1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО vs ВМРО-ДПМНЕ

14 ноември 2020

Што ти е „споделена“ историја: бугарското ВМРО-БНД тврди дека е наследник на историското ВМРО, а ВМРО-ДПМНЕ ги брои конгресите уште од првиот на револуционерната организација во 1893 година. Колумна на Љупчо Поповски.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

На фонот на оваа неразумна блокада во најава на европскиот пат на Македонија од страна на бугарската влада, понекогаш пред, а најчесто зад кулисите, се одвива и своевидна „битка“ меѓу двете ВМРО-а од обете страни на границата за докажување кој е поголем бранител на легендарната револуционерна организација. Во Македонија тоа е ВМРО-ДПМНЕ, а во Бугарија ВМРО-БНД. Двете партии се борат за „најсветото“ во нивните држави – македонското ВМРО за докажување на единствениот македонски карактер и национална припадност на револуционерните херои од крајот на 19. и почетокот на 20. век, а бугарското жестоко тврди дека тие биле само Бугари и ништо друго.

Оваа битка на двете партии е несекојдневен политички феномен. Двете партии се колнат во една иста работа – дека тие се наследници на историското ВМРО. Македонското ВМРО-ДПМНЕ ги брои нејзините конгреси почнувајќи од првиот во 1893 година. ВМРО-Бугарско национално движење на Красимир Каракачанов на почетокот на неговото постоење ја имаше додаваката „Сојуз на македонските друштва“, обидувајќи се себеси да си даде легитимитет дека е наследник на македонските емигрантски организации во Бугарија. Факт е дека во Бугарија, а најмногу во Софија, имаше голем број емигрантски здруженија на протераните или иселени Македонци од другите региони на географска Македонија. Факт е дека нивните архиви имаат извонреден број документи кои зборуваат за македонската револуционерна борба и факт е дека овие организации уживаа сериозна благосостојба и привилегиран статус во бугарското општество во најголем дел до указот на владата од 1934 година со кој го забрани ВМРО, бидејќи нејзиното делување и особено убиства почнаа да стануваат сериозен проблем за државата.

Красимир Каракачанов, лидер на ВМРО-БНД и бугарски министер за одбранаФотографија: BGNES

Кога Љупчо Георгиевски и неколкутемина околу него ја формираа ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година, кога уште постоеше Југославија, тоа како да беше сигнал за невладината организација ВМРО-СМД од Софија дека е време да освои дел од бугарскиот политички простор залагајќи се за „решавање на македонското прашање“. Тој концепт на „решавање“ подразбираше дека треба да се штити „бугарската национална кауза во Македонија“ и борба против „денационализацијата и асимилацијата на бугарското население во Вардарска и Пиринска Македонија“, затоа што организација подразбираше дека Македонците во Пиринска Македонија не можат да бидат ништо друго освен Бугари. Ораганизацијата во 1999 година се трансформира во политичка партија, откако една година претходно ја смени додавката во БНД, а во 1997 година на нејзино чело дојде Каракачанов.

Исти симболи

Двете партии ги имаат истите симболи – партиското знаме е со црвена и црна боја еднакво хоризонтално поставени; тука е и лавот со круна. Па дури делат и некои идеолошки начела: ВМРО-БНД се опишува себеси како конзервативна и патриотска партија (слично како и македонското ВМРО) и сака да се прикажува како заговорник на модерниот национализам. Како социјални конзервативци бугарските вмровци се против истополови бракови (слично како и овдешниве). Но нивните идеолошки креда целосно се разликуваат кога е во прашање идентитетот на Македонците и нивниот јазик, третманот на малцинствата и глобалниот поглед на светот. Македонското ВМРО тука има далеку поголема широчина и поголемо разбирање за модерните текови и за европската архитектура. Ова не е мала разлика, овие идеолошки постулати на македонското ВМРО ја покажуваат неговата проевропска агенда, иако последниве години тоа сериозно тргна по патот на нивните бугарски и други „побратими“ кон десничарскиот популизам.

Други колумни од авторот:

-За Косово, со љубов

-Дали дојде време да се каже – Доста е?!

-Последниот удар на Никола Груевски за ВМРО-ДПМНЕ

 

Може да изгледа како неприкладна оваа споредба на двете главни партии кои го носат предзнакот на ВМРО во Бугарија и Македонија, но тоа на одреден начин го одразува она што сега е модерно да се каже - „споделена историја“. За тоа не може да решаваат историчарите во заедничката комисија, ова е сепак модерно политичко организирање. Разликата, секако, е голема. ВМРО-БНД е ефемерна политичка сила во Бугарија иако е дел од владата, која сега има само 3,8 проценти поддршка во анкетите пред изборите во март следната година, додека ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија која е дел од крвтокот на македонската држава.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Па, сепак, некои од нивните активности денеска можат да водат до една „споделена“ цел – бугарска блокада на преговорите на Македонија со ЕУ. Секако, со различни мотиви. Некои од луѓето што беа дел од овдешните вмровски структури со голема убеденост тврдат дека Христијан Мицкоски и Красимир Каракачанов биле во некаков дослух и дека работеле за некој друг центар на интерес кој е надвор од двете држави. Но тоа се тврдења на кои им недостига опиплива потврда и може да се само дел од огромниот број шпекулации кои кружат околу лидерството на ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот мотив може да биде различен, но крајната цел е една – детронизирање на Мицкоски.

Двата дена

Но да ги погледнеме само последните два дена во Софија и Скопје, па некои работи може да излезат симптоматични. По средбата на Бојко Борисов и Зоран Заев во рамките на Берлинскиот процес, Каракачанов додаде гас на неговата крстоносна војна против македонските власти. За многумина беше неочекувано што тој се појави заедно со Борисов на средбата со македонската делегација, кога тој не е надлежен за надворешната политика, но едно од објаснувањата беше дека Екатерина Захариева уште беше во изолација по министерската средба во Берлин. Во четвртокот тврдеше дека на македонската страна ѝ било понудено да биде потпишан документ со гаранции, а во петокот ја образлагаше бугарската позиција во спорот во парламентот, со образложение дека премиерот Борисов имал други поважни работи. Борисов во тоа време лично раздаваше сертификати низ Бугарија за инвеститори, иако тоа вообичаено се прави во министерството за економија. Тој тврдеше дека индустриското производство расте, иако според официјалните статистички податоци тоа е паднато за три проценти. Ден претходно, во четвртокот, додека Каракачанов по телевизиите го образложуваше наводно непопустливот став Борисов повторно седна во својот џип откако оздраве од Ковид-19 и со двајца доктори на задните седишта возеше по новоизградени патишта за да го покаже успехот на неговата влада со директен пренос на Фејсбук. Пораката беше јасна - премиерот е повторно „во седлото“ и државата треба да се гордее со своите економски успеси, а со националните теми нека се занимава помалиот партнер во владата кој има голем проблем да го надмине прагот за влез во идниот парламент.

Фотографија: Reuters/S. Nenov

Во Скопје, Антонио Милошоски повторно свика седница на собраниската Комисија за надворешни работи, носејќи со себе макета на Никола Димитров и барајќи одговори  за преговорите со Бугарија и ставот на германското претседателство во овој комплициран момент пред министерскиот состанок на ЕУ на 17 ноември. Крајниот резултат требаше да биде жестоко орфрлање на бугарските ставови, некакви заклучоци на комисијата, со кои во основа блокадата на Бугарија ќе беше завршена работа, а преговорите можеби ќе станеа бесмислени.

Повеќе:

-Брисел очекува позитивно решение, Бугарија стравува од странски притисок

-Анкета во Бугарија: Поддршка за влез на Северна Македонија во ЕУ, но условена

-ЕК очекува договор, Заев е оптимист, Софија молчи

Подоцна на пленарната собраниска седница Димитар Апасиев во името на Левица и со поддршка на вмровската опозиција предложи декларација која би требало да се усвои со која сите можни идни разговори ќе станеа одвишни. Во неа стоеше и „итно да престане со работа некридибилната тн. Заедничката меѓувладина експертска комисија со Бугарија поради непрофесионални и манипулативни тенденции за историски ревизионизам, квазинаучни шпекулативни фалсификувања и контроверзна рехавбилитација на големобугарските фашистички идеи...“ и други барања за дефинирање на државните црвени линии. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, таа декларација воопшто не ја стави на дневен ред за разгледување.

Дипломатите ќе речат дека во ваква фаза на деликатни моменти и ангажманот на главните европски престолнини, пред сѐ Берлин, ова ќе го доведе процесот до ќор-сокак. Тоа е дипломатскиот речник. Оној обичниот, политички, тоа го сведува на многу поприземен начин – зошто да ги уништиме шансите што сѐ уште постојат и покрај неразумноста на Софија. За петокот Заев имаше закажано разговор со претседателката на Европскaта комисија, Урсула фон дер Лајен и тогаш што би кажал доколку Собранието расправаше и евентуално усвоеше ваква декларација. Работите ќе беа завршени пред да дојде 17 ноември.

Интересно е што Антонио Милошоски веќе се појавува како неформелен лидер на партијата во Собранието, па и надвор од него. На вчерашната надзорна расправа за пропаѓањето на Еуростандард банка тој го имаше главниот збор, а не координаторот на пратеничката група. Кој знае, може има некакви поместување во вмровските ешалони, можеби во случајот со Бугарија и Преспанскиот договор Милошоски се раководи од очигледната нетрпеливост со Никола Димитров, или можеби е во прашање процесот што треба да се води против него, за што веќе е одобрено обвинението.

Како и да е, двете „споделени“ вмровски партии по 17 номеври ќе можат да водат две различни кампањи за можниот резултат кој совршено ќе им одговара – бугарското ВМРО дека го зачувало „бугарскиот карактер“ на Македонија, а македонското ВМРО дека нивните укажувања за „предавничката политика“ се оствариле. Едните со тоа ќе бараат шанса да го поминат прагот за влез во парламентот, а другите ќе бараат оставка од владата. Да почекаме да видиме што ќе се случи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми