1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ од партија се претвори во секта на Мицкоски

23 октомври 2018

ВМРО-ДПМНЕ го дочека Денот на македонската револуционерна борба, 23-ти октомври, во атмосфера на чистки, внатрешни поделби и без надеж дека ќе се демократизира под палката на сегашното раководство

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

 „Чекорење од грешка во грешка“, „Потег на очајници“, „ВМРО-ДПМНЕ од партија се претвори во секта на Мицкоски “... Ова се дел од коментарите на социјалните мрежи, од сите оние што очекуваа дека седницата на Централниот Комитет (ЦК) на најголемата опозициска партија ќе донесе решенија што ќе ја вратат ВМРО-ДПМНЕ на патеката на модерна европска десница. Таквите очекувања паднаа во вода, откако седницата заврши како класична пресметка со сите што не го следат слепо ставот на партиското раководство. „Браво, еднаш засекогаш да расчистиме со предавниците“, „И други треба да се исклучат“, порачуваат приврзаници на Мицкоски, најавувајќи апетити за натамошни чистки. Барањето на ЦК матичниот општински комитет да поведе дисциплинска постапка и да го исклучи од членство Сашо Мијалков, речиси и беше „најавено“ со оглед дека приврзаници на Мицкоски тоа го шпекулираа во изминатите денови, оценувајќи го како главен виновник за „одметнувањето“ на осумте пратеници. Но, изненадување е што партијата побара и исклучување од членство на поранешниот висок партиски функционер и министер за здравство, Никола Тодоров. Негов „грев“ беше што изјави дека треба да се излезе на рефeрендумот, дека на ВМРО-ДПМНЕ не му одговараат предвремени избори, бидејќи го има изгубено коалицискиот потенцијал и дека ќе изгуби на избори ако се соочи со евентуална коалиција меѓу партиите од сегашната власт. По ова Тодоров беше „масакриран“ на социјалните мрежи од приврзаниците на партиското раководство.

Повеќе: 

Чистка во ВМРО-ДПМНЕ: исклучени Мијалков и Тодоров, разрешени Јанчев и Богданов

Пребројување во ВМРО-ДПМНЕ: кој е за и против Христијан Мицкоски

Мијалков во центарот на кавгите во ВМРО-ДПМНЕ

Јанчев: Нема да ме направат помалку вмровец!

Сепак, најголемо изненадување е разрешувањето на партискиот потпретседател, Митко Јанчев, човек со голем углед меѓу членството и еден од најуспешните градоначалници од редовите на оваа партија. Како што соопшти партискиот потпретседател Александар Николоски, Јанчев е разрешен „поради  дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со цел да гласаат за уставните измени, а користејќи најниски методи“.

Јанчев исклучен од партијата, но вели останува вмровецФотографија: Privat

Овие тешки зборови, Јанчев ги нарече „неосновани обвинувања кои се маска за неспособноста за прифаќање на различни ставови и кои покажуваат дека нема место за неостомисленици во врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Овие обвинувања како и симнувањето од функцијата потпретседател нема да ме направат помалку вмровец. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не е подготвено да оди напред, напротив многу круто и агресивно ги 'чисти' оние чии перцепции се насочени кон една таква модерна партија. Како градоначалник на Општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ уште поуспешно ќе ја извршувам оваа функција, а за моето успешно менаџирање со општината сведочи скоро цела една година со голем број реализирани проекти“, изјави Јанчев.

Информацијата за неговото разрешување веќе ја предизвика и првата реакција. Кавдарчанецот Панчо Минов, пратеник на ГРОМ, партија кој е во коалиција во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кого веста за разрешувањето на Јанчев го затекна за време на гостување ТВ „24“, најави дека ќе се збогува со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

- Ако е точна информацијата, јас ќе го прекинам моето членување во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и ќе дејствувам само како пратеник на ГРОМ сѐ додека Христијан Мицкоски е претседател на партијата“, најави Минов.

Реформистите пак на удар

Синоќа на удар повторно се најдоа и реформистите. Со разрешувањето на членот на Извршниот Комитет, Костадин Богданов, тој е втор од редовите на иницијаторите за внатрешни реформи кој разрешен за многу краток период. Претходно партијата го разреши и заменикот-генерален секретар, Петар Богојески. Пресметката со реформистите трае во континуитет, особено откако тие повикаа да се излезе на референдум и ја истакнуваа важноста на интеграциските процеси за Македонија.

„Едноставно, имаме спротиставени визии со претседателот за патот по кој треба да се движи партијата и да се развива државата“, изјави Богданов за „Нова“. „Разликите особено дојдоа до израз во последните неколку месеци кога се актуелизира Договорот од Преспа. Според мене, тоа беше, но и се уште е моментот во кој партијата требаше јасно и конкретно да ја покаже својата евроатлантска заложба. Јас длабоко верувам дека Македонија ќе биде просперитетна држава, членка на НАТО и ЕУ преку Договорот од Преспа. Истовремено, се залагам и ќе се залагам за модерна народна партија во која неистомислениците нема да се исклучуваат од партијата“, рече разрешениот член на ИК.

И неговото разрешување може да се смета за „очекувано“, со оглед дека заложбите за модерна европска десница не фатија корен кај ова раководство на партијата. За „штетноста од реформистите“ синоќа говореше и членот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, во гостувањето на ТВ „Канал 5“. Тој рече дека отсекогаш сметал оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги отстрани таканаречените реформатори, бидејќи ѝ штетеле на партијата.

„Јас уште од старт велев дека реформаторите треба да се исклучат. Не се исклучија и направија проблеми. Направија сѐ за да направат забуна кај членството и кај народот. Ако сега Мицкоски не даде јасен став за партијата и не ги отстрани тие луѓе, ќе донесе негативни последици за партијата“, рече Пандов.

За Груевски нема информации дека работел против партијата, велат од ВМРО ДПМНЕФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Груевски е чист, осумте пратеници да си дадат оставки

Сега и таа желба е исполнета. Како што рече потпретседателот Александар Николоски, ВМРО-ДПМНЕ успеала „да го исчисти она што е лошо од партијата и јасно да го избистри доброто“ и дека „завршува со хипотеките од минатото“. Во хипотеките од минатото не го сметаат поранешниот партиски претседател и актуелен пратеник, Никола Груевски, кој според медиумски информации на 9-ти ноември треба да се јави во затворот во Куманово на издржување на затворската казна од две години. Според Николоски, за Груевски немаат информации дека работел спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Но, имаат за осум други. ЦК синоќа побара „осумте пратеници кои мандатот го добиле затоа што биле на листата на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а кои го изневериле народот и Програмата на партијата, веднаш да поднесат оставка на своите позиции“.

„ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото, доживува своја катарза и продолжува напред силно, реформирано и единствено во идејата за Македонија“, порача Николоски.

„Ако реформата значи чистка, а расколот единство, тогаш сте на вистинскиот пат - кон пропаст. Честит Денот на ВМРО. Тоа не е ден на ДПМНЕ“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.

Денешниот 23-ти октомври, Денот на македонската револуционерна борба,  ВМРО-ДПМНЕ го дочекува во атмосфера на чистки, внатрешни поделби, недоверба и без надеж дека ќе се демократизира под палката на сегашното раководство. Дел структури во партијата и натаму сметаат дека вчерашната седница била фарса, договорено сценарио кое треба да прикаже наводни реформи и дисконтинуитет со минатото, а лидерот да го претстави како одлучен и непопустлив борец за партијата и за Македонија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми