1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ во четврток ќе го каже конечниот збор

31 декември 2019

Ние сме одговорна партија, изборот на техничка влада нема да биде доведен во прашање, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Веќе е извесно дека во Новата година ќе се решава кој ќе биде технички министер за внатрешни работи. Од ВМРО-ДПМНЕ за Дојче веле тврдат дека изборот на техничка влада нема да биде доведен во прашање и дека до среда-четврток ќе се затвори тоа прашање. Повеќе детали не откриваат, но, сметаат дека требало да се слушнат нивните аргументи.

„Кога го дадовме предлогот (за Драган Ковачки - н.з.), го имавме предвид и членот 97 од Уставот, но го имавме предвид и членот 23 од Уставот кој вели: ‘Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции'“, потенцираат од партијата.

Во опозициската партија не се согласуваат со лажното морализирање околу (не)уставноста на нивниот предлог. Потсетуваат на повеќе преседани во минатото, но и во сегашноста.

„Да го земеме примерот со Оливер Спасовски, кој е на функцијата министер за внатрешни работи. Законот за внатрешни работи е јасен. Членот 32 од овој закон предвидува: ‘Министерот, заменикот на министерот, државниот секретар, директорот на Бирото, директорот на Управата и раководните работници во Министерството имаат статус на овластени службени лица’. Член 168, став 1, од истиот Закон определува: ‘Работник во Министерството не смее да основа, да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут’. А Спасовски е потпретседател на СДСМ! И после излегува дека нашиот предлог бил преседан“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Оливер СпасовскиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Тие потсетуваат дека во минатото Уставниот суд се прогласил за ненадлежен да одлучува за предлог сличен како нивниот за Ковачки, и дека тој став сега е судска пракса.  

„Ако Уставниот суд не е надлежен, јавноста ли е надлежна да одлучува за ова? Таа ли ќе го земе Уставот во свои раце и ќе го толкува? Патем, да потсетиме дека во Уставот нема ни збор за техничка влада и технички министри“, потенцираат од партијата. Реагираат што името на Драган Ковачки излегло во јавноста пред да завршат партиските консултации околу тој предлог.

Утврдени другите предлози

Вчера ВМРО-ДПМНЕ ги утврди и другите кадровски предлози за техничката влада. За министер за труд и социјална политика ја предлагаат Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија. За заменици-министри се предложени: во ресорот информатичко општество и администрација - актуелната пратеничка Невенка Стаменковска Стојковски; во финансии  - Гордана Димитриеска Кочоска, магистер по економски науки; во ресорот земјоделство - Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. 

Повеќе:

-Техничка влада - да, милитаризација на МВР - не!

-Мицкоски ги стокми кандидатите, СДСМ ќе решава вечерва

-Избори на 12 април, техничка влада од 3 јануари, пописот се одложува

СДСМ минатата недела ги соопшти имињата на нивните членови во техничката влада. Технички премиер ќе биде актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а дополнителен заменик-министер во МВР ќе биде Славјанка Петровска, која сега е шеф на кабинетот на Спасовски. Дополнителен заменик-министер во Министерството за труд ќе биде Санела Шкријељ, исто така актуелен шеф на кабинетот на министерката Царовска. Царовска, која по сила на закон мора да замине од ресорот труд бидејќи во техничката влада него ќе го раководи кадар на ВМРО-ДМПНЕ, сепак не заминува од „Илинденска“ број 2. Ќе биде вицепремиер за економски прашања и координација на економските ресори во Владата, бидејќи Кочо Анѓушев најави повлекување од таа функција.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

За да функционира 100 дена техничка влада според пржинскиот модел, премиерот Зоран Заев треба да поднесе оставка на функцијата. Претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот на новиот мандатар Оливер Спасовски, кој пред Собранието треба да го предложи составот на техничката влада, која треба да се избере на трети јануари до полноќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми