1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водич за блокада во ЕУ

21 ноември 2020

Блокадата на ЕУ-буџетот и помошта за корона-кризата покажува колку е важен политичкиот интерес на политичките елити, а не оној на граѓаните. Дел од ова милје во ЕУ го користат и властите во Софија. Пишува Љупчо Поповски.

Symbolbild Flagge EU Erosion
Фотографија: Imago/R. Peters

Може ли најпосле германското претседателство со Европската унија, од кого сите очекуваа целосен успех, да заврши со три големи порази во три од четирите најважни работи кои се на неговата агенда: буџетот за наредните седум години, заедно со помошта за справување со корона кризата; потоа завршување на макотрпните преговори со Велика Британија до 31 декември, кога е последниот ден за склучување договор; и најпосле, исполнување на агендата за проширување и усвојување на преговарачките рамки за Македонија и Албанија. Четвртата е заедничкиот одговор на пандемијата на Ковид-19, овозможување што е можно побрзо да се стигне до вакцината и таа да се распредели на континентот.

Две од овие работи изгледаат неверојатно комплицирани. Преговорите за договор со Британија еден ден одат добро, два дена лошо, а последната информација е дека еден од клучните луѓе во преговарачкиот тим на ЕУ заболел од корона, што предизвика привремена суспензија на разговорите со Лондон. Во однос на бугарската блокада, таа во овој момент изгледа речиси сосема извесна и во декември, иако никој не се откажал од преговорите, кои сега се водат речиси тајно меѓу Берлин, Скопје и Софија.

Најголемиот влог на Германија во овие шест месеци беше усвојувањето на буџетот вреден 1.820 милијарди евра и „лечење“ на државите од Ковид-19 со итна помош од 750 милијарди евра. Сите овие пари треба да се распределат со помош на новиот патоказ за владеење на правото во земјите-членки и токму овде се распадна единството на Унијата без да има на повидок пат за излез од институционалната криза.

Потрага по консензус

За на читателите да им биде појасно што се случува во ЕУ, кога заради една или две држави не може да се постигне консензус, па дури и кога тие земји треба да добијат голем колач од помошта што им е потребна на нивните напатени граѓани, еве еден мал водич за настаните што се случуваа од понеделникот наваму и колку Унијата може и натаму да го издржува ова. И повеќе коментари од учесниците во овој ќорсокак.

Унгарија и Полска во понеделникот на амбасадорскиот состанок го блокираа историскиот буџет и пакетот за обнова. Многу дипломати и функционери главната вина ја насочија кон унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е во постојана битка со европските институции.

„Сите знаат дека ова е ќорсокак. Ние сме на крстосница и никој не знае каде води ова. Единствената работа што ја знаеме е дека целиот пакет не може да биде одобрен сѐ додека Унгарците не застанат на нашата страна“, изјави еден висок функционер на Унијата по колапсот во понеделеникот.

„Ние ќе продолжиме со консулатциите, но во еден одреден момент Унгарците ќе мора да ги покажат своите карти на масата, инаку сме во длабоко ср.ње“, рече овој дипломат.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Во понеделникот, сепак, беше постигнат одреден напредок. Амбасадорите го одобрија самиот механизам за владеење на правото, и покрај забелешките на двете земји, затоа што за усвојување беше потребно квалификувано мнозинство. Но другите работи пропаднаа, без оглед што Полска и Унгарија ќе добијат десетици милјарди евра од пакетот и тие ќе бидат од огромна корист за нивните граѓани. Но не и за политичкиот интерес на нивните политички елити.

Ништо не помогнало – ниту серијата средби, ниту личните, многу приватни разговори на Ангела Меркел и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со лидерите во Будимепшта и Варшава; ниту пак вклучувањето на високи функционери од земјите коишто се најпогодени од корона вирусот – Франција, Шпанија, Италија и Португалија.

Орбан не сака да попушти.

Еден друг европски функционер тоа го опиша вака: „Дури и по разговорите со германскиот канцелар и притисокот на јужните држави, дури ни по сето тоа и сите пари што се во игра, нема придвижување… тие се забрикадирани. Кога некој од партнерите не разбира што е во прашање, колку е ургентна работата, тогаш не можете да најдете никаква логика“.

Оние што се на обвинителната клупа реагираа поинаку. Унгарската министерка за правда, Јудит Варга, вака ја оправда блокадата на Будмпешта: „Нема никакви објективни критериуми или јасна дефиниција што се принципите на владеење на правото, така што не можете да го користите овој механизам за да санкционирате некого. Политичката уцена е многу лоша и неодговорна тактика од Европскиот парламент и од некои од државите-членки“.

Нејзиниот колега од Варшава, кој важи за своевиден јастреб во полската влада, министерот за правда, Збигњев Зиобро, изјави: „Ова е прашање кое ќе одреди дали Полска е суверен субјект во заедницата на ЕУ или ќе биде политички и институционално поробена. Ова не е прашање за владеење на правото, туку за политичко и институционално ропство“.

Други колумни од авторот:

ВМРО vs ВМРО-ДПМНЕ

Дали дојде време да се каже – Доста е?!

Каде владее правото? Сите се грешници

На ова германскиот министер за Европа, Михаел Рот, одговори: „Ако се придржувате до принципите на владеењето на правото, тогаш нема од што да се плашите“.

Но Орбан веќе го доби она што најмногу го сака – да се зборува што е можно повеќе за него и да стане клучен играч во преговорите и покрај многу скромната сила на неговата земја.

Во такво мрачно расположение лидерите на ЕУ се собраа на нивната видео-конференција во четвртокот, но веќе им беше јасно дека она што го пропуштија на самитот во јули, кога се расправаше за владеење на правото и кога беше одреден пакетот за буџетот и помошта, сега тешко може да се надокнади.

Во Македонија генерално има чудење кога за некое прашање што нас нѐ засега нема согласност меѓу членките се поминува како да не постои и се остава за некои други времиња. Истото се случи и во четвртокот, на самитот на кој се разговараше за толку многу милијарди. Точката околу буџетот и помошта за короната траела само дваесетина минути.

Според изјавите на дипломати кои ги пренесоа некои бриселски медиуми, разговорот одел вака: Прво зеле збор Меркел и Мишел да кажат колку е урентна ситуацијата и дека се работи на компромис. Потоа зборувале главните блокатори, унгарскиот и полскиот премиер, Виктор Орбан и Mатеуш Моравјецки, кои рекле дека не се согласуваат со предлогот. По нив се јавил нивниот нов сојузник, словенечкиот премиер Јанез Јанша. Никој од другите учесници на самитот не се јавил да се вмеша и – дискусијата била завршена. Потоа се расправало за пандемијата и за вакцината.

По завршувањето на видео-самитот Меркел на новинарите им изјави: „Ние сме обврзани да го најдеме патот. Јасно е колку е важна оваа работа. Ова е многу сериозен проблем за кој мора да најдеме решение и ќе работиме искрено на тоа. Но јас бев јасна дека верувам оти ќе најдеме многу добар и балансиран компромис“.

На виртуелниот самит на ЕУ, точката околу буџетот и помошта за короната траела само дваесетина минутиФотографија: Olivier Hoslet/Pool/Reuters

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со Шарл Мишел рече: „Луѓето во Европа и бизнисот, компаниите во Европа, итно чекаат на финансирање на оваа невидена криза и длабоката рецесија. Ние сега ќе седнеме да преговараме, ќе ги слушнеме забелешките и ќе се обидеме да ги решиме“. Со други зборови – имаме голем проблем.

Холандскиот премиер Марк Руте беше помалку дипломатски, а повеќе директен по видео-конференцијата: „Ако ме прашувате како да се реши проблемот тогаш ќе ви речам: Прашајте ги двете земји како тие сакаат да се реши. Досега тие ништо не кажале туку само се против“. Потоа искористи и силна метафора: „ЕУ не функционара така што вие ќе ја земете вашата корона пура, ќе повлечете еден дим и ќе чекате додека другите не испорачаат печени кокошки директно во вашата уста“.

Дури и Словачка, една од членките на Вишеградската група, имаше малку разбирање за однесувањето на нејзините соседи. „Не можам да видам ниту еден добар аргумент за ветото на Вишеград-2 во однос на буџетот и владеењето на правото“, рече министерот за надворешни работи Иван Корчок. 

Чекајќи го декември

Утредента, во петокот, Орбан самозадоволен во изјава за Унгарското државно радио рече дека пакетот за буџетот и помошта може наскоро да биде решен. „Разговорите треба да продолжат и на крајот ќе дојдеме до договор, така обично одат работите“. Без да навлегува во детали тој рече дека постојат повеќе начини да се излезе од ќорсокакот „а тие да бидат прифатливи за Унгарија и Полска... каде што ќе одлучуваат легалните аспекти, а не политичкото мнозинство“.

Полскиот премиер Моравјецки зборуваше дека „европската олигархија“ сака да ги малтретира послабите членки на ЕУ. „Вие го користите ова само против нас заобиколувајќи го договорот“, наводно рекол Моравјецки на видео-самитот, но ниту тој ниту Орбан не кажале какви се нивните предлози.

Веднаш по завршувањето на лидерската видео-конференција Европскиот парламент го објави последниот Евробарометар, спроведен од агенцијата „Кантар“, во кој се вели дека дури 77 отсто од Европејците инсистираат европските фондови да бидат поврзани со владеење на правото и демократските принципи. Ова истражување покажува дека Унгарците се најпогодените во целата Европска унија со намалување на приходите од пандемијата. Дури 44 отсто од Унгарците рекле дека имаат намалени приходи. По нив се Шпанците (42 отсто), Кипраните (41 процент) и Грците (40 отсто).

Доколку се стигне до компромис, тоа не значи дека тој ќе помине во националните парламенти и Европскиот парламент на ратификација. Има огромен, преовладувачки блок во Европскиот парламент да не им се попушта на оние што го злоупотребуваат владеењето на правото. Во нордиските земји (особено во Финска) нема расположение за ратификација на договорот доколку им се дадат преголеми концесии на Унгарија и Полска.

Можеби постои некаква шанса за Македонија да биде одобрена преговарачката рамка во декември, кога бугарскиот премиер Борисов ќе се најде сам наспроти сите (фото: германската канцеларка Меркел и бугарскиот премиер Борисов во Брисел, јули 2020)Фотографија: Reuters/S. Lecocq

Работата навистина е во ќорсокак, иако и во побезизлезни ситуации европските лидери успевале да стигнат до решение. Доколку сепак не се усвои буџетот и помошта за пандемијата, ЕУ ќе влезе во своевидна финансиска парализа – ќе се троши само за она што е неопходно, ќе нема помош за структурните фондови, за надворешната политика...

Работата, изгледа, ќе мора да се решава на самитот во декември, со лично присуство на лидерите, и покрај опасностите по здравјето од короната. На вакви маратонски состаноци европските лидери секогаш наоѓале некаков пат за излез, кога притисокот на мнозинство во салата може лично да се почувствува. Можеби тука постои некаква шанса за Македонија да биде одобрена преговарачката рамка кога бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе се најде сам наспроти сите за да ги испорача бесмислените барања за идентитетот и јазикот. Но, само можеби. Борисов знае дека не треба да оди премногу контра против мејнстримот во ЕУ, па неодамна, кога Бугарија беше остро критикувана за назадување и дефицит во медиумските слободи, тој одважно изјави дека го прифаќа условот за владеење на правото, затоа што е „многу важен“. За да може да искамчи нешто позначајно за неговата земја. Дали тоа ќе биде одобрување за блокадата на Македонија, ќе видиме. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми