1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ: Да за реформи, стоп за антидржавни политики

2 април 2018

ВМРО-ДПМНЕ најави враќање во Собранието, но деновиве ќе бара писмени гаранции дека ќе бидат имплементирани нејзините укажувања за подобрување на реформските закони. По Велигден парламентот ќе работи со полна пареа.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Донесовме одлука - учествувајќи во работата на Собранието жестоко да се бориме за секој предлог кој е во корист на граѓаните и да се спротивставиме против секоја штетна мерка и антидржавна политика спроведувана од парламентарното мнозинство. Вака  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  синоќа ја образложи одлуката на Извршниот и Централниот Комитет на партијата, кои ги разгледувале начините на кои ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период треба да се спротивстави, како што рече, „на криминалната и неспособна влада“.

„Првиот чекор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде покренување прашање за гласање на недоверба на Владата. Од она што досега го видовме, се работи за влада со изгубен кредибилитет, која не работи за граѓаните и ја турка државата во амбис. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во детали ќе изложат аргументи зошто оваа антинародна и антидржавна влада треба што поскоро да замине. Колку побрзо, толку подобро за државата. Поразите станаа секојдневие, голиот популизам нејзино обележје, а во реалноста народот живее многу полошо. Оваа криминална влада станува запаметана како најнеспособната досега од осамостојувањето на Република Македонија“, изјави Мицкоски.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Под лупа на опозицијата

Иако ВМРО-ДПМНЕ три месеци ја бојкотираше работата на парламентот, сепак, нејзини работни групи заедно со групи од СДСМ работеа на усогласување на ставовите околу реформскиот пакет-закони од владиниот План „3-6-9“, со цел опозицијата да има увид во законските решенија и да даде свои забелешки. Мицкоски вчера потврди дека тој процес е при крај.

„Во финална фаза се преговорите за реформските закони. Постигната е согласност за поголемиот дел на закони, при што беа прифатени голем дел на наши забелешки и укажувања за подобрување на законите. По целосното финализирање, кое се надевам дека ќе биде готово во следните денови, ќе инсистираме за тоа да се добијат и писмени гаранции. Тоа е легислатива, но имајќи предвид со кого си имаме работа и познавајќи ги нивните слаби капацитети, постои опасност овие закони да останат само на хартија. Затоа ние со лупа преку Собранието ќе ја следиме нивната имплементација“, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа потсети дека додека ВМРО-ДПМНЕ не била во Собранието, владејачкото мнозинство донело дузина клучни закони без каква било консултација со опозицијата, каков што примерот со законот за администрацијата, подотворајќи со него врата за партиски реваншизам и бркања од работа.

„Ќе порачам: Надвор од реформските закони ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ништо да помине за кое ќе оцениме дека не е од корист на граѓаните“, предупреди Мицкоски.

Тоа објасни зошто партијата ќе побара интерпелација за Владата.

„Криминалот и корупцијата станаа заштитен знак за нејзиното работење. Затоа мора да си одат. Покажаа дека не умеат, покажаа дека не знаат. На надворешен план штетна политика без резултати, на внатрешен политика без концепт и сериозна идеја. На Македонија не ѝ треба ниту заробена, ниту киднапирана држава. Македонија заслужува подобро!“, вели Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Апели за консензус за реформските закониФотографија: DW/M. Maksimovic

Првоаприлска шега

Од опозициската партијата остро го рецензираа и вчерашното видео - обраќање преку Фејсбук на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој рече дека Извештајот што ЕК ќе го објави на 17 април, претставува и финале на Планот „3-6-9“, со што завршува неговата имплементација и реформската улога за враќање на државата на евроатлантскиот колосек.

„Иако Планот има задоволително ниво на имплементација, и според моите сознанија од Брисел, веќе е остварена првичната цел за која беше наменет, некои од клучните реформски закони се уште чекаат консензус за нивно изгласување“, рече Османи.

Тој апелираше на зрелост, одговорност и консензус за реформските закони.

„Османи на први април реши да се пошегува со граѓаните на Република Македонија и да ги излаже дека Планот „3-6-9“ имал задоволително ниво на реализација“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Вистината е дека Планот „3-6-9“ доживеа дебакл. Владата ниту има способност, ниту може да ги спроведе реформите. Во правосудството не само што не се исполнети никакви реформи, туку и Министерството за правда ништо не сработи 10 месеци, исто како што стагнира овие две недели откако нема министер. Имало или немало владин министер е сеедно. Реформи нема (...) Наместо борба против корупција, добивме борба за корупција. Целата јавност можеше да види како премиерот бара поткуп во Струмица, а за двајцата владини функционери за кои се водеше истрага има целосен молк“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчерашниот ден на шегата го искористи и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ за да направи пародија пред партискиот штаб на СДСМ, каде на премиерот му „врачи“ неколку дипломи. 

„На господинот Заев му доделуваме диплома што ги врати сите 600. 000 отселени млади, како и што го изгради студентскиот град. На честитките со свое писмо се приклучуваат и сестра ѝ на Радмила и син му на Кочо Анѓушев кои велат: 'Драга Радмила, честитам за постигнатиот успех, супер сте што го донесовте животот, јас ќе се вратам за 4-5 години да дозавршам некои работи тука'. Додека пак синот на Анѓушев вели: 'Тато, ти ветив дека ќе се вратам ако ја оправите државата. Еве барам карта за назад за 2026 година'“, рекоа во перформансот младите од УМС.

Повеќе:

„Крвавиот четврток“ била организирана и координирана акција

„Разликата“ меѓу големиот диктатор и големиот манипулатор

СДСМ: Планот дава резултати

СДСМ се огласи со повеќе реакции на обвинувањата на од ВМРО-ДПМНЕ. „Христијан Мицкоски треба да им се извини на граѓаните за штетите што неговата партија ги нанесе со 11 годишното криминално и расипничко владеење. ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги партизираше и злоупотребуваше институциите, криминално и расипнички ги трошеше парите на граѓаните, ја изолира државата и го подели општеството“, одговарија од партијата.

Потенцираат дека Владата на СДСМ и коалиционите партнери преку Планот “3-6-9“ ја враќат загубената доверба во државните институции.

„Реформскиот план дава конкретни резултати. Владата е отворена за сите, владеењето на правото е неселективно, медиумите слободно ја вршат својата работа, а институциите наместо сервис на партии и поединци, стануваат вистински професионален сервис на сите граѓани“, соопштија од СДСМ. Во интерес на граѓаните и државата, ги повикаа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ „да ги надминат погубните политики на поделби и блокади и да дадат поддршка на реформскиот процес кој ја движи Македонија напред“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми