1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски со нова стратегија: „Македонија за сите луѓе“

16 јуни 2021

Во предвечерјето на роденденот на партијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Охрид ќе промовира нова политичка стратегија, но и повеќе бои како синоним на партиско-обединувачкиот спектар.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дојде денот Д, кој лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го најави како почеток на пресврт. Пред четири дена тој го предзивика интересот кај јавноста, кога од Хераклеа, крај Битола, најави новитет кој ќе биде соопштен еден ден пред роденденот на партијата, основана на 17-ти јуни 1990 година.  

„Бидете трпеливи, 16-ти јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија. Од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет, на посебен настан. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, ВМРО-ДПМНЕ е покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки и запаметете: 16-ти јуни е она што сите го очекуваат", најави Мицкоски.

Повеќе: Опозицијата на улици поради „патоказ“, власта бара поддршка место блокада

Секој е важен

„Она што лидерот на опозицијата го најави од Хераклеа како новитет во делувањето на партијата, својата промоција ќе ја доживее денеска во Охрид“, потврдуваат партиски извори.

Тие посочуваат дека ќе биде објавена нова политичка стратегија - „Македонија за сите луѓе“, која ќе опфаќа јасна визија за идното делување и обраќање на ВМРО- ДПМНЕ.

„Целта е да претставиме дека секој еден е важен, дека секој има свои вредности кои ние ги почитуваме, дека секој е значаен во оваа битка и дека сите треба да се здружиме. Целта е да ги збиеме редовите, да си подадеме рака и да се обединиме, затоа што имаме противник кој не бира средства, а кој работи контра македонските интереси, произведува сиромаштија и целосно ги изневерува стратешките цели на државата“, брифираат од партијата.

Според објаснувањето, таа политичка стратегија опфаќа и повеќе активности на терен, со кои ќе се остварат политики што ќе овозможат заштита на националните, општествените и државни интереси. Новата политичка стратегија вечерва темелно ќе ја презентира лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, кој ќе има обраќање во Охрид.

Ќе биде објавена нова политичка стратегија - „Македонија за сите луѓе“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повеќе бои во партискиот спектар

Дознаваме дека денеска ќе биде промовиран и збогатен визуелен идентитет на партиските обележја, во кој, освен стандардната црвена и црна боја, ќе бидат вклучени и други бои.

„Со нив партијата ќе се обраќа кон десниот блок - од оние кои се крајно десно, до оние кои инклинираат кон десниот центар, што вклучува корпус од најмалку 500 илјади гласачи“, велат од партијата.

Повеќе: 

Мицкоски: Нашата пролет е за метла на Заев

ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира 11 градови за да спречи „бугаризација“

Мицкоски од Хераклеа веќе најави дека партијата ќе се обрати и кон други опозициски партии.

„Во изминатиот период имав контакти со повеќе лидери и партии и чувствувам силно опозициско расположение. И еве овде, од Битола, во името на ВМРО-ДПМНЕ подавам рака кон секоја опозициска партија и сила, да ни се приклучат. Ако целта ви е промена на власта, пораз на мафијата на Заев, на СДСМ, тогаш сте добредојдени со нас. Сега повеќе нема никакви изговори. Ова е моментот за обединување и подавање на рака. А сите тие коишто ќе останат надвор и кои ќе се колебаат, ќе бараат изговори или се спротивставуваат на обединувањето, можам да кажам дека се слуги во скутот на Заев и се инсталирани од власта за да ја слабеат опозицијата. Многу јасно и прецизно ќе се види кои се тие, а опозицискиот блок, обединетата опозиција ќе ја собори власта“, порача Мицкоски.

Од основањето на ВМРО-ДПМНЕ сѐ до 2006 година, црвената и црната беа стандардните бои на партиските обележја. Пред изборите во 2006 година, партијата почна да ја употребува и портокаловата боја која тогаш стана популарна поради „портокалова револуција“ во Украина, но истовремено ја негуваше и црвено-црната варијанта.

Пред изборите во 2016 година кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се врами во небесно сина боја, што беше неочекуван избор за членството, кое таа промена не ја прифати.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми