Освен разни шпекулации кои се демантирани или намерно оставени да „растат“, јавноста нема ниту еден релевантен податок за напредокот на преговорите околу составот на новата влада.
Реклама
Пет дена пред истекот на законскиот рок, 29 јануари, кога мандатарот Никола Груевски треба да се изјасни дали има мнозинство во парламентот што ќе го поддржи неговиот предлог за нов владин состав, освен разни шпекулации кои се демантирани или намерно оставени да „растат“, јавноста нема ниту еден релевантен податок за напредокот на преговорите.
Нетранспарентноста на партиите покажа како една топка снег во Вашингтон може да се заврши како лавина пред портите на Скопје. Сѐ започна откако портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во интервју за „Гласот на Америка“ на албански јазик, пред два дена изјави дека „тоа што доминира на сцената е почитување на потпишаните договори“.
„Македонија во минатото постоела како таква само почитувајќи ги меѓународните договори. Еден од нив е Мајскиот договор, во кој се вели дека победникот кај албанската заедница го избира партнерот победник кај македонската заедница. Почитувањето на овој принцип е многу важно - за да се зачува важноста што ја има албанската заедница и за да се зачува логиката што ја имаат изборите кај самите Албанци“, изјави Османи, и ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.
Постигнат договор за двојазичност!?
По ова потсетување на важноста од принципот „победникот со победникот“, „Лајм“ објави дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор околу условите за коалицирање и стигнале до кадровските решенија. Според изворите на весникот, албанскиот јазик најверојатно ќе добие поширока примена и во општините каде што Албанците не се 20 отсто, но нема да биде официјален на цела територија на Македонија, а се подготвуваат спинови како да се дефокусира албанската јавност, која на нож ќе го дочека новиот договор на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе продолжат во Косово и Албанија од тамошни новинари да се објавуваат нарачани текстови и колумни во стилот дека коалицијата ВМРО-ДУИ е неизбежна, бидејќи треба да се почитува принципот 'мнозинство со мнозинство', и во стилот дека Заев не е воопшто подобар од Груевски“, објави „Лајм“.
„Телма“, пак, повикувајќи се на извори од преговарачките тимови објави дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ начелно ги усогласиле ставовите околу двојазичноста: решиле Уставот да не се менува, прашањето да се уреди преку измени на Законот за употреба на јазиците, а во Собранието да се формираат работни групи кои ќе работат на сите отворени прашања. Веднаш потоа порталот на албански јазик „Актуале“ објави дека ДУИ демантира дека е постигната согласност за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту една од објавените неофицијални информации не се точни. Нашиот лидер Али Ахмети, рече дека договорот со која било партија ќе биде транспарентен и јавноста ќе биде запознаена со него“, ја пренесе порталот реакцијата од ДУИ.
Но, во информацијата не е наведено дали тој демант доаѓа како официјално партиско соопштение или од неименувани извори од партијата, со оглед дека во ДУИ постои голема поделеност по прашањето за коалицирање со стариот партнер. Таков одговор нема.
Според аналитичари, ваквите (дез)информации само ги демаскираат големите разлики во ДУИ по прашањето дали повторно да коалицираат со партијата на Груевски. Голем дел од објавените шпекулации тие ги оценуваат и како смислени обиди на партиите меѓусебно да си испратат пораки и сигнали, еден вид „ладни проби“ за испитување на пулсот.
Заев: Владата ќе биде предводена од СДСМ!
И додека „новата владина коалиција“ секој ден добива по некоја нова медиумска тула, СДСМ продолжува со повиците до Груевски - да престане да им отежнува на граѓаните и да се помири со мнозинската волја на граѓаните кои избрале промени. Од партијата искажуваат увереност дека следната влада нема да ја формира тој.
„Јас искрено очекувам дека после 29-ти јануари мандатот ќе биде во наши раце“, изјави вчера лидерот на СДСМ, зоран Заев.
„Зошто? Заради сите аргументации кои целата јавност ги знае. А тоа е - мнозинството граѓани, преку 612 илјади, се определија за промени. И ова е недвосмислено јасно, еклатантна бројка е, од тоа бегање нема. Наспроти тоа, сите моменти ни кажуваат дека промени ќе се случат. Тие се здрави за државата, да бидеме уште малку трпеливи, тоа да го почекаме“, изјави Заев.
Запрашан, зошто досега немал коментар за декларацијата на албанските партии, тој изјави дека СДСМ има став, но дека тие што ја објавиле декларацијата сакаат мандаторот да ја слушне и да се изјасни.
„Не сум повикан да го коментирам тоа, од проста причина, почитувајќи принципи и правила. Мандатарот е Никола Груевски. Тој е на потег“, рече Заев.
На прашањето - дали ќе ја коментира подоцна, ако евентуално го добие мандатот, лидерот на СДСМ одговори: „Тоа значи дека во деновите кои следуваат, веќе завршува мандатот на Никола Груевски и ние тоа многу брзо ќе го направиме. Зошто? Затоа што јавноста тоа го очекува, односно ќе стане сѐ поизвесно дека Груевски не може да формира влада. Тоа се мои очекувања, транспарентно ги споделувам со граѓаните. Можеби и се лажам, можеби поинакви се работите во државата, но тоа го очекувам согласно сите информации што ги имам“.
Заев одби да коментира или прејудицира - што ако Груевски не успее да формира влада.
„Јас сум прагматичен политичар. Да почекаме, па потоа ќе ги дадеме нашите коментари“, рече лидерот на СДСМ и соопшти дека разговара со политичките партии кои имаат мандати во парламентот. Освен средбата со Али Ахмети, имал средба со коалицијата предводена од Беса и со коалицијата предводена од Зијадин Села. Потенцира дека е време кризата да заврши, а смета дека ќе заврши преку формирање на влада, избор на претседател на парламентот и нормална работа на институциите во Република Македонија.
„Секако, јас како шеф на опозицијата, верувам дека владата ќе биде предводена од Социјалдемократскиот сојуз“, изјави Заев.
Тој не соопшти врз основа на што ја темели ваквата уверност.
2016- Годината на Шарената револуција
Годината започна со оставката на премиерот Никола Груевски, продолжи со затворањето на границата за бегалците, а несомнено настан кој и даде белег на годината беше „Шарената револуција“- реакција на амнестијата на Иванов
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Настан на годината: „Шарена револуција“
Несомнено, 2016 година ќе остане запаметена по „Шарената револуција“- движењето кое за првпат од независноста ги извади граѓаните на улиците на македонските градови на протест против корупцијата и политичката неодговорност, а во заштита на демократските вредности и слободата. Шарената револуција се обиде да ги постави темелите за една поинаква, нова Македонија. Патот дотаму ќе биде долг.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Јануари: Оставка на Груевски
Годината започна со оставката на Груевски од премиерската функцијата, на 14 јануари, согласно Договорот од Пржино. По речиси десет години на функцијата, Груевски експресно најави дека нема мирно да се повлече. Во говор пред Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на 24 јануари, тој порача дека народот на избори ќе си ја врати одземената власт и „ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери“
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Февруари: Има-нема избори
Иако првично беше предвидено парламентот да се распушти на 24 февруари и да се одржат предвремени избори на 24 април, одлуката во последен момент беше повлечена, а новиот термин беше 5 јуни. СЈО го обзнани првиот случај под кодно име „Титаник“. Осомничени за кривични дела против изборите и гласањето се екс- министрите Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата и други.
Фотографија: MIA
Март: Ескалација на бегалската криза
Македонија и официјално ја затвори границата кон Грција, со што илјадници бегалци останаа заглавени во Идомени. Неколку обиди насилно да се мине границата минаа неуспешно. СЈО продолжува со истрагите и отвори нови случаи, меѓу нив и „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски. Претседателот Иванов најавува дека „нема намера да амнестира изборни силеџии“ откако Уставниот суд направи законски измени.
Фотографија: Reuters/S. Nenov
Април: Амнестијата на Иванов
Со еден потег, претседателот Иванов ја предизвика најголемата политичка криза во земјата од независноста, која доведе до жестока осуда од меѓународниот фактор, но и раѓањето на „Шарената револуција“. На 12 април, Иванов ги амнестираше сите политичари против кои се водат постапки. Со тоа предизвика бура од реакции. Веќе следната ноќ, на 13 април, беше демолирана неговата канцеларија во Скопје.
Во услови на секојдневни протести на „шарените“ ни делумното повлекување на амнестијата од страна на Иванов не донесе смирување на состојбата. Германија го испрати специјалниот пратеник Јоханес Хајндл. Груевски најавува дека сам ќе оди на изборите на 5 јуни, опозицијата бара тие да се одложат за наесен. Расчистен бегалскиот камп во Идомени. Одбележана една година од кумановските настани.
Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba
Јуни: Масовни протести и соцреализам
Протестите на „Шарената револуција“ земаа голем замав и покрај тоа што на 6. јуни Иванов целосно ја повлече амнестијата. Паралелни контра-протести и на здружението ГДОМ. Оставка на Ставрески од здравствени причини. Во јавноста протекоа уметнички слики во духот на социјалистичкиот реализам од новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: Nova TV
Јули: Пржино 2
По долги преговори на четирите најголеми политички партии со посредство на ЕУ и САД се роди „Пржино 2“. Поставени се нови услови за организирање предвремени избори, меѓу нив- измени во Изборниот Законик, враќање на опозицијата во парламентот и влез на технички министри во владата. ЕУ блокираше средства од ИПА фондовите. По неуспешниот пуч во Турција, протести на приврзаници на Ердоган и во Скопје.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Август: Смртоносни поплави
Катаклизмична ноќ во Стајковци и други села во околината на Скопје однесе 21 човечки живот. Десетици луѓе беа повредени, а стотици останаа без кров над главата. Никој не презеде одговорност за катастрофата, иако експертите подолго време предупредуваа од погубната политика која практично ги остави граѓаните без заштита од налети на природата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski
Септември: Серија земјотреси и 25-годишникот со бајпас
Серија силни земјотреси ги исплашија граѓаните на Скопје и околните градови и ги вратија страшните спомени на 1963 година. Немаше многу славје ни по повод 25-та годишнина на независноста на која некои аналитичари оценија дека Македонија е 25-годишник со бајпас. СЈО продолжи со отворање нови случаи од кои исплива и „Трезор“, околу набавката на опрема за прислушкување во МВР.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Октомври: „Случајот Спасов“ и драмата во УБК
Распишани изборите на 11 декември. Обидот на обвинителите на СЈО да влезат во просториите на УБК и да ја испитаат опремата за прислушкување заврши со жестоки блокади и очекување на помош од експерт на „Ериксон“. Скандалот со заменикот-министер Диме Спасов уште еднаш го отвори прашањето за политичката (не)одговорност. Младите фудбалери ја израдуваа нацијата со пласманот на Европското првенство.
Фотографија: MIA
Ноември: Трамп и Македонија
Додека светот беше во шок поради победата на Доналд Трамп на изборите во САД, во Македонија наголемо течеше изборната кампања. Вестите за улогата на велешките „спамери“ во победата на Трамп го засенија и новиот Извештај „за напредокот“ на Европската Комисија. Најголемо внимание, сепак, привлекуваа информациите за најбарани профили на работници во Германија.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Декември: Сите победија на изборите
Гласањето мина мирно, но резултатите отворија повеќе дилеми, одошто дадоа одговори за можниот излез од длабоката политичка криза. „Прогласот“ на Груевски и прегласувањето во Теарце фрлија уште една дамка на процесот. Молкот од меѓународната заедница укажува дека никој не го знае решението. Очекувањата се дека кризната 2016 ќе има свое продолжение и во 2017 година.