Водач на Ал Каеда уапсен во Либија
6 октомври 2013Абу Анас ал Либи бил уапсен во либискиот главен град Триполи. „Три автомобили го запреле неговото возило, го скршиле стаклото и го принудиле да излезе“, изјави неговиот брат за американската агенција Асошиетед прес. Најверојатно станува збор за специјални единици составени од американски војници и припадници на ФБИ и ЦИА.
САД го бараат Ал Либи со години. Американците распишаа потерница од пет милиони долари по 49-годишникот, кој, како што се тврди, е член на Ал Каеда. Ал Либи се товари за нападите врз американските амбасади во Кенија и Танзанија. Во август 1998 година во бомбашки напади врз амбасадите загинаа повеќе стотици луѓе. САД за нападите ја обвинија Ал Каеда. Анас ал Либи, како што се вели, работел како компјутерски специјалист за терористичката организација. Тој долги години живеел во Иран, а потоа се сокрил во Либија. Владата на Либија била информирана за акцијата на американските сили. Американското министерство за одбрана потврди „дека Либи е уапсен и однесен на сигурно место надвор од Либија“.
Истиот ден елитната американска единица Нејви Силс имаше акција во Сомалија против терористичката група Ал Шабаб. Акцијата е потврдена од портпарол на американското министерство за одбрана, но други детали не се наведуваат. Според американските медиуми, тимот на Нејви Силс нападнал вила на Индискиот океан. Американците претпоставувале дека таму се наоѓа заменик водач на Ал Шабаб, која инаку е одговорна за масакрот во трговскиот центар во Најроби. Во нападот на Нејви Силс имало претсрелка која траела околу еден час. Притоа водачот на Ал Шабаб загинал.
Двете акции на американските сили се одвивале во ист ден сосема случајно. Акцијата во Сомалија била испланирана краткорочно, се вели во владини кругови во Вашингтон. Безбедносните експерти во САД забележуваат дека е невообичаено за вакви акции да се даваат толку многу детали. Тие претпоставуваат дека американскиот претседател Барак Обама со тоа сака да докаже дека САД и натаму со сета жестина ги прогонуваат припадниците на Ал Каеда и на Ал Шабаб. Освен тоа, се сака да се докаже и дека американските специјални единици, и покрај блокадата на дел од владата, се се‘ уште во акција.