1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ протестира против она што го прифатила?

28 февруари 2017

Решенијата за употреба на албанскиот јазик за кои СДСМ и ДУИ постигнаа согласност се совпаѓаат со нацрт-законот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа прашање, објави Алсат-М. Партијата на Груевски демантира, но се заплеткува во невистини

Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

ВМРО-ДПМНЕ заглави во нови невистини, откако ТВ „Алсат-М“ објави дека дошла до нацрт-законот на ВМРО-ДПМНЕ кој нуди унапредување на употребата на албанскиот јазик во повеќе области. Според телевизијата, поголемиот дел од предлог-законот за употреба на албанскиот јазик, за кој СДСМ и ДУИ постигнаа договор, можеби биле „позајмени“ токму од нацрт-законот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Предлог-законот за албанскиот јазик кој бил постигнат меѓу СДСМ и ДУИ не е предавство, како што тоа му го продава на народот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски“, објави телевизијата, соопштувајќи детали за решенија со кои се согласила партијата на Груевски. Нацрт-законот понуден од ВМРО предвидувал употреба на албанскиот јазик во судски рочишта. Ако во судски процес една од странките - обвинетиот, тужителот, адвокатот или судијата биле Албанци, сите материјали би биле доставени на двата јазика. Двојазичност била предвидена и во Владата и во Собранието (усно и писмено), со што би се ставило крај и на практиката за неупотреба на албанскиот и за време на владините седници. Во сите региони каде Албанците сочинуваат 20 отсто од населението симболите на полициските униформи би биле испишани на двата јазици, а се предлагало двојазични да бидат и таблите на граничните премини во региони населени со Албанци. За Албанците пасошите или личните карти би се издавале автоматски на јазикот на етничката припадност. Не била предвидена двојазичност на банкнотите, но ВМРО-ДПМНЕ мислела албанскиот јазик да се користи на банкарските чекови, мениците или на хартиите од вредност. Казната за непочитувања на овие решенија била предвидена од 4.000 до 5.000 евра во случај на прекршоци од правни лица, а 30 отсто од сумата би се исплаќала од носителот на институцијата, како одговорен. Во нацрт-законот било предвидено Државниот центар за јазици да служи како инспекторат за надзор на употребата на албанскиот јазик од другите институции, објави ТВ „Алсат- М“.

Груевски зборува едно, неговата партија другоФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Груевски го демантира ВМРО-ДПМНЕ

По обелоденувањето на нацрт-предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за употребата на албанскиот јазик, партијата на Груевски синоќа се огласи со демант, тврдејќи дека „никакви манипулации и текстови нарачани од Зоран Заев нема да го исперат од предавството на државните и национални интереси“.

„Телевизија Алсат лаже и очекувано се обидува да го релативизира срамниот чин на Зоран Заев со кој прифати редефинирање на Република Македонија и нејзино трансформирање од мултиетничка во бинационална држава (...) ВМРО-ДПМНЕ не постигна никаков договор со ДУИ околу прашањата кои беа предмет на разговорите за формирање влада. Впрочем позицијата на ВМРО-ДПМНЕ уште од почетокот беше 'Влада да, но не по секоја цена'. Доколку ВМРО-ДПМНЕ сакаше да се пазари на сметка на националните интереси, тоа и ќе го стореше. Прашањата околу извештајот на Прибе и околу продолжувањето на мандатот на СЈО воопшто не беа предмет на разговор со ДУИ. Во однос на првото, двете партии се согласија дека реформите треба да се реализираат, а во однос на продолжување на мандатот на СЈО уште на самиот почеток се констатираше дека постојат различни мислења“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, токму лидерот на партијата Никола Груевски, пред две недели во интервју за ТВ „Нова“ изјави дека разговарале за тие прашања, а за СЈО бил посветен еден ден.

„СЈО беше спомнато во самиот почеток на преговорите и беше укажано (од страна на ДУИ, н.з) дека сакаат да биде продолжен мандатот, а од наша страна рековме дека не сакаме, и тоа беше аргументирано. Лично сум убеден дека и мислењето на ДУИ е изнудено од други фактори. Но, тие рекоа дека е добро да продолжи работата на СЈО. Ние им кажавме зошто не е добро тоа. За СЈО се зборуваше само еден ден од сите денови на преговори“, изјави Груевски, со што отпаѓа тврдењето на партијата дека „тоа воопшто не било предмет на разговор“.

Исто така, откако ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со неуспех ги завршија преговорите за формирање влада, од партијата на Ахмети јавно соопштија дека „била постигната согласност за употребата на албанскиот јазик, а единствената причина поради која не е постигнат договор, било несогласувањето на ВМРО-ДПМНЕ за точката 4 - 'правна држава', во која спаѓаат реформи според Извештајот на Прибе и мандатот на СЈО“.

ВМРО-ДПМНЕ си ја крева популарноста кај Македонците и врши притисок врз политичкиот противнк, вели Африм Гаши од „Беса“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Патриоти се тие што ќе ја решат кризата!

Зошто ВМРО-ДПМНЕ промовира „кратко паметење“ и кому му се потребни невистини кои водат кон создавање тензии во меѓуетничките односи? Особено по понудата на Груевски до Заев да се откаже од договорената „агенда“ со ДУИ, во замена за поддршка од ВМРО-ДПМНЕ? Според Африм Гаши, пратеник и Генерален секретар на движењето „Беса“, таквите изјави се во насока на подигнување на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците и притисок врз политичкиот опонент.

„Ваквата реторика не оди во прилог на подобрување на меѓуетничките односи во државата, кои се еден од најбитните столбови за нејзината стабилност. Македонија не е под ризик ниту од федерализација, ниту од продажба. Ниту некој сака и има полза од федерализација, ниту некој пројавил интерес за купување за некој да ја продава. Македонија е ризикувана од големата политичка и економска криза, која придонесе државата речиси да колабира од големиот криминал и корупција кои владеат во државата. Затоа, тие кои ќе помогнат да се извлече Македонија од кризата, за мене претставуваат најголеми патриоти“, вели Гаши.

Тој е дециден дека заплашувањето на граѓаните со разни измислици не служи никому, освен на оние кои со такви изјави се обидуваат да ја спасат својата кожа. Притоа објаснува какво ваквата реторика се доживува во албанската заедница. 

„На Албанците им е доста од ваквите изјави. Долго време како народ бевме жртви на политичкиот фолклор кој го проповедаа албанските политичари, а одвреме-навреме, во тензични ситуации, сето тоа се комбинираше со 'големите македонски патриоти', кои со изјави или со радикални антиалбански постапки ги креваа тензиите во државата. Крајно време е оваа карта за добивање политички поени да отиде во историја и да се вратиме на реалните проблеми на граѓаните кои чекаат решенија. ДУИ веќе петнаесет години е на власт со ваквиот пристап кој од една страна ги залажуваше Албанците, а од друга страна влеваше несигурност и недоверба кај Македонците. Сите политичари и јавни личности во државата треба да бидат многу внимателни за постапките и изјавите кои се даваат во јавност ако навистина ја сакаме оваа држава и ако навистина сакаме да живееме во развиена, демократска и сигурна Македонија“, вели Генералниот секретар на „Беса“.

Уверува дека решавањето на меѓуетничките проблеми, како што е и употребата на албанскиот јазик, не е само во интерес на Албанците.

„На тој начин се решава и еден голем проблем за државата, особено за зајакнување на внатрешната кохезија. За една земја која сака да биде успешна, затворањето на таквите е проблеми е предност, а не слабост“, дециден е Гаши.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми