1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воената индустрија зависна од политичките одлуки

Хеле Јепесен/бг15 декември 2014

Пазарот за големите произведувачи на оружје пред сѐ е во нивните сопствени држави. Тоа го намали прометот на западната воена индустрија, а го зајакна рускиот, наведува Институтот за истражување на мирот СИПРИ од Стокхолм

Фотографија: DW

Со години наназад пазарот на воената индустрија беше непроменет. Речиси сите производители на оружје доаѓаа од САД, западна Европа или Русија. Но сѐ повеќе на пазарот се туркаат и фирми од други земји, се наведува во извештајот на Институтот за мировни истражувања од Стокхолм, СИПРИ. Денес, меѓу најголемите 100 светски производители на оружје се вбројуваат и фирми од Турција, Индија, Бразил, Сингапур или Јужна Кореја.

„Тоа пред сѐ е поврзано со политичката желба да се има сопствен производен капацитет“, вели шефицата на тимот кој го спроведе истражувањето Ауде Флуран. „Бразил, Турција или Јужна Кореја се земји кои целно следеле одредена политика за да ги унапредат воените капацитети во сопствената земја“.

Но, иако тие земји се наоѓаат меѓу 100-те најголеми производители на оружје, самиот список не претрпе значајни промени. Две-третини од фирмите се наоѓаат во САД или во други земји-членки на НАТО. Тие сочинуваат 84,2 отсто од светската воена индустрија.

Институтот од Стокхолм во својот извештај наведува дека во 2013 година е забележан пад на прометот од 4,5 проценти кај 38-те американски фирми кои се наоѓаат меѓу првите 100. Главни причини за падот на продажбата се повлекувањето на американската војска од Ирак и Авганистан, како и намалувањето на буџетите.

Ракети од типот „Томахавк“Фотографија: AFP/Getty Images/Vincent Yu

Руската индустрија во замав

Од друга страна, руската воена индустрија може да се пофали со раст на порачките. Во извештајот на СИПРИ се наведува дека прометот на руските фирми, кои се наоѓаат меѓу првите 100, пораснал за 20 проценти. Минатата година руската фирма „Тактикал Мисајлс Корпорејшн“ забележала зголемување на продажбата за 118 отсто во споредба со 2012 година. „Растот на руските фирми може да се објасни најпрво со порастот на трошоците на тамошната влада“, вели Ауде Флуран.

Владата во Москва со години целно вложува во модернизацијата и вооружувањето на армијата, пред сѐ со потпирање врз домашната индустрија. „Дали тоа ќе можат да го финансираат зависи пред сѐ од цената на нафтата“, вели директорот на Институтот за мировни истражувања од Хамбург, Михаел Брзоска. Дополнителен проблем, руската воена индустрија има поради војната во Украина, од каде во голем дел се набавуваат материјали и суровини, во прв ред од Доњецк и Харков.

Кинеска воена парадаФотографија: AP

Кина никој не ја брои

Интересно е тоа што еден глобален играч никогаш не се појавува на листата на СИПРИ, а тоа е Кина. Причината не е во тоа што Народната република нема фирми кои би можеле да се најдат на листата, туку што не постојат сигурни информации за кинеското воено производство. Брзоска проценува дека Кина денес издвојува меѓу 50 и 60 милијарди евра годишно за воени потреби. „Кина е веројатно втор по големи производител на оружје во светот, според обемот“, вели тој. Кинескиот извоз, според Брзоска, се проценува на околу 2-3 милијарди евра годишно, а во најголем дел се работи за едноставни производи како муниција, мало оружје, мини итн.

Конечно, дали, колку и каде ќе се продава некое оружје зависи во прв ред од политичките одлуки, без разлика дали се работи за Кина или Германија.
„Сепак тоа не е 'нормална' индустрија. Тоа некој вид 'политичка индустрија' која во голема мерка зависи од политичките одлуки“, вели Брзоска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми