1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ била уверена дека е нужен компромис, а денес?

26 јануари 2018

Ако се дојде до прифатливо решение во спорот за името, и ако тоа силно биде поддржано од меѓународната заедница, ВМРО-ДПМНЕ ќе нема многу маневарски простор. Многу ќе изгуби ако не поддржи компромис, сметаат аналитичари.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Каква ќе биде улогата на ВМРО-ДПМНЕ во процесот на  решавање на спорот за името ? Дали ќе има конструктивна улога или ќе го користи процесот за ловење популистички поени, со надеж дека тоа ќе ѝ го крене урнисаниот рејтинг?

За овие прашања што ја интересираат јавноста, од ВМРО-ДПМНЕ засега нема одговор. Дел се воздржани поради „чувствителни внатрешни односи по Конгресот“, дел сметаат е рано за изјави. Ставовите ќе ги градат по координативниот состанок на кој ќе биде презентирана предлог-рамката на Нимиц, а на кој ќе присуствува претседателот на партијата Христијан Мицкоски, премиерот Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот Ѓорге Иванов. Засега единствен став е оној дистрибуиран преку партиското соопштение во кое „ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува средбата меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас“.

„Сметаме дека директните контакти на двајцата премиери може да придонесат за продлабочување на односите и градење на позитивна клима меѓу двете земји“, соопшти опозициската партија. Истовремено потенцира дека „ВМРО-ДПМНЕ во овој момент нема никаква информација за процесот на преговори околу проблемот кој што соседна Грција го има со нашето име“.

„Оттаму, не знаеме дали најавите на Зоран Заев за преименување на аеродромот и автопатот се дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада на Република Македонија. Доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо. ВМРО-ДПМНЕ не гледа иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот кои премиерот Заев најави дека ќе ги менува“, реагира партијата.

Притоа критикува дека македонските граѓани на прес-конференцијата во Давос слушнале многу работи, но не слушнале на која држава е премиер Зоран Заев, на кој јазик говори или на кој народ му припаѓа.

Во партиско соопштение, ВМРО ДПМНЕ ја поздрави средбата Заев - ЦипрасФотографија: picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski

СДСМ: Одговоривме на сите прашања

„За разлика од политиките на поделби, изолација и создавање проблеми што ги промовираше ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години, СДСМ, преку Владата што ја предводи, спроведува политики на соработка, пријателство и почитување кои обезбедуваат унапредување на односите со соседите, зајакната регионална и меѓународна позиција на Македонија“, одговорија социјалдемократите.

„Откочените процеси, соопштени јавно по средбата на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, носат придобивки за Македонија и за сите нејзини граѓани. Преку јавни изјави, јавноста беше точно и навремено информирана за овие придобивки - деблокада на процесот на стабилизација и асоцијација на Македонија со ЕУ (блокиран во 2009 година), можноста за отворање на нов граничен премин со Грција, како и идно членство на Македонија во Јадранско-Јонската иницијатива“, потенцира СДСМ во соопштението и во продолжение детално ги објаснува придобивките од грчките отстапки.

Но, ВМРО-ДПМНЕ продолжи да реплицира.

„Наместо конкретни одговори и транспарентност, граѓаните на Република Македонија од СДСМ добиваат само метарски соопштенија без суштински информации. Граѓаните на Република Македонија како носители на суверенитетот на државата имаат право да знаат што се крие зад промената на името на автопатот и аеродромот. Власта е должна за секој суштински чекор кој го презема да ги информира граѓаните“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Дали е сменета позицијата на ВМРО ДПМНЕ?Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Опозицијата во шизофрена ситуација

За аналитичарите ваквите забелешки се смешни, имајќи предвид колку ВМРО-ДПМНЕ беше „транспарентна“ кога преку ноќ им ги стави имињата на споменатите објекти, а граѓаните претходно не беа ни консултирани, ни информирани. На 27 декеври 2006 година, Владата го промени името на аеродромот кај Петровец од аеродром „Скопје“ во аеродром „Александар Велики“. Две години подоцна (2008 година) со одлука на Владата автопатот од границата со Србија (од граничен премин Табановце) до границата со Грција (до граничен премин Богородица) во должина од 173 километри, исто така, во нетранспарентна процедура го доби името „Александар Македонски“.  И двата потега наидоа на жестоки критики во грчката јавност и беа оценети како крадање на туѓа историја.

Но, опозициската партија во соопштенијата не се осврнува на она што се случувало во изминатата деценија. Комуникологот Петар Арсовски не е изненаден од ваквиот однос на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во една шизофрена ситуација. Од една страна е променетата политичка состојба, нивната нова политичка позиција, и притисокот на меѓунардоната заедница за решавање на спорот за името. Од друга страна се ставовите во нивната шаренолика политичка коалиција, но и силните врски со националистичкиот елемент во македонската дијспора и меѓу нивното гласачко тело“, вели Арсовски.

Сепак, доколку во разговорите се дојде до прифатлив компромис, проценува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за такво решение.

„Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е сменета. Секако, не очекувам преку ноќ да станат нешто што не се. Но, во партијата која само до вчера градеше грчки каријатиди во Скопје, денес сепак има видливи промени. На пример, нејзиниот лидер јавно поздравува политика која води кон компромис. Така што, ако се дојде до прифатливо решение, и ако тоа силно биде поддржано од меѓународната заедница, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе нема многу маневарски простор. Многу ќе изгубат ако не поддржи компромис. Тоа ќе биде беспредметно прпелкање на партијата“, смета Арсовски. 

Повеќе на темата: 

Големи придобивки за Македонија од грчките изрази на добра волја

Пет тези за спорот за името

Подобро е да нема договор, отколку да има лош договор за името

Акст: Во спорот за името македонската страна има мала предност

И за нас би било незгодно да е нерешен..“

Дека и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години сметала оти е многу важно да се реши спорот за името, сведочи и „бомбата“ број 33, во која за можните решенија зборуваат Никола Груевски, Антонио Милошоски и Сашо Мијалков. Во неа се зборува и за официјални средби, но и за тајни разговори со две неформални лица од грчка страна, кои во разговорот се опишани како „подебелкиот, едниот што е асли Грк, а другиот малку мешавина“.

Според разговорот, се размислувало „ако тие (Грција-н.з) покажат поголемо разбирање за нашите позиции, спорот се решава, и тужбата (против Грција -н.з.) се повлекува“.

„Не сме само ние во брзање, не сме само ние во голема потреба, туку исто така се и тие. Значи, колку што за нас би било незгодно да е нерешен и да остане нерешен до декември толку и за нив е“, вели Антонио Милошоски.

Во друг разговор, Никола Груевски ја информира Силвана Бонева дека власта прифатила еден предлог што го дел грчкиот претставник: „Беше крајот на јули, почеток на август, кога нивниот претставник даде еден предлог, за тој дел што уште не е решен, пошто добар дел од прашањата ги имаме решено (...) Го мислевме неколку дена и го прифативме. И он вика - е сега треба јас моиве да ги убедам (...) Се јави само еднаш да каже дека сѐ уште нема што да ми соопшти, ни да, ни не. (...) Ја му викам на Филе коа беше, викам еве ние прифативме, еве нека го прифатат они тоа што нивниот претставник го предложи и сме ја завршиле работата, одиме на референдум. Да, ама предолго трае молкот. Па не сум ја крив што предлого трае молкот, не молчам ја они молчат, ха, ха, ха, ха...“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми