1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ во офанзива за останување на власт

31 март 2017

Продолжува стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за „вистинско информирање“, лобирање, блокирање и сопствено факторизирање, со која ќе го дочекаат и претседателот на Европскиот совет, Туск. СДСМ чека да заврши собранискиот маратон

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Преку блокирање на работата на Собранието со идентични реплики и процедурални забелешки кои ситуацијата ја водат кон апсурд и безизлез, раководството на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да изнуди нови политички разговори за излез од кризата, во кои тие би биле клучен фактор, велат за ДВ извори упатени во стратегијата на партијата на Груевски. За таа цел, партиски функционери подолг период биле во интензивна комуникација со претставници на сестрински партии, со цел да лобираат за претставување на „единствената вистина“ за состојбата во Македонија и да влијаат во промена на ставовите по прашањето кој ја генерира кризата во Македонија. Една од платформите за реализација на таквите намери беше и Конгресот на Европската народна партија во Малта, на која, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Груевски имал повеќе билатерални средби.    

„Имавме можност да се видиме со повеќе политичари од Европа, со луѓе со кои е добро да се зборува за Македонија, за стратегиските интереси на државата, за нашите интеграции, како и за домашните политички случувања во кои сме донесени поради сѐ она што СДСМ го направи во изминатиот период. Ова беше добра можност да се образложат состојбите, да се дадат точни информации и да се побара понатаму поддршка за Македонија за излез од кризата“, изјави Груевски.

Според нашите извори, „членките на ЕПП подолг период ја слушаат истата приказна, со исти објаснувања за неточни или нецелосни информации во однос на состојбите во Македонија, но таа верзија (на ВМРО-ДПМНЕ -н.з) со мали исклучоци (Орбан-н.з), тешко поминува, бидејќи реалноста не зависи ниту од нивната, ниту од други партиски интерпретации, туку од конкретните резултати, состојби и факти во реалноста“. Притоа потенцираат дека „станува иритирачка упорноста да се направи конверзија на црното во бело, наместо да се покаже волја за соочување со проблемите, одговорност и етика“.

Од платформа до Голема Албанија

Во пресрет на доаѓањето на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Македонија,стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ не се менува.„Дебатата“ во парламентот продолжува со ист интензитет на трошење на времето, кое според проценките дневно „јаде“ над 20.000 евра, а закочени се голем број процеси кои не може да бидат спроведени во мандат на техничка влада. Тема број еден и натаму е т.н. Тиранска платформа, која стана пропагандистички меѓник меѓу „бранителите и продавачите на државата“ и основа за мерење на „нескршливоста“ на претседателот Иванов, но и наратив што ги полни медиумите во соседството. Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, која е дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за белградска „Политика“ под наслов „Брисел нема да го скрши Ѓорге Иванов“, вели дека „интерес на 'западните пријатели' е да завршат работа со Албанците, да го решат проблемот околу името на Македонија и да ја протуркаат земјата во НАТО, а воопшто не им е важно како ќе им биде на граѓаните“. Тој потенцира дека во сегашната политичка криза во Македонији најважен интерес е да не заживее „Тиранската платформа“, бидејќи таа практично значи почеток на создавање „Голема Албанија“.

„Оваа платформа, донесена во туѓа земја, ги осудува и Македонците и Србите за наводен геноцид на Албанците во периодот од 1912. до 1956. година“, изјавил Стоилковиќ, додавајќи дека ако тоа помине, српскиот народ во Македонија ќе се најде во невозможна положба, а во тешка позиција ќе ја доведе и Србија.

Никола Груевски и Ѓорге ИвановФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонскиот „Додик“

Во друг текст во истиот весник, Иванов е портретиран како „Претседател со 'рбет“, политичар кој „упорно одбива мандатот за формирање влада да го даде на лидерот на СДСМ кој обезбедил парламентарно мнозинство од 67 од вкупно 120 мандати (...) па Брисел размислува и да воведе санкции за сите кои го кочат формирањето на новата македонска влада“.

„Ако дојде до тоа, прв на таа црна листа на ЕУ би можел да се најде претседателот Ѓорге Иванов“, пишува „Политика“.

„Не вредеше ни доаѓањето на Федерика Могерини во Македонија, ниту јавниот притисок на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли. Наместо да попушти, Иванов побара од меѓународната заедница да ја осуди платформата донесена под диригентската палка на албанскот премиер Еди Рама“, се оценува во текстот. Притоа се потсетува дека поради одбивањето да се сретне со Јоханес Хан и тројца европарламентарци во Скопје, Иванов во медиумите го заработил епитетот - неуценет претседател.

„Овој експерт за цивилно општество, некогашен член на последното претседателство на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија, кога по втор пат е изабран за претседател во 2014 година, му испрати писмо на Барак Обама дека целта на Македоније е влез во ЕУ и НАТО. Три години подоцна, на првиот човек на државата која пука по националните шавови, а државите-основачи ЕУ сѐ уште не ја признаваат под уставното име, му се заканува судбината на Милорад Додик - да биде уште еден балкански претседател под санкциите на Запад“, објави „Политика“.

Изолиран политичар

Опозицискиот СДСМ и партиите кои го сочинуваат парламентарно мнозинство засега немаат друго решение, освен да чекаат да заврши маратонската „дебата“ во Собранието. Од таму не прогнозираат дали посетата на Туск ќе може да ги забрза процесите. Се  повикуваат на пораките во Резолуцијата усвоена од Европската народна партија, која ја сметаат како „уште еден доказ дека Груевски е изолиран политичар која ја изгуби довербата од сите значајни меѓународни политички субјекти“.

„Пораките во Резолуцијата го осудуваат сè она што Груевски ѝ го прави на Македонија. Европската народна партија јасно стави до знаење дека не толерира корумпирани политичари и корупциски скандали, дека ги осудува провокациите и агресивното однесување кое претставува закана за мирот и стабилноста и истовремено повика на воздржаност од етнички провокации. И заклучоците на германскиот Бундестаг - дека мора да се почитува мнозинството и дека нови избори не се опција, се јасни пораки до Груевски и Иванов да престанат со непресметливото однесување кое ги загрозува државните и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.

Денеска следува петто продолжение на конститутивната седница на Собранието. Еден од пратениците врз основа на стенограмите преброил дека само првиот ден „Тиранската платформа“ била спомната дури 132 пати, а ако продолжи истиот тренд, денеска ќе надмине 600. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми