1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воената акција на САД во Сирија не е решение

Бернт Ригерт / Александар Методијев25 септември 2014

Жил Мерит, експерт за прашања од безбедноста, смета дека американското бомбардирање на позициите на ИД во Сирија не може долго да потрае, бидејќи реакциите нема да бидат позитивни, кога снимките ќе го обиколат светот.

Фотографија: DW/V. Over

Дојче веле: Дали американските воздушни напади врз позициите на Исламската држава во Сирија се навистина пресвртница и одлучувачки удар врз заканата од терористите од Исламската држава?

Жил Мерит: Тоа е тешко да се каже, бидејќи не знаеме што навистина во овој момент се случува таму. Мислам дека никој не верува дека едена така комплексна граѓанска војна, како што е сириската, може да се контролира од воздух. Се зема тежок чекан за со него да се скрши чинија со шпагети. Тешко е воопшто човек да си претстави себеси некакво решение на проблемот. Сигурен сум дека во моментов е многу лошо за Исламската држава што нив ги напаѓа американска сила, ама се сомневам дека тоа е долгорочно решение.

Дојче веле: Дали верувате дека проблемот може да биде решен само со делување на копнените сили, без оглед дали станува збор за локалните борци или за странските трупи од САД?

Навистина мислам дека тука е потребно политичко решение. Појдовната точка мора да бидат односите меѓу режимот на сирискиот претседател Асад и Русија. Дали влијанието кое го има Русија врз Сирија и сите лоши односи со Западот би можеле некако да се доведат во согласност за барем да почне дипломатски разговор? Ми се чини дека ангажирањето на западните трупи - значи американските сили и коалицијата на волните, ситуацијата ја направи уште покомплицирана. Настрана ги оставам воените потешкотии, кога станува збор за стационирање и снабдување на странските трупи во Сирија. Клучното прашање е – како може тоа политички да се реши?

Дојче веле: Во овој момент САД ја спроведуваат операцијата заедно со пет арапски сојузници. Европските сојузници, со исклучок на Франција и Ирак, не учествуваат во тоа. Дали сметате дека Европејците и НАТО можат долго да гледаат се’ со скрстени раце?

Тоа зависи од човечкиот фактор, би можело да се рече. Политиката на Запад, вклучувајќи ги и САД, во голема мера зависи од јавното мислење. Јавното мислење, пак, зависи од сликата за овој судир и сликата на човечкото страдање. Стравувам дека тоа нема да биде посебно рационален политички процес. Тука работите многу зависат од чувствата. Друг фактор е Турција. Турција има амбивалентна улога. Од една страна е членка на НАТО, а од друга страна е директно погодена од судирите во Сирија. Таа има курдско население во сопствената земја, но и од другата страна на сириската граница. Тука има многу фактори и се’ е многу комплексно. Не верувам дека тоа може да се реши по воен пат. Сите треба да седнат заедно и најнапред да се позанимаваат со големите проблеми.

Дојче веле: Меѓутоа, САД сега се одлучија за воено решение. Колку долго би можела да трае оваа воена кампања?

Јас тоа не би го нарекол воено решение. Тоа е воен одговор. Би требало да се извлече поука од случувањата во Либија. Таму САД не беа директно вмешани, но Европејците бараа воено решение и предизвикаа граѓанска војна. Состојбата во Сирија е уште помалку предвидлива, отколку она во Либија. Идејата дека нешто би можело да биде запрено ми изгледа нереална. Колку ќе потрае додека Пентагон да и’ јави на Белата куќа дека акцијата е успешно завршена – тоа не можам да го кажам. За тоа можам само да шпекулирам. Мислам дека овие напади нема да траат долго, бидејќи кога сликите од воздушните напади и нивните последици ќе станат јавни и ќе ја обиколат земјината топка, ќе има реакции. А, тие реакции нема да бидат баш позитивни.

Дојче веле: Гледате ли во сето тоа некоја улога на Европа? Зар немаат Европејците свој интерес, бидејќи заканата од Исламската држава е реална?

Да, би требало да се погрижиме за за ’божјите војници’, кои се враќаат, а очигледно постојат илјадници такви. Не верувам дека Исламската држава ќе почне контролирана серија напади во Европа. Тоа ми изгледа нереално. Мерките за безбедност се многу добри. Европа во овој момент не е способна за политичко делување, бидејќи имаме смена на врвот на Европските институции, значи Европската комисија и Парламентот. Она што на Европа и’ е потребно е да се согласи околу заедничкиот политички став.

Жил Мерит е претседател на организацијата „Агенда за безбедност и одбрана“ од Брисел, кој се занимава со воени прашања во Европа и со трансатлантските односи. Британскиот експерт за безбедност е долгогодишен дописник за „Фајненшал тајмс“ од Брисел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми