонесите за секој што ќе ја покачи платата. Конечна цел е сите плати во државата да растат. На два пати ги покачивме платите во образованието. Ги покачивме платите во здравството, армијата, полицијата, во детските градинки. Во периодот пред нас има ново покачување, затоа што има пари да вложиме во граѓаните. Уште едно покачување следува на вработените во културата. Во Армијата по 7.000 денари ќе добиваат сите вработени за решавање на станбеното прашање (...) Дали некогаш имало поголеми износи на субвенции од денеска. Дали некогаш имало поголем пласман и поголеми откупни цени за земјоделските производи? Немало. На прав пат сме во 2020 година да постигнеме 30.000 денари просечна плата онака како што ветивме“, порача Заев од Струмица.

Предностите и слабостите на прогресивниот данок

00:58

This browser does not support the video element.

Брзата лента до џебовите

Опозицијата не верува во ветувањата на премиерот. По одложувањето на примената на прогресивниот данок лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се огласи на Фејсбук.

„Заев не е човек од збор, и за него зборот нема вредност. Последниот пример за тоа е повлекувањето на прогресивниот данок, што покажува дека не знаат што прават. Немаат јасен економски концепт, ниту стратегија која треба да донесе развој, а секоја нивна политика е на ниво на неуспешен експеримент на грбот на напатениот народ. Ова значи дека се` што ветувале може да вратат по старо, дека за се може да се извинат, и да речат ние тоа не го мислевме. Ова значи дека утре тие без пардон ќе може да го повлечат секое свое ветување со кое создале надеж кај луѓето. Ќе речат пу, пу не важи и 500 евра плата, 100 илјади денари плата за докторите, чист воздух, живот, датумот за преговори, европската иднина...“, напиша Мицкоски. 

Повеќе: 

Бизнисот се мобилизира против владините даноци

Од денеска скенирајте сметки, ќе се враќа ДДВ

Пресметка кај ДДВ коралот

Македонија веќе нема да биде даночен рај!

Македонија влегува во НАТО како колос на мирот

Во однос на прашањата за преговорите со ЕУ, европската иднина и брзата лента за интеграција во ЕУ што ја ветува ВМРО-ДПМНЕ, Заев испрати порака од Струмица. Тој констатираше дека додека сите европски лидери жалат за историската грешка, само Мицкоски и неговиот ментор Груевски се радуваат. 

„И додека прават тајни пактови за други земји, тврдат дека ќе ја носат ЕУ на брза лента. Каде им беше таа брза лента 11 години? Дали цели 11 години им беше расипана? Па на најспоро да им беше вклучена, досега ќе бевме дел и од ЕУ и НАТО. Ама единствената лента на ВМРО-ДПМНЕ која експресно работеше, беше таа што од џебовите на граѓаните одеше до нивните џебови“, одговори Заев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми